Македонија
Османи одржа предавање на колеџ во Варшава: „Нема место за агресија во Европа во 21. век“

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи одржа предавање на Колеџот на Европа во кампусот Натолин во Варшава, следствено по учеството на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Лоѓ и симболичното предавање на претседавањето со Организацијата на нашата држава за 2023 година.
Осврнувајќи се на руската агресивна војна против Украина, која е во фокусот на нашето претседавање со ОБСЕ идната година, министерот Османи говореше за заедничката посветеност на Евро-атлантската кауза – каузата на безбедност, слобода, демократија и еднаквост – и силната решеност, спротивно од очекувањата, да застанеме во одбрана на истата, и покрај обидите да биде скршена со демагогија, лажни наративи или хибридни закани.
„Нема место за агресија во Европа во 21-от век. Не, по она што сите ние, европските народи, го издржавме и низ кое поминавме во минатиот век: две разорни војни, поделби, страв од нуклеарен Армагедон и генерации изгубени во идеолошката магла што го покрива тоталитарното владеење над источниот дел на нашиот континент. Не, по падот на Берлинскиот ѕид, повторното обединување на голем дел од Европа и усвојувањето на Париската повелба која само ги потврди, во новиот дух на соработка и конструктивност, принципите на Завршниот акт од Хелсинки, веќе договорени за време на Студената војна. Не, покрај се што направивме како инвестиција во мир, стабилност, демократски развој и поредок заснован на владеење на правото, човековите права, социјалната правда и просперитетот за сите“, истакна Османи.
Зборувајќи за нашите приоритети како следен претседавач со ОБСЕ, Османи подвлече дека ќе се обидеме да изнајдеме начини за зајакнување на ОБСЕ, без да штедиме енергија или време за да ја направиме Организацијата да одговара на нејзината цел и да ја зајакне својата важност во денешниот сложен геополитички контекст. Но како што рече Османи „ за суверенитетот на државите, неповредливоста на меѓународно признатите граници, почитувањето на човековите права и другите елементи од Декалогот на ОБСЕ не се преговара, не само затоа што во одреден момент беа договорени од сите и сè уште се почитувани од огромното мнозинство од земјите-учеснички , туку едноставно затоа што нема друга алтернатива. Не можеме да дозволиме или да признаеме територијално освојување и промена на границите со војна, ниту да прифатиме враќање на сферите на влијание, владеење на сила и правото на најсилните да одлучуваат за судбината на другите народи.“
На крајот од своето обраќање, министерот ја истакна важноста на заокружувањето на европскиот проект како најдобра инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица: Со почит кон борбата од минатото и визија за промени во сегашноста

По повод 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ Левица положи цвеќе на Могилата на непобедените и пред споменикот на Кузман Јосифовски-Питу во центарот на Прилеп. Во полна со дух и средечна атмосфера партиска делегација, предводена од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, одржа средба со граѓани на која беше презентирана програмата за Прилеп, се наведува во соопштението на Левица.
Симболиката на денов би требало да ја разбуди свеста на прилепчани и да покажат дека се народ кој е спремен за револуција, и на следните локални избори да изберат советници кои вистина ќе се борат за Прилеп, преку конструктивна критика и објективни одлуки, изјави Жарко Стеваноски, кандидат за советник во Општина Прилеп.
На народната средба носителот на советничката листа на Левица во Прилеп, Методија Костоски, ги претстави четирите главни приоритети на програмата.
„Прво ќе направиме сеопфатна ревизија на сите поголеми проекти, особено на тие што немаат технички прием, заедно со целиот движен имот со кој располага партијата. Следно е инклузија на граѓаните. Сакаме да ги отвориме вратите на општината и да ги вклучиме сите во процесот на одлучување. Трето, а можеби и најважно, е сообраќајниот хаос со кој се соочува Прилеп. Мора да почнеме со регулирање на сообраќајот. Ќе поднесеме иницијатива за укинување на платеното зонско паркирање. Четврто е контрола врз финансиското работење на јавните претпријатија“, истакна Костоски.
И покрај силната цензура кон нив, од Левица порачуваат дека нема да се предадат и ќе продолжат со директни средби со народот низ целата држава, за да ја донесат борбата за правда и транспарентност во секоја општина.
Македонија
Од утре секој ден по 15 часот ќе има блокади за загинатите во дискотеката „Пулс“

Од утре, ќе има мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мостот на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани. Блокадите ќе траат по еден час секој ден, во периодот од 15:15 до 16:15 часот, се додека не започне судењето.
Ова го најавија родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 март, од 26. „Марш за ангелите“ одржан денеска пред Основниот суд во Кочани, испровоцирани од тоа што, според нив, адвокати на осомничените изјавиле дека судењето ќе трае 10 до 15 години.
– Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите во трагедијата. Таквите зборови звучат како обид да се подготви јавноста за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме, рече мајка на загинато девоче пред новинарите.
Родителите на настраданите бараат да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Исто така, нагласија, рочиштата мораат да добијат приоритет и постојано темпо, со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Тие се сомневаат во манипулации или скриено забавување на судскиот процес, бараат јавно и транспарентно следење на сите процесни активности.
-Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, порачаа членови на семејства што загубија свои блиски во мартовскиот пожар во „Пулс“.
Денешниот 26-ти „Марш за ангелите“ во Кочани, вообичаено започна од „Паркот на Револуцијата“ каде и заврши. Попатно, петнаесетина минути беше блокиран сообраќајот на кружниот тек пред двојниот мост, токму на местото каде што од утре па натаму се најавуваат јавни собири и блокади.
Македонија
Жените од бизнис-секторот го поканија Орце Ѓорѓиевски на ручек

Актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода, претседател на ЗЕЛС и кандидат за прв човек на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски присуствувал на ручек со жени од бизнис-секторот.
Тој на Фејсбук објави дека на покана од мрежата „Јас сум жена“ денеска, заедно со неговата сопруга, бил на собир со жени претприемачи, универзитетски професорки, директорки , како што наведе:„силни, самостојни и успешни жени кои го движат Скопје и ја градат посилната Македонија“.
– Разговаравме искрено за предизвиците и за идеите што можат да го унапредат нашиот град. Едно е јасно – Скопје мора повторно да стане отворен град, град во кој комуникацијата со граѓаните и деловниот сектор ќе биде жива, достапна и продуктивна. Им благодарам од срце за силната поддршка која ми ја даваат, за инспирацијата и енергијата што ја носат, напиша Ѓорѓиевски на социјалната мрежа.