Свет
Бела куќа: САД не ја охрабруваат Украина да спроведува операции во Русија
САД не ја охрабруваат Украина да спроведува операции на руска територија, изјави координаторот за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби во интервју за „АБЦ“, пренесува Спутник.
– Се разбира, ние не ги охрабруваме ниту помагаме украинските операции внатре во Русија. Се обидуваме да обезбедиме (украинската страна) да може да ја заштити својата територија, да ја врати својата земја, меѓу другото, изгубена за време на вооружениот конфликт – рече Кирби.
Тој додаде дека ескалацијата на воениот конфликт во Украина не одговара на американските интереси.
– Од самиот почеток разговаравме за мониторинг и ги земавме предвид ризиците од ескалација на воените операции, бидејќи тоа е лошо не само за украинското население, туку и за нашите интереси, посочи Кирби.
Тој додаде дека ескалацијата на конфликтот исто така не одговара на интересите на населението на Русија.
Како што претходно соопшти Министерството за одбрана на Русија, Украина на 5 декември со беспилотни летала од советско производство ги нападна руските воени аеродроми „Дијагилево“ во Рјазанската област и „Енгелс“ во регионот Саратов.
Руската воздушна одбрана ги пресретна овие беспилотни летала кои летаа на мала височина. Според Министерството, при падот и експлозијата на фрагменти од беспилотни летала на аеродромите, лесно се оштетени трупот на два авиони.
Тројца руски војници загинаа во нападот на аеродромот, а уште четворица беа ранети и хоспитализирани,пренесе Телеграф.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД и Иран пред нови преговори, Трамп со предупредување
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека иранскиот врховен лидер треба да биде многу загрижен во пресрет на првите официјални преговори меѓу САД и Иран, по американските напади врз иранскaта нуклеарна програма минатата година, објави Си-Ен-Ен.
Трамп изјави дека Иран ќе се соочи со сериозни последици доколку се обиде повторно да ја активира својата нуклеарна програма, додавајќи дека Вашингтон внимателно ги следи таквите обиди. Истовремено, Иран предупреди дека ќе одговори непосредно и решително на секој евентуален напад, вклучително и со удари врз американски цели во регионот.
Преговорите меѓу двете земји се закажани за утре во Маскат, главниот град на Оман, каде што ќе учествуваат иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи и специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф. Сепак, двете страни имаат различни очекувања од разговорите.
Според американската администрација, преговорите треба да ги опфатат не само нуклеарните активности на Иран, туку и балистичките ракети, поддршката на регионални милитантни групи и односот на властите кон сопственото население. Од иранска страна, пак, се најавува дека разговорите ќе бидат ограничени на нуклеарната програма и укинувањето на санкциите.
Трамп истакна дека по американските напади арапските земји повеќе не се плашат од Иран и оцени дека уништувањето на нуклеарната програма било клучно за стабилноста на Блискиот Исток. Во меѓувреме, напнатоста во регионот продолжува да расте, со низа инциденти меѓу американските и иранските сили во Арапското Море и Ормутскиот Теснец.
Свет
САД и Русија преговараат за продолжување на нуклеарниот договор
Соединетите Американски Држави и Русија се приближуваат до договор за продолжување на почитувањето на ограничувањата од нуклеарниот договор Нов СТАРТ и по неговото истекување, објави Аксиос, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Разговорите се воделе во Абу Даби во изминатите 24 часа, но засега не е постигнат конечен договор. Белата куќа не го коментираше извештајот. Во меѓувреме, американската војска соопшти дека САД и Русија се согласиле да го продолжат воениот дијалог на високо ниво.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија останува подготвена за дијалог со Вашингтон доколку има „конструктивен одговор“ на предлогот на Москва за продолжување на ограничувањата од договорот Нов СТАРТ. Договорот, потпишан во 2010 година, веќе еднаш беше продолжен за пет години, а секое ново продолжување бара посебна извршна одлука.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе одлучи за следните чекори поврзани со контролата на нуклеарното вооружување, а истовремено изрази желба Кина да се вклучи во идни договори, што Пекинг досега го одбива.
Американската војска оцени дека одржувањето на воениот дијалог е важно за глобалната стабилност и деескалација, нагласувајќи дека повторното воспоставување на комуникацијата доаѓа по средбите на високи воени претставници во Абу Даби.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

