Македонија
Петровска во Грац – форматот: градењето отпорност е најдобрата одбрана против растечките безбедносни предизвици
„Најдобриот одговор на денешната безбедносна реалност е градењето на една сеопфатна општествена отпорност, преку засилена соработка особено преку регионални и меѓу-регионални иницијативи како што е Грац – форматот“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешниот состанок во Кремс, Австрија на кој учествуваа министрите за одбрана на Австрија и петте балкански земји – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
Министерката порача дека руската агресија врз Украина, вклучувајќи ги и нападите врз украинската инфраструктура, претставуваат базично непочитување на меѓународното право и непочитување на Повелбата на Обединетите Нации. Северна Македонија, рече Петровска, од првиот момент ја осуди оваа инвазија и даде целосна поддршка на Украина и украинскиот народ во заштитата на својата независност и сувереност.
„Постојаните напади врз инфраструктурата во Украина покажуваат дека земјите мора да се фокусираат токму на градењето на отпорност, размената на информации и на научени лекции како подобро да се организираат во заштитата на критичната инфраструктура и есенцијалните услуги за граѓаните, но и економиите“, подвлече Петровска.
Министерката се осврна и на неколку модули за развој на клучен персонал организирани во овој формат, како Регионалниот курс за стратешко лидерство и Курсот за цивилно-воен кризен менаџмент, за кои рече дека се одлична можност претставниците на земјите да работат заедно, да разменуваат идеи како да се справиме со предизвиците и како да ги развиваме вештините на нашите идни лидери.
Во контекст на растечките закани, министерката ја спомена и борбата со дезинформациите и хибридните закани, при што информираше за реализацијата на првиот пилот – курс за справување со дезинформации и градење отпорност во НАТО – партнерскиот центар во Северна Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста.
„Главната цел на овој Курс е да развиеме способности за детекција и справување со дезинформациите, мисинформациите и пропагандата кои се сериозна закана за нашите современи општества“, рече министерката и додаде дека овој курс на меѓународно ниво ќе биде достапен во втората половина на следната година.
Соработката во форматот Грац е иницирана од Австрија во 2018-та година, како начин за засилување на безбедносната соработка со земјите од Западниот Балкан, за што беше потпишана и Заедничка декларација. Овој формат има за цел да овозможи поинтензивен дијалог и соработка во справувањето со современите предизвици како миграцијата, хибридните закани, потоа учеството во операциите на Европската Унија, градењето на капацитети и приближувањето на регионот кон Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

