Македонија
„Како до ефикасна заштита во случаите на сексуално насилство?“
Мрежата за заштита од дискриминација одржа промоција на документот за јавни политики со фокус на силување и сексуално вознемирување „Како до ефикасна заштита во случаите на сексуално насилство?“.
Настанот се организираше во рамки на обележувањето на меѓународната кампања 16 дена активизам против родово-засновано насилство. Неговата цел беше да промовира предлог-решенија за ефикасна заштита на жртвите на сексуално насилство во согласност со веќе прифатените обврски од Истанбулската конвенција и да побара итно донесување на измените на Кривичниот закон (КЗ).
Во периодот на чекање на измените на КЗ, кои поминаа на првото читање во Собранието на РСМ, после повеќе од една година може да се посведочи на несоодветно спроведување на постапките за кривичен прогон на сторителите на сексуално насилство, одолговлекување на постапките, несоодветно квалификување на делата и неосновано прекинување на прогонот со што се казнуваат жртвите наместо сторителите.
Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација и правна советничка во Коалиција МАРГИНИ го отвори настанот укажувајќи дека „одолговлекувањето на донесувањето на измените на КЗ значи дека сѐ уште немаме консензус меѓу политичките партии по прашањето за заштита на жртвите од родово-засновано и од сексуално насилство“. Дрндаревска зборуваше за предлог амандманите кои Мрежата за заштита од дискриминација и Родовата платформа ги доставиле во Собранието со кои се бара да се промени дефиницијата за сексуално вознемирување. „Во текстот е инкриминирано само сексуалното вознемирување од страна на лице во однос на кое жртвата е во подредена или ранлива состојба, со што не се опфатени случаите кога сторител е колега на иста позиција, со-ученик, колега на факултет или трето непознато лице. Исто така не е предвидено сексуалното вознемирување онлајн, иако Истанбулската конвенција тоа го бара. Случајот Јавна соба се однесуваше на сексуално вознемирување онлајн, а еден од изговорите за непостапување во случаите кон полнолетните жртви беше фактот дека делото не е предвидено во КЗ“, посочи таа.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска потенцира дека e многу важно делото силување да биде видоизменето како согласноста би била клучна за негово докажување, бидејќи сегашниот Закон бара употреба на сила спротивно на меѓународните стандарди што воедно преставува практична пречка за прогон на сторителите во многу случаи. Пировска додаде дека согласноста треба да биде дадена доброволно, без присила, уцена и принуда и да се цени согласно околностите на секој случај засебно.
Елена Димушевска, Извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, на увид даде сознанија за малиот процент од 2% на пријавување на насилства во нашата земја од вкупниот број на случаи во стварноста, што значи дека вистинската бројка на случаи би била алармантна. Според неа, нашите институции не се запознаени со механизмите за поддршка и ретко ги упатуваат жртвите во некои од регионалните центри за нејзино обезбедување. „Процедурата изготвена од Министерството за здравство само ја охрабрува праксата на виктимизација, поради што двојно е помал бројот на пријавени жртви и на оние што добиле услуги од центрите“, посочи Димушевска. Таа објасни дека дури и кога жртвите се одлучуваат да пријават, тие ненавремено добиваат помош и чекаат со часови, што се должи на нерегулираната вработеност и волонтерска работа во центрите. Токму затоа се порачува Министерството за здравство да алоцира доволно финансиски средства за решавање на овие проблеми и мотивирање на жртвите да пријавуваат насилство, што е услов за започнување на процедури на гонење на сторителот.
Снежана Калеска-Ванчева, претседателка на Законодавно-правна комисија на Собранието на Република Северна Македонија изјави дека „измените на КЗ ќе значат вистински почеток на имплементацијата на Истанбулската конвенција, чиешто ратификување се должи на притисокот на жените пратенички во Собранието“. Пратеничката истакна дека амандманите на граѓанските организации се земаат сериозно предвид, но не беше во можност да каже дали и во кој степен ќе се прифатат.
Тона Карева, правна советничка од Хелсиншкиот Комитет за човекови права и членка на Мрежа за заштита од дискриминација, истовремено авторка на документот за јавни политики, ги презентираше наодите од истиот. „Сексуалното насилство што е фокус на овој документ, како едно од насилствата врз жените, е форма на родово-засновано насилство кое непропорционално влијае врз жените. Во најголем број од случаите, пак, мажите се сторителите. Кога ќе се слушне дека некоја жена била жртва на сексуално насилство, вината најчесто се бара кај неа“, изјави таа. Токму затоа Карева ја презентираше компаративната анализа вклучена во публикацијата која опфаќа добри практики од три држави и различни случаи, и ги претстави различните форми на сексуално насилство, вклучувајќи ги сексуалното вознемирување, експлоатација, насилство, напад и силување. „Во овие случаи станува збор за многу повеќе од само физички последици. Овие случаи имаат огромни психолошки последици и насилството што жртвите го искусуваат влијае и на нивните блиски. Документот дава анализа на меѓународните стандарди за заштита од сексуално насилство, како што се: Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените – ЦЕДАВ, Декларацијата за елиминирање на насилството врз жените и Конвенцијата за превенција и борба против силувањето врз жените и семејното насилство позната како Истанбулска конвенција“, појасни таа.
Ангелина Станојоска, професорка по криминологија на Правниот факултет при Универитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, го затвори настанот укажувајќи дека овој документ е значаен за подобрувањето на актуелните инкриминации. „Всушност препораките што документот ги дава би овозможиле целосна усогласеност на меѓународните документи и на законите што ги имаме сега“, вели таа. „Кога станува збор за профилите на сторителите првично треба да ги видиме факторите што му претходат на постоењето на сексуално насилство. Дијана Скали вели дека силувањето не е само збир на биохевиорални техники, туку и стереотипи и искривени вредности што постојат во едно општество и го учат човекот дека одредени акции се оправдани. Истражувањата покажуваат дека силувањето е генерално средство со кое најчесто мажите ги заплашуваат жените. Важен аспект што одговара на македонското општество е дека силувањето е резултат на општествено учење, на тоа како медиумите на пример ги прикажуваат жените…“, укажа Станојоска. „Во однос на превенцијата многу е важно како ги едуцираме младите, како ги учиме момчињата и девојчињата дека треба да се однесуваат, да ги напуштиме родовите стереотипи… момчињата да не се едуцираат да бидат доминантни, додека девојчињата се учат да бидат во улога на предмет. Ваквата едукација мора да биде спроведена од страна на државата, бидејќи образованието во домот не е доволно.“
Документот може да го најдете во целосна верзија на веб-страната на МЗД.
Овој настан како и подготвениот документ за јавни политики се активности во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Унапредување на политиките и практиките за заштита од дискриминација и промоција на еднаквост“, кој е финансиски поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани-Розенкранц: Процесот на пристапување во ЕУ треба да се води исклучиво врз основа на заслуги, а не на билатерални условувања
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, утрово беше домаќин на министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Јесика Розенкранц, која вчера и денес престојува во работна посета на Република Северна Македонија. Во рамките на состанокот во Министерството за европски прашања се одржаа тет-а-тет средба и пленарен состанок на делегациите, на кои се разговараше за европската интеграција на Северна Македонија, билатералната развојна соработка и поддршката на Шведска во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Муртезани ја истакна важноста на одржувањето на кредибилитетот на политиката на проширување како еден од клучните инструменти за стабилност и просперитет на континентот. Тој нагласи дека Северна Македонија останува посветена на реформите и на спроведувањето на Копенхашките критериуми како основен патоказ за членство во Унијата. Во тој контекст беше потенцирано дека процесот на пристапување треба да се води исклучиво врз основа на заслуги, а не на билатерални условувања кои не произлегуваат од европското право и принципи. Муртезани додаде дека обновената динамика на проширувањето е можност да се врати довербата во европската идеја и дека Северна Македонија е подготвена да биде дел од новиот бран интеграција кој ќе ја направи Европа посилна и пообединета.
На средбата се разговараше и за имплементацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и Реформската агенда, како главни механизми за поддршка на економската интеграција и структурните реформи. Муртезани истакна дека Северна Македонија досега успешно реализираше значаен дел од обврските предвидени во првата фаза на Агендата, особено во областа на владеењето на правото, дигитализацијата и деловното опкружување. Двајцата министри се согласија дека Планот за раст претставува нова можност за економска конвергенција со единствениот пазар на ЕУ и дополнителен поттик за регионот да напредува кон одржлив раст и конкурентност.
Во рамки на разговорите беше посебно нагласено значењето на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Шведска, која се одвива континуирано преку проектите на Шведската агенција за меѓународна развојна помош СИДА, во согласност со Стратегијата за реформска соработка со Западен Балкан и Турција 2021-2027. Преку оваа програма Шведска поддржува проекти во областите на човековите права, демократијата, родовата еднаквост, заштитата на животната средина и инклузивниот економски развој. Меѓу најзначајните иницијативи се соработката на државните статистички служби, зајакнувањето на капацитетите на јавната администрација, поддршката на жените во руралните средини, проектите за квалитетен воздух и одржлива енергија, како и помошта за унапредување на транспарентноста и отчетноста во институциите.
Муртезани и Розенкранц оценија дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Шведска се одликуваат со стабилност, заемно почитување и континуирано јакнење на соработката во сите области. Муртезани изрази благодарност за досегашната поддршка и уверување дека оваа посета ќе придонесе за продлабочување на заедничките иницијативи, особено во сферата на зелената и дигиталната транзиција, иновациите и економскиот развој. Во услови на глобални предизвици, соговорниците се согласија дека обединета и стабилна Европа може да се гради само преку партнерства засновани на доверба, солидарност и заеднички вредности.
Македонија
Годинава повеќе разводи и помалку бракови од лани
Во третото тримесечје од годинава бројот на разведени бракови во споредба со истиот период лани е зголемен, додека бројот на скучени бракови во споредба со лани е намален, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во третото тримесечје од годинава се склучени 3.514 бракови што е намалување за 2,8 проценти во споредба со истиот период лани, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).
Од јули до септември годинава регистрирани се и 470 разведени бракови, што, пак, е зголемување од 27,7 проценти во однос на бројот на разводи во овој период лани.
Македонија
Каде завршила пченицата од стоковите резерви во вредност од 800 илјади евра во време на власт на СДС и дали, покрај Димковски, профитирал и Љупчо Николоски, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Според ВМРО-ДПМНЕ, со секој изминат ден криминалните структури на СДС се повеќе излегуваат на површина.
Случајот со државните стокови резерви, како што велат од оваа партија, ја покажа целата нечесност и криминогеност на кадрите на СДС, кои лична корист се спремни да го жртвуваат дури и лебот на народот.
„Во последната акција на истражните органи, заедно со уште четири службени лица, опфатен е Трајан Димковски, дел од раководните структури на СДС кој е поранешен министер и заменик министер за земјоделие, како и шеф на кабинет на Љупчо Николовски.
Димковски се товари дека во периодот од 2019-2021 година, заедно со другите службени лица, направил отпис на 2.000 тони пченица и јачмен од државните стокови резерви, во вредност близу 800.000 евра.
До владата, Димковски поднел записник дека има кусок на 2.000 тони јачмен и пченица од стоковите резерви за период од 2007 до 2021 година, а владините претставници како Филипче, Заев и Николовски го донеле заклучокот на владина седница.
Не само што не провериле пред да се донеси заклучокот на владината седница, туку истите овие лица знаеле дека нема законска основа да се зема предвид тој период, затоа што во 2019 година била извршена целосна обнова на складираната пченица и јачмен, а до 2019 се правеле редовни контроли каде не бил констатиран кусок“.
Со други зборови, појаснуваат од партијата на власт, пченицата била отпишана, иако постоела и била употреблива, а кусокот, веројатно, бил за периодот од 2019 до 2021 година.
Вреди да се напомни, додаваат од оваа партија, дека тој период се поклопува енергетската криза и со корона периодот, каде цените на храната вртоглаво растеа, и затоа јавноста заслужува да знае каде завршиле овие 2.000 тони јачмен и пченица.
Прашуваат, дали е точно дека завршиле на црниот пазар во некоја од соседните држави и дали и Љупчо Николовски, покрај Димковски и останатите, профитирал од овој криминал врз грбот на граѓаните, па за тоа сега е гласен во јавноста исплашен од одговорност.
„Граѓаните заслужуваат одговори, одговорност и целосно расветлување на случајот. Секој кој профитирал врз грбот на граѓаните да сноси одговорност и СДС да престане да ги брани криминалците од своите редови“.

