Свет
(Видео) САД го претставија новиот стелт бомбардер, може да носи и нуклеарни бомби
САД синоќа го претставија својот нов стратешки стелт бомбардер Б-21 Рајдер, авион што може да лета без екипаж и да изведува нуклеарни напади со долг дострел, како и да користи конвенционално оружје.
Авионот беше претставен синоќа во Палмдејл, Калифорнија, на една од локациите на неговиот производител „Нортхорп Груман“.
Пентагон планира да купи најмалку 100 такви авиони по цена од речиси 700 милиони долари по авион.
– Б-21 Рајдер е првиот стратешки бомбардер по речиси повеќе од три децении, изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин.
Американската војска не открива многу информации за можностите на авионот Б-21, чии технички карактеристики се класифицирани.
– Новиот авион има дострел што не може да го достигне ниту еден друг бомбардер со долг дострел. Авионот е еден од најиздржливите бомбардери некогаш произведени, посочи Остин.
Како и повеќето неодамнешни модели на авиони на американската војска, како што се ловците Ф-22 и Ф-35, Б-21 ќе биде стелт.
– Дури и најнапредните системи за противвоздушна одбрана ќе имаат потешкотии да го детектираат Б-21 на небото, наведе Остин.
Првиот лет на Б-21 е закажан за 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Лавина во Калифорнија: Осум скијачи загинаа, еден е исчезнат
Осум скијачи загинаа, а еден е исчезнат во лавина во планините Сиера Невада во Калифорнија, соопштија властите во среда, во една од најсмртоносните вакви несреќи во историјата на САД. Спасувачите извлекоа шест преживеани по снежната бура што фрли неколку метри нов снег во Сиера во последните денови.
Лавината се случи во 11:30 часот наутро во близина на Касл Пик во Траки, Калифорнија, 15 километри северно од езерото Тахо, и затрупа група скијачи.
Преживеаните се засолниле под церади и комуницирале со спасувачите преку радио и СМС-пораки. Скијачите завршувале тридневно патување со водич. Во групата имало 11 од нив и тие престојувале во колиби на надморска височина од 2300 метри.
Сиера Невада добива повеќе од 9 метри снег во типична зима, што ја прави едно од најснежните места на западната хемисфера. Во текот на изминатите десет години, лавините во САД убиле просечно 27 луѓе годишно, според Центарот за лавини во Колорадо.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.

