Македонија
Променливо облачно време со повремен дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален слаб дожд, а на планините претежно во западните и северните делови со слаб снег.
Кон крајот на денот и во текот на ноќта поради значително заладување, во северните делови ќе има услови за провејување на снег и на повисоките места.
Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер претежно од југозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје променливо облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува умерен југозападен, а кон крајот на денот северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Започна полагањето на државната матура
Со тест по мајчин јазик, вкупно 14.834 ученици го започнаа полагањето на државната матура во учебната 2023-2024 година. По овој повод, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги посети струшките средни училишта „Нико Нестор“ и „Др. Ибрахим Темо“ каде, посакувајќи им успех на матурантите, рече дека очекува процесот да помине во најдобар ред, затоа што истиот е пракса веќе 16 години.
„Клучна новина годинава е тоа што учениците полагаат во пошироки просторни услови, односно во холовите и салите на своите училишта, или во најблиското каде има соодветни услови, наместо како досега во училниците. Идејата е да се обезбеди поголема транспарентност и објективност на процесот“, посочи министерот.
Тој додаде дека оние кои се вклучени како набљудувачи и тестатори во државната матура, на овој начин имаат полесна контрола и увид во однесувањето на учениците за време на полагањето и како што рече, очекува да бидат елиминирани обидите за манипулации и злоупотреби одредени начини или помагала при пополнувањето на тестовите.
Согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците и годинава полагаат 2 екстерни предмети, 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик и тој се полага денес, додека следниот испит ќе биде на 8 јуни. Прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори.
Државната матура се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа. Во процесот, годинава вклучени се 2000 наставници како тестатори и околу 250 набљудувачи од државните институции.
Македонија
Стоилковски: Дванаесетте директори на Хирургија да кажат колку операции и зафати се откажани во овие 15 дена
ВМРО-ДПМНЕ бара од директорите на Хирургија да кажат колку операции се одбиени, колку пацинети се препратени од Хирургија во овие 15 дена, додека министерот се крие, а економскиот директор шета на Азурен брег
Портпаролот Наум Стоилковски рече дека најголем број директори и раководители од 12-те оддели на Хирургија се на функција по седум години, исто толку години колку што СДС/ДУИ во здравството, како што рече, гледаа златна кокошка, наместо систем за заштита на здравјето на народот.
„Ги повикувам сите 12 раководители на Хирургија, да не се кријат од јавноста, туку одговорно да излезат јавно да кажат колку операции и зафати се откажани, одбиени, препратени од Хирургија во овие 15 дена, и колкава опасност и штета предизвикува системот на компримиран воздух, додека економскиот директор шета на Азурен брег со други од администрацијата, а министерот се крие.
Д-р. Александар Трајановски директорот, да каже колку пациенти се вратени, одложени, препратени од ТОАРИЛУЦ?
Д-р. Софија Пејкова директор на пластична хирургија да соопшти бројка на пациенти кои се вратени или препратени да создаваат хаос во други болници.
Д-р. Зоран Караџов да излезе јавно да соопшти за бројот на пациенти од абдомен кои останаа без помош на Хирургија.
Директорот д-р. Сашо Дохчев за тоа колку пациенти се вратени или чекаат на Урологија.
Д-р. Александар Жупановски да излезе за состојбата со вратени пациенти за операции од Неврохирургија.
Директорот д-р. Неџат Јакупи на Торакална, да каже колкумина пациенти биле на листата за операции за минатите 15 дена. Директорката на Детската хирургија, д-р. Славица Литајковска за деца-пациенти, дали се оперирани со посебен потпис за одговорност на родителите?
Јавно да излезе д-р. Далип Јахија за состојбата со пациенти на Ортопедија кои чекаат операција.
Д-р. Никола Брзанов да каже колку пациенти се препраќани, или можеби враќани од Ургентен.
Илир Хасани, директорот наместо да се расправа со спикерката на албанскиот парламент, да излезе за состојбите на Траума поврзани со неработењето на салите за операција особено што беше и заменик министер на Филипче
Директорката Маја Мојсова да каже за состојбата на КАРИЛ, дали ќе издржат надворешните системи ама и кога ќе има услови за да почне реновирањето потпишано пред скоро 4 месеци?
И во нивниот настап секако да има став и за заеднички служби и за министерот, и секако зошто не се избориле, односно дозволиле распад на Клиниката?“, праша Стоилковски.
Тој рече дека белиот мантил не носи само привилегии и титула, туку и одговорност пред пациенти, особено ако се прифати и директорска раководна позиција.
Македонија
„Враќање во иднината“, 40 средношколци од различни градови викендов ќе работат на креативно изразување на ставовите преку видеа, графити, музика и облека
Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје во соработка со Форумот за разумни политики и Центарот за едукација и уметност – Хана викендов во креативниот центар „Бруталиск“ во Скопје го организираат настанот „Враќање во иднината“ каде што познати и еминентни ментори заедно со 40 средношколци од различни градови низ државата ќе работат на креативно изразување на ставовите на младите луѓе преку видеа, графити, музика и облека.
Учесниците ќе бидат поделени во четири групи, а менторите Емилија Ристановска од Центарот за едукација и уметност – Хана и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики ќе им помогнат на младите средношколци да ја разберат уметноста како одговор на општествените и политички случувања низ историјата.
На настанот, свое учество како тренери ќе земат познатиот визуелен уметник, илустратор, графички дизајнер и ди-џеј Горан Костовски-Индог, музичарката и тапанарка Мартина Баракоска, графичарот, стрип цртач и еден од најплодните рапери на современата македонска музичка сцена Антонио Аранѓеловиќ (Тонио Сан), како и графичкиот дизајнер Теодор Петровски.
Во недела (02.06.2024 година) со почеток во 12 часот предвидена е отворена презентација за граѓаните и медиумите каде што ќе биде презентиран уметничкиот и креативен израз на учесниците.