Македонија
Полиција или цензори: скандалозно избришан видео запис на тв21

На денешните протести во Скопје поврзани со блокадите на приватните превозници, полицијата грубо го прекрши правото на новинарите да снимаат и известуваат.
Според сведочењето на колешката Фазиле Халили од тв21, таа со својот мобилен телефон снимала дел од протестот каде полицајците влечеле една жена. Во тој момент еден од полицајците во униформа и пришол и и рекол дека не смее да прави видео запис. Со заканувачки тон и рекол веднаш да ја избрише снимката, информираат од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
„Бриши ги снимките бидејќи немаш право да снимаш” рекол полицаецот, на што колешката му рекла дека е новинарка и дека не само што има право туку е и нејзина должност да ја информира јавноста. Но, полицаецот и рекол веднаш, тука пред него, да ја избрише снимката од сите албуми во телефонот, сакајќи да биде сигурен дека нема траги на ништо што е снимено“ велат од ЗНМ.
Оттаму посочуваат дека „вршење притисок за бришење и бришење на видео и фото материјали од страна на полицијата преставува директно прекршување на членот 16 од Уставот со кој се забранува цензурата и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Со ваквото однесување полицијата ги спречува новинарите да известуваат за настанот и се става во улога на цензор кој решава што смее а што не смее да види македонската јавност“.
„Протестите секогаш се настани од јавен интерес и јавноста има право да знае што се случува за време на протестите, дали има повредени, дали има уништување на јавен и приватен имот, но и дали евентуално полицијата ги пречекорила овластувањата и употребила прекумерна сила. Инцидентот ќе биде пријавен во Секторот за внатрешна контрола на МВР и ЗНМ очекува полиција да го расветли случајот, да ги открие одговорните и соодветно да ги казни, за да во иднина не се повтори ваквото неприфатливо однесување на полицијата“ велат од новинарското Здружение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.