Економија
ССК: Не е време за нови даноци, да ги поддржиме клучните сектори

Посегнување по нови даноци не е решение, бидејќи ќе биде уште поголем притисок за стопанството во услови кога тоа е изложено на негативите последици предизвикани од енергетската криза и другите негативни економски случувања, истакна Михајло Евросимовски, член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија на регионалната конференција „Гледајќи кон утре“ организирана од „Пословни дневник“ во Загреб.
Ова е втора конференција која ја организира влијателниот хрватски медиум со цел да поттикне унапредување на соработката меѓу стопанските комори и претставниците на бизнис заедницата од земјите во регионот како и да се поттикнат заедничките можности за соработка во однос на освојувањето на европскиот пазар и привлекувањето на странски инвестиции.
„Сметаме дека сè уште не е време за нови даноци, бидејќи на овој начин создаваме дополнителен притисок врз економијата, а на врата ги имаме енергетската криза, инфлацијата и рецесијата. Во моментов е подобро да се одложи зголемувањето на даноците за да може економијата да остане на ова ниво, а со тоа да се обезбеди основа за развојната политика во следните 5 до 10 години“, рече Евросимовски.
Тој истакна и дека за полесно надминување на состојбите потребно е да се утврдат секторите кои може да го зголемат извозот и со тоа да повлечат кон економски раст и тие сектори да се поддржат.
„Македонија е на 29 место според извозот на вино во светот што е одлично достигнување. Покрај производството на вино важен сектор е и автоиндустријата, како и туризмот, каде треба да се инвестира“, истакна Евросимовски.
Во дебата во која се даде осврт кон актуелните економски случувања во земјите од регионот учествуваа и помошник директор на Секторот за стратешки анализи, аналитика, услуги, услуги и пакети производи на Стопанската комора на Србија Бојан Станиќ и директор на Секторот за истражување и анализа на Стопанската комора на Црна Гора Миљан Шестовиќ.
Соговорниците се осврнаа и кон иницијативата „Отворен Балкан“, која како што истакна Евросимовски треба да ја зголеми соработката меѓу земјите од регионот особено со Хрватска која може да бидат патот за нашите производи до пазарот на Европска Унија.
На настанот од нашата земја присуствуваше и Златко Панков, директор и сопственик на компанијата „Панекс“, кој беше дел од панелот на интервјуа со стопанственици, кои ги споделија своите искуства во водење бизнис и справување со актуелните предизвици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени над 340 милиони денари субвенции за обележани грла говеда

Денеска се исплатени 341.536.000,00 денари кон 4.144 земјоделци, извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Исплатата е извршена по основ на дополнителни директни плаќања за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Се реализираше исплатата на подмерка 2.2 Дополнителни директни плаќања од подмерки 2.1, 2.4 и 2.5 за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои се корисници на подмерката 2.1. од Уредбата за 2024 година и сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко како корисници на подмерката 2.4. од Уредбата за 2024 година или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети запишани во Регистар на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло како корисници на подмерката 2.5. од Уредбата за 2024 година, се наведува во соопштението на МЗШВ.
Економија
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе изнесува 1,75 отсто и во третото тримесечје од 2026 година

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да се задржи висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјава на 1,75% од активата пондерирана според ризиците и во третото тримесечје од 2026 година.
Ваквата одлука е заснована на повеќе клучни показатели коишто не упатуваат на остварување на позначителни системски ризици. Беше заклучено дека банкарскиот систем според сите показатели е стабилен, со добра солвентност и ликвидност, ниска стапка на нефункционални кредити и солидна профитабилност. Во исто време се забележува одредено повторно забрзување на растот на цените на недвижностите и на станбените кредити, а понагласени се и ризиците од надворешното окружување. При вакви ризици, но при добра подготвеност на банкарскиот сектор за справување со евентуални шокови, се оцени дека стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 1,75% засега е соодветна на макрофинансиските услови и на состојбите во банкарскиот сектор, велат од НБ.
Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја оценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Макропрудентната политика на Народната банка, како и досега, ќе биде насочена кон зачувување на отпорноста на банкарскиот систем и спречување или намалување на системските ризици, се додава во соопштението на НБ.
Економија
„Распад на енергетскиот систем: управата со измислени саботажи за РЕК ја покрива сопствената неспособност!“, велат од СДСМ

„После 10 дена од испаѓањето на РЕК Осломеј од мрежа, и најавите на неспособното раководство на ЕСМ дека истиот во рок од 48 часа ќе биде вратен на мрежа, сведоци сме дека РЕК Осломеј сеуште не произведува струја, а неспособното раководство прави неуспешни обиди од неуспешните обиди“, велат од СДСМ.
„Денес, сведоци сме дека после нецела година, неспособното раководство на ЕСМ, секојдневно го упропастува енергетскиот систем со несоодветно управување, цела РЕК Битола не е на мрежа, поради пожар во командниот ормар од нередовно чистење и не одржување, и за да го оправдаат своето неспособно раководење, прават сензации со наводни саботажи и заплашување на вработените.
Може слободно да заклучиме дека токму поради неспособноста на раководството на ЕСМ, оставка си даде и претседателот на надзорниот одбор на ЕСМ и директорот на правниот сектор, не сакаат да бидат дел од бродот што тоне.
Ги повикуваме и останатите членови на Управниот Одбор на чело со Лазо Узунчев да бидат совесни и разумни и навремено да си поднесат оставки, да не го упропастуваат ЕСМ, бидејќи за истото ќе одговараат“, соопшти СДСМ.