Македонија
Над 400 семејства добиваат субвенција за огревно дрво од Кисела Вода

434 граѓани кои ја доставија потребната документација од Општина Кисела Вода ќе добијат субвенција за набавеното огревно дрво. Општинската комисија ги разгледа поднесените барања на лицата кои се пријавија на објавениот повик на локалната самоуправа и го изготви списокот на одобрените апликации, за кои исплатата ќе се изврши до крајот на годинава. Се работи за финансиски надомест во износ од 500 денари за секој купен метар кубен (1 m³) дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 10 кубни метри (10 m³).
Вкупно беа отворени 447, одобрени 434, додека 13 барања беа одбиени поради некомплетна документација. Останатите пристигнати барања не беа отворени заради запазување на критериумот наведен во јавниот повик, дека селекцијата ќе се прави по принципот прв дојден – прв услужен, се до исцрпување на предвидените средства во висина од 1.200 000,00 денари.
Одобрени се барањата со реден архивски број од 08-9550/002 до 08-9550/447, со исклучок на 08-9550/22, 08-9550/26, 08-9550/84, 08-9550/108, 08-9550/201, 08-9550/252, 08-9550/261, 08-9550/272, 08-9550/312, 08-9550/322, 08-9550/359, 08-9550/432 и 08-9550/436, кои се одбиени поради некомплетна документација.
Покрај субвенциите за огревно дрво, Општина Кисела Вода веќе обезбеди донација за субвенционирање на сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства, како и субвенција за купување печки на пелети, со цел во услови на претерано зголемени цени на енергенсите, граѓаните полесно да го поминат зимскиот период. Воедно, оваа локална самоуправа го започна и проектот “Грижа и сигурност за секое дете”, кој содржи социјални мерки за финасиска поддршка на социјално загрозените и еднородителските семејства, а мерките за помош на населението, Општина Кисела Вода ќе ги продолжи и во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Буџетот за култура двојно се зголемува, македонската култура, автори и уметници имаат вистинска поддршка во Центар

Општина Центар изминативе четири години вложува во промоција и афирмација на македонската култура, јазик и уметност преку мурали, концерти и настани посветени на културното наследство, вели градоначалникот на Општина Центар и кандидат за нов мандат, Горан Герасимовски.
„Муралот „Бушавата азбука“ во Дебар Маало е посветен на промоција на кирилицата и ги поврзува генерациите, потсетувајќи на култната детска емисија преку која го учевме мајчиниот јазик. Веднаш во близина е и муралот на големиот драматург Горан Стефановски, а во боемскиот дел на Центар е овековечен и Александар Џамбазов, легендарниот композитор, диригент и творец на Златно славејче“.
Концертот „Нешто што ќе остане“ е проект кој стана традиција во Општина Центар. Две години наназад, секоја есен, во паркот на Франкофонија се одржува овој популарен музички настан на кој настапуваат исклучиво македонски музичари и се изведува македонска музика.
„Промоцијата на македонскиот јазик, книжевноста и уметноста е врвен приоритет на Општина Центар. Македонските автори, музичари и уметници секогаш ја имале и ќе ја имаат нашата поддршка,“ порача Герасимовски.
Како што појасни, редовно се реализираат и настани како меѓу генерациски средби, каде преку уметноста и хуманоста се дружат младите и повозрасните, еко-пикници за промоција на македонските производители и производи, прошетки со туристички водичи за запознавање со историјата на Центар, како и изложби и културни настани што ја оживуваат локалната сцена.
Буџетот за култура, кој во 2021 година изнесуваше 3 милиони денари, во изминатите четири години е зголемен на 13 милиони денари, а во наредниот мандат е предвидено да достигне 26 милиони денари, додава тој.
Македонија
Центар ќе биде општина што создава можности за младите претприемачи, најавува Лабудовиќ

„Центар има огромен потенцијал – полн со креативност, младост и идеи кои чекаат да добијат шанса,“ изјави кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, претставувајќи ја својата визија за развој на локалната економија и поддршка на младите и малите бизниси.
Лабудовиќ потенцира дека локалната економија е моторот што ја движи општината и дека токму Центар, како срцето на главниот град, треба да биде пример за иновативна, креативна и динамична средина што ги охрабрува луѓето да создаваат. Неговата цел е јасна – да се создаде општина што ќе ги поддржува малите креативни бизниси и младите претприемачи, затоа што токму тие се двигателот на секоја современа економија.
Во таа насока, Лабудовиќ најави формирање на Фонд за поддршка на локалната економија, кој ќе обезбеди реална поддршка за сите што имаат храброст да започнат сопствена идеја и да ја претворат во успешна приказна. Преку овој фонд, младите претприемачи, занаетчии, дизајнери и уметници ќе имаат пристап до финансиски грантови, менторска помош, стручни обуки и ресурси што ќе им овозможат да го развијат својот потенцијал. „Ќе им дадеме шанса на младите и на сите храбри луѓе што сакаат да создаваат нешто свое, токму овде, во Центар. Нашата обврска како локална власт е да им дадеме алатки, знаење и поддршка, а тие ќе го вратат тоа преку труд, креативност и нова енергија во нашата општина,“ истакна Лабудовиќ.
Во програмата се предвидува и модернизација на трговските улици, пазарите и занаетчиските простори со цел да се создадат подобри услови за работа и развој. Центар ќе биде општина која не ги гуши своите таленти, туку ги поттикнува. Ќе се отвораат јавни зони за локални продавници, студија и ателјеа, достапни за млади иноватори и претприемачи по симболични цени. Тие простори ќе станат нови креативни точки во кои ќе се среќаваат идеите, уметноста и бизнисот, создавајќи мрежа на современи маалски центри за развој.
Паралелно со ова, Лабудовиќ најави реализација на нов концепт за оживување на локалната економија преку организирање мини-саеми, креативни пазари и фестивали на локални производи, кои ќе ја вратат енергијата во срцето на градот. Овие настани ќе им овозможат на локалните производители, уметници и занаетчии да го претстават својот труд пред јавноста, да создадат нови партнерства и да ја раздвижат економијата на Центар.
„Центар мора да живее преку своите луѓе – преку занаетчиите, уметниците, малите претприемачи и младите кои веруваат дека тука можат да успеат. Ќе ја поддржиме нивната храброст, затоа што во нивните идеи се кријат идните успеси на нашата општина,“ порача Лабудовиќ.
Во рамки на економската стратегија ќе се развиваат и јавно-приватни партнерства со домашни компании и институции за финансирање на локални инфраструктурни и креативни проекти, како и воведување дигитална платформа за локален развој. Преку неа, граѓаните и претприемачите ќе можат да аплицираат за поддршка, да пријавуваат идеи и да следат како се реализираат општинските проекти.
„Време е Центар повторно да стане место каде што храброста и младоста се поддржани, каде што идеите добиваат шанса, а секој труд е вреднуван. Да им дадеме сила на младите – затоа што во нивните идеи е идната економија,“ заврши Лабудовиќ.
Македонија
Нов сообраќаен режим за еднонасочен сообраќај на улицата Белградска

Изминатиов викенд екипи на ЈП Улици и патишта Скопје на улица „Белградска“ ја поставија новата вертикалната сигнализација за еднонасочен сообраќај.
На оваа сообраќајница во насока од булевар „Мајка Тереза“ кон улица „Димче Мирчев“ согласно основен сообраќаен проект воведен е нов сообраќаен режим за еднонасочен сообраќај.
ЈП Улици и патишта Скопје апелира до учесниците во сообраќајот да го почитуваат новото сообраќајно решение на оваа сообраќајница.