Македонија
Османи смета дека уставните измени треба што побрзо да стигнат во Собранието и темата да биде затворена
Темата за уставните измени треба што побрзо да биде отворена во Парламентот вели министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој на денешниот брифинг со новинарите апелираше политичките партии да постигнат консезус во врска со европските прашања и да биде постигнат договор околу тоа дека кој и да биде на власт нема да има разлики во однос на ова прашање.
„Погрешно е размислувањето дека ние преговараме со Европската Унија. Фиксни се регулативите и директивите. Вие мора да ги прифатите такви какви што се за да станете членка. Без разлика дали е СДСМ на власт или ДУИ или ВМРО, никој нема можност нешто да смени во делот на преговорите со Европската Унија. Единствено што може да смени е во динамиката на испорачување и во прифаќање“, потенцираше Османи.
Османи смета дека оваа тема конечно треба да биде затворена затоа што вели граѓаните без разлика на тоа на која политичка провиниенција и припаѓаат сакаат влез во ЕУ.
„Ако нема разлика, зошто тогаш да не ја оставиме оваа тема на страна, во интерес на граѓаните кои сакаат ЕУ и од едната и од другата страна на политичката сцена. Имаме доволно други теми за расправање“, рече Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вјолца Бериша ќе раководи со Министерството за земјоделство до изборот на нов министер
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека со верификацијата на претеничкиот мандат на 28.05.2024 година на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заврши извршувањето на функцијата министер.
Со министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до избор на нов министер, со министерството ќе раководи заменик министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство Вјолца Бериша.
„Во овој период, согласно овластувањето од 27.05.2024 година, заменик министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство Вјолца Бериша, во целост може да ги извршува тековните активности за непречена работа на министерството, а веќе извршена е и измена и во Централниот регистар“, велат од МЗШВ.
Македонија
185 санкционирани возачи на мотоцикли
Во текот на вчерашниот ден во периодот од 15.00 до 22.00 часот спроведена е акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, при што санкционирани се 185 возачи, извести МВР.
„Од нив, 113 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, 33 возеле без возачка дозвола, седум мотоцикли се одземени поради истечена сообраќајна дозвола и предизвикување голема бучава… За време на контролата санкционирани се и 197 други видови на сообраќајни прекршоци“, соопшти МВР и додаде дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
ДС: Брза промена на надлежностите на некои министерства, за да се формира нова Влада и да се спречи целосен колапс на државата
Демократскиот сојуз смета дека промената на надлежностите на некои министерства и формирањето нови треба да се одвива со брзо темпо за да се формира нова Влада и да се спречи целосен колапс на државата.
„Сведоци сме на целосно разградени институции и нивна неефикасност и разнебитеност. Најеклатантен пример е Министерството за здравство, каде Клиничкиот центар е во целосен колапс и истиот не може да обезбеди врвна здравствена заштита на граѓаните.
Состојбата е слична во многу други институции, а перфидните најави и закани за дестабилизација на државата на етничка основа само ја изоструваат потребата од брзо формирање Влада, која треба да профункционира со полн капацитет.
Добро е во Парламентот да има координации, усогласувања и компромиси, но врвен државен интерес е реорганизација на министерствата и избор на нова Влада. Сѐ друго е политизација и манипулација, на штета на интересите на граѓаните“, велат од Демократскиот сојуз.