Македонија
Грковска: Граѓаните бараат резултати во борбата против корупцијата
„Граѓаните бараат резултати во борбата против корупцијата, а не декларативни заложби. Или сериозно ќе се зафатиме со отстранување на дефектите и вирусите од системот или истите ќе нѐ изедат самите како трули јаболка. Иднината на нашите општества е во прашање. Вака, како досега, едноставно веќе не може. И затоа се радувам што и денес ќе имаме можност да разговараме за тоа како да го подобриме и зајакнеме ударот кон организираниот криминал и корупцијата, на кој начин можеме да ја подобриме регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и незаконските финансиски текови во регионот, особено во контекст на Берлинскиот процес“, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната Регионална конференција за борба против корупцијата, која ја организира во соработка со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (UNODC), со поддршка на Владата на Велика Британија и Регионалната Антикорупциска Иницијатива.
Целта на конференцијата е да се унапреди регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и незаконските финансии во регионот во контекст на Берлинскиот процес. Покрај високи претставници од земјите од Западен Балкан, присуствуваа и претставници од клучните институции надлежни за борба против корупцијата во регионот.
![]()
Вицепремиерката Грковска нагласи дека не постои во светот општество целосно имуно на корупција, но факт е дека секоја држава е различно подготвена и различно реагира на корупцијата.
Таа информираше дека од крајот на јуни минатата година кога е усвоен Регионалниот патоказ за борба против корупцијата и нелегалните финансиски текови за брзо следење на спроведувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата (УНКАК), соработката на земјите од западен Балкан е интензивирана и значајно попродуктивна. Во изминатиот период се работеше, додаде таа, на трите идентификувани приоритетни области, а тоа се транспарентност во текот на целиот циклус на јавни набавки, како и подобар надзор и отчетност во јавните набавки, на зајакнување на напорите за спречување, идентификување и управување со судир на интереси, како и зајакнување на соработката на сите нивоа преку меѓуагенциски пристап на органите за спроведување на законот, обвинителството и судството, единиците за финансиско разузнавање.
„Јас немам илузии дека корупцијата целосно ќе ја победиме, но мора веќе да имаме видливи и конкретни резултати. Мора да создадеме услови за владеење на правото, за еднаквост пред законот, за еднаквост пред институциите. Сите ние имаме обврска да ја зајакнеме довербата на граѓаните во институциите, а тоа ќе го постигнеме само ако покажеме дека со професионална, ефикасна и одговорна работа застануваме на патот на криминалот и корупцијата. Во повеќе наврати сум кажала, но и денеска ја чувствувам потребата да повторам. Промените зависат од сите нас. Зависат од граѓаните, но особено зависат од нас што сме на раководни позиции, од нас кои креираме политики, кои носиме одлуки“, додаде вицепремиерката Грковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Објавена петиција за забрана на социјални мрежи за деца до 12 години во Македонија
Граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“ објави петиција со која се бара воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија.
„Ние сме група загрижени и општествено одговорни родители, наставници, стручни лица и граѓани што започнуваме петиција со која бараме воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија. Под името „Иницијатива за безбедно детство“, ова граѓанско движење има за цел да поттикне законски измени и системска регулација во нашата држава, што ќе ја заштитат дигиталната безбедност, менталното здравје и приватноста на најмладите“, велат од иницијативата.
Од таму велат дека штетата веќе се случува пред нашите очи.
„Сите сведочиме на негативните ефекти, од нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни „предизвици“, намалена концентрација и изобличена перцепција за вредности и успех. Во услови на недоволна законска регулација и слаб надзор, тие остануваат изложени на ризици кои државата има обврска да ги превенира. Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска, Словенија итн. се охрабрија кон првиот и најважен чекор: забрана за употреба на социјални мрежи за деца и регулација на употребата од страна на адолесцентите. Обединетите нации препорачуваат да се подигне возрасната граница за дозволена употреба на социјални медиуми, а Европскиот парламент усвои препорака со која се предлага минимална возраст од 16 години за неограничен пристап до социјалните мрежи во ЕУ“, велат од граѓанската иницијатива.
Тие со петицијата бараат заштита на децата преку иницирање законска и практична рамка:
● Воведување забрана за употреба на социјални мрежи до 12-годишна возраст и регулација за деца до 16 години при регистрирање и самостојна употреба на социјални мрежи и платформи за кратки видеа, преку задолжителна верификација или целосна забрана доколку не се прифатат и имплементираат пропишаните стандарди.
● Обврска за социјалните медиуми и апликациите да обезбедат технички и правни механизми за родителска согласност/сертификат од родител или старател и спречување или ограничување пристап за деца под 12 години.
● Ограничување на алгоритамско таргетирање и автоматско препорачување креативни и вирусни содржини за профили идентификувани како детски.
● Обврска за посебна заштита и обработка на детските податоци согласно национални стандарди, со засилени безбедносни мерки.
● Јасно дефинирани санкции и механизми за брзо отстранување на штетна и опасна содржина.
● Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.
Линк до петицијата: https://c.org/g5MnSHrB8Y
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.

