Македонија
Претседателот Пендаровски одржа предавање на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“ денеска го посети Штип, каде одржа предавање на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“. Пендаровски пред студентите кои следат настава по предметите Политички систем и Теорија на држава и право говореше на тема „Практични аспекти на надлежностите и функционирањето на Претседателот на Република Северна Македонија“.
Запрашан за состојбата во Косово, Претседателот рече дека во регионот последниве денови повторно се актуелни тензиите во северниот дел на Косово и дека во таа насока добива прашања дали размислува за свикување за Советот за безбедност. Претседателот им појасни на студентите дека таму постои мисија на НАТО каде што ние имаме 65 војници во последниве 2 години, заедно со уште 20-тина нации кои партиципираат и дека во разговор со командантот на таа мисија добил уверување дека нема да се случи ескалација од било која страна.
„Затоа, не гледам причина да се паничи народот и да го свикувам Советот за безбедност. Таму има мисија на НАТО која ги има сите овластувања и двете страни од тој потенцијален спор ја почитуваат мисијата на НАТО“, рече претседателот Пендаровски.
Во однос на дојавите за бомби, претседателот Пендаровски, изјави дека компјутерскиот криминал тешко се докажува и дека е потребно време, но дека од аспект на преземените оперативни мерки, децата во училиштата се безбедни, дека постои 24 часовен мониторинг врз училиштата и институциите и дека надлежните ги преземаат сите потребни активности.
„За судски завршници мислам дека ќе почекаме и ќе биде потешко, но во однос на конкретните мерки за заштита на нашето население јас сум сигурен дека во рамки на нашите надлежности и можности правиме сè што можеме“, изјави претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште еден случај на семејно насилно – скопјанец со возило се обидел да ја прегази сопругата, па ја истепал

Уште еден случај на семејно насилство во Скопје, сопруг се обидел да ја прегази сопругата со автомобил, кога не успеал, ја истепал.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда.
„При вршење семејно насилство осомничениот 41-годишник телесно ја повредил неговата сопруга. Најпрво, во алкохолизирана состојба, ја натерал веднаш да одат и од банкомат да извадат пари од нејзината плата за да купи дрога. Оштетената го послушала, но враќајќи се назад кон нивниот дом, тој започнал вербална расправија, го запрел возилото и и кажал да излезе. Откако излегла, започнал да го врти возилото со намера да ја удри.
Бидејќи не успеал, го запрел возилото, тргнал кон оштетената по што и го одзел мобилниот телефон за да провери со кого разговарала. Во еден момент и физички ја нападнал, удирајќи и шлаканица и нанесувајќи и удари во пределот на лицето и вратот, од кои удари оштетената се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечувања на лицето, на вратот и на раката“, соопшти Обвинителството.
Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува или воспоставува, односно одржува контакти или врски со жртвата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со една реченица одговара на честитката од Заев до Ципрас: Она со кое паметниот се срами, недоветниот се гордее

ВМРО-ДПМНЕ му одговара на честитката на Заев до Ципрас по повод Преспанскиот договор во една реченица.
„Зоран Заев упати честитка до Алексис Ципрас по повод седумгодишнината од Преспанскиот договор. Одговорот е само еден: она од кое паметниот се срами, недоветниот се гордее“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев му честиташе на Ципрас за седумгодишнината од договорот потпишан на 17 јуни 2018 година во Преспа, кој овозможи членство на Северна Македонија во НАТО.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Македонија
Владата ја усвои новата стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Со задоволство информирам дека на денешната седница на Владата беше усвоена Стратегијата за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028, заедно со Акцискиот План, изјави вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
„Овој документ ја одразува непоколебливата посветеност на Владата на Република Северна Македонија за борба против организираниот криминал и корупцијата, преку зајакнување на надлежните институции со структуриран и систематски пристап, кој има за цел зголемување на ефикасноста при конфискацијата на незаконски стекнат имот“, рече тој.
Една стратегија, додаде Фетаи, колку и да е добра, останува само документ доколку не се спроведува ефикасно.
„Поради тоа, ги зајакнуваме механизмите за следење и надзор, преку основање на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, кој ќе обезбеди успешно спроведување на утврдените цели“, рече тој.
Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење ќе има централна улога во координирањето и поддршката на овие напори, обезбедувајќи постојана посветеност за реализација на оваа стратегија.