Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е најнеспособната локална власт во Скопје во историјата

„Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во град Скопје за 12 месеци се покажа како најнеспособна во историјата на главниот град. ВМРО-ДПМНЕ во Скопје има градоначалничка, претседател и мнозинство во Советот и најголем дел од директори и членови на управните одбори на јавните претпријатија, раководени од шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски“, соопштуваат од владејачката СДСМ.
Од партијата наведуваат дека „наместо да се грижат за граѓаните, тие се скараа за бизнис-интереси, тендери и за провизии, за тоа чии раце да бидат во медот, а во градот владее хаос. За една година, не само што нема никакви нови проекти, туку Град Скопје не може да ги обезбеди ниту основните функции. Наместо бесплатен јавен превоз, првпат во историјата Скопје остана без превоз“.
„Девет дена беа блокирани улиците, граѓаните не можеа непречено да се движат, ниту да стигнат навреме до своите одредишта. Приватните превозници не возат, ЈСП тоне во долгови, а тешка е состојбата и во други градски претпријатија. Пред новогодишните празници градот е сив и валкан, нема ни трага од модерно Скопје. По катастрофалното обезличување со ‘Скопје 2014’, главниот град се наоѓа во нова катастрофа. ВМРО-ДПМНЕ го заглави градот, како што 11 години Македонија што беше заглавена“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски: Историски ден, постигната согласност за договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство

„Историски ден за Македонија! Денеска остварив средба со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер. На средбата постигнавме согласност за договор за стратешко партнерство на Македонија со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој појасни дека ова преставува стратешки договор кој ја позиционира државата во редот на интересите и делувањето на една од највлијателните политички и економски сили во светот како што е Обединетото Кралство.
„Овој договор претставува ново поглавје во односите меѓу двете држави и претставува клучна основа за подоцнежна економска и политичка соработка. Самиот договор се преговараше повеќе месеци помеѓу тимови од двете држави, и вклучува членови за блиска соработка во повеќе клучни области“, рече Мицкоски.
Според него, со ова ќе се подобри не само искуството, туку и ќе се сподели искуството на Обединетото Кралство во тој дел на Европа.
„Навистина сум мошне возбуден што ќе можам да работам со Вас, што нашите две држави ќе можат да работат заедно бидејќи ние сме сојузници во НАТО, и со овој меѓувладин договор сигурен сум дека ќе имаме уште поголема билатерална соработка и ќе ги зацврстиме нашите врски. Со ова ќе се подобри не само искуството, туку и ќе се сподели искуството на Обединетото Кралство во тој дел на Европа. Сметам дека Балканот е навистина инспиративно место, и Ви посакувам топло добредојде во Вашата многу посилна улога во тој дел од Европа“, рече Мицкоски на средбата со Стармер.
Македонија
Формирана Интерпартиска парламентарна група за следење на Националната развојна стратегија

Во Собранието се одржа Инаугуративната седница за Интерпартиската парламентарна група за следење на Националната развојна стратегија.
Со седницата претседаваше претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, кој е иницијатор за формирање на Групата. На седницата, покрај членовите, учествуваа копретседавачите на Групата и координатори на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ, Никола Мицевски и Оливер Спасовски, и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев и постојаниот претставник на УНДП, Арменд Григоријан.
Во своето обраќање, претседателот Гаши подвлече дека иницијативата за формирање на оваа Интерпартиска група ја поднел воден од значењето на Националната развојна стратегија за Република Северна Македонија, обемноста на реформите кои се очекува да бидат имплементирани преку нејзина примена, клучната улога на Собранието во процесот на донесување одлуки и неговата активна вклученост во координација на процесите на државно ниво, како и надзорната улога на Собранието врз извршната власт.
Нагласи дека Националната развојна стратегија е клучен стратешки документ што ја дефинира визијата за развој на државата и се темели на три национални развојни цели: зајакнување на конкурентноста на економијата, отворени модели на управување и социјална инклузија. Оваа стратегија обезбедува кохезија; демографска ревитализација, социјален и културен развој; сигурно, безбедно и отпорно општество; владеење на правото и добро управување и зелена трансформација.
Копретседавачот Мицевски укажа дека во време на глобални геополитички, климатски и политички предизвици, брзи технолошки промени и зголемени социјални нееднаквости, на земјава ѝ е потребна јасна, инклузивна и долгорочна визија.
„Националната развојна стратегија е државен документ кој многу тесно е поврзан со нашата стратешка цел – интеграција во Европската Унија. Многу од приоритетите содржани во Стратегијата — владеење на правото, еколошка трансформација, дигитализација, социјална инклузија, се европски вредности и стандарди. Со оваа стратегија нашата земја покажува дека е подготвена не само да се приближи до ЕУ, туку и суштински да ги имплементира европските вредности“, рече Мицевски.
Копретседавачот Спасовски подвлече дека Националната развојна стратегија е водилка за клучните приоритети на државата во следните 20 години.
„Нејзиното усвојување и имплементација покажува голема политичка зрелост, но и одговорност за заедничките, национални и долгорочни цели на државата. Се фокусираше на инклузивните политики, особено за младите, не само како корисници, туку и како креатори на Стратегијата, но и на ранливите групи, маргинализираните групи, лицата со попреченост и сите групи кои се соочуваат со било какви бариери“, рече тој.
Присутните се осврнаа и на воспоставениот систем за следење на НРС преку дигитална Контролна табла на www.nrs.mk , а во соработка со МАНУ и Универзитетот од Денвер се развиваат сценарија и индикатори за оценка на напредокот. Со поддршка на партнерите УНДП и Министерството за финансии на Словачка имплементацијата на Националната развојна стратегија ќе биде имплементирана во периодот кој следи со активно учество на сите заинтересирани страни.
Македонија
Мицкоски на средба со Рама: Заедно, цврсто чекориме по патот кон Европската Унија

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска се сретна со албанскиот премиер, Еди Рама, во Тирана.
„Секогаш е посебно задоволство кога со нашите соседи градиме разбирање и заедничка визија. Денеска со премиерот Рама во Тирана имавме исклучително конструктивен и пријателски разговор, исполнет со заемна почит и желба за напредок. Заедно, цврсто чекориме по патот кон Европската Унија, посветени на иднината што ја градиме со партнерство, дијалог и заеднички вредности“, објави Мицкоски на „Фејсбук“.
Мицкоски присуствува на Самитот на Европската политичка заедница, заедно со лидерите и претставниците на земјите од Западен Балкан.
Самитот е посветен на унапредување на регионалната соработка, стабилноста и приближувањето кон ЕУ, при што се потенцираше важноста од заедничко дејствување пред предизвиците со кои се соочува нашиот континент.
„Во отворената дискусија се разменија ставови за клучни теми за зајакнување на поврзаноста на регионот со остатокот од Европа. Нашето присуство и учество на овој Самит е потврда за нашата заложба за активно учество во европските процеси и градење стабилно и просперитетно соседство“, рече Мицкоски.