Култура
Циклус филмови на Анджеј Вајда во Кинотеката

Од 16 декември (петок) до 22 декември (четврток) во Кинотеката ќе имаме можност да видиме избор од шест филма од (пре)богатата филмографија на Анджеј Вајда (1926-2016).
Шесте наслови од филмската недела посветена на Вајда хронолошки ги опфаќаат неговите рани (црно-бели) трудови КАНАЛ (Kanal) од 1957 година, ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ (Popiól i diament/The Ashes and Diamonds) од 1958, НЕВИНИ ВОЛШЕБНИЦИ (Niewinni czarodzieje/Innocent Sorceres) од 1960, ПЕПЕЛТА (Popioly/The Ashes) од 1965 (епска сага за полските легии во Наполеоновите војски од почетокот на 19 век), како и двата иконични наслова од зрелата доба на авторот: ЧОВЕК ОД МЕРМЕР (Czlowiek z marmuru/Man of Marble) од 1977 и ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО (Czlowiek z zelaza/Man of Iron) од 1981.
Неговиот авторски потпис стои на шпиците на повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти во Полска и интернационална продукција, има освоено 60 награди на најпрестижните филмски фестивали во светот и речиси уште толку номинации. Меѓу другите награди, во 1990 година ја добива Европската филмска награда за животно дело, на Берлинале во 1996 година ја добива наградата „Сребрена мечка“ за посебен придонес во филмската уметност, на Филмскиот фестивал во Венеција во 1998 година добива „Златен лав“ за животно дело, во 2000 година и почесен „Оскар“, а во 2006 година и почесната награда „Златна мечка“ на Берлинале.
Роден нa 6 март 1926 година во Сувалки (Suwalki), Полска, починал на 9 октомври 2016 година во Варшава. Мајка му Анјела била учителка во украинско училиште, татко му Јакуб бил капетан во полската армија (пешадија), а настрадал во масакрот во Катинската шума во 1940 година, извршен од советската војска по поделбата на Полска во 1939 година од страна на нацистичка Германија и СССР.
По војната се сели во Краков и студира сликарство на Академијата за применети уметности. Во периодот од 1950 до 1954 студира филмска режија на Филмската академија во Лоѓ, а веднаш потоа го снима и споменатиот дебитантски филм ПОКОЛЕНИЕ, воена драма која со КАНАЛ и ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ ја сочинуваат неговата трилогија за Полска за време на Втората светска војна. Со КАНАЛ започнува и долгата низа награди од најзначајните филмски фестивали во Европа и светот: „Специјална награда на жирито“ во Кан за КАНАЛ, ФИПРЕСЦИ во Венеција за ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ, итн…
Вајда, низ неколкуте фази во неговото филмско творештво, ја дели судбината на неговите колеги и коавтори – од политичките пресии до признанијата на престижни филмски фестивали во светот. Во седумдесеттите години на минатиот век, историјата на филмот ја сведочи зрелата фаза во творештвото на Вајда, кога се нижат филмовите БЕЗ АНЕСТЕЗИЈА (Bez znieczulenia, 1978) со „Награда на екуменското жири“ во Кан; ЧОВЕК ОД МЕРМЕР (награда ФИПРЕСЦИ во Кан); ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО ја доби „Златната палма“ и „Наградата на екуменското жири“ на Канскиот фестивал во 1981 и номинација за „Оскар“, но тогашните комунистички власти во Полска го повлекле филмот.
Во осумдесеттите години Вајда повторно снима европски копродукции. Со ДАНТОН (Danton 1983), со Жерар Депардје во главната улога, ја освојува националната филмска награда на Франција „Цезар“ за режија; во Германија го снима ЉУБОВ ВО ГЕРМАНИЈА (Eine Liebe in Deutschland, 1983), во Полска го реализира ХРОНИКА НА ЉУБОВНИТЕ НАСТАНИ (Kronika wypadków milosnych, 1986), а во Франција го снима БЕСОВИ (1988).
И покрај годините, Вајда и на преминот на двата века снима филмови, речиси до самиот крај на животот. Неговата филмографија е збогатена со биографската драма КОРЧАК (Korczak, 1990), па следуваат НАСТАСЈА ФИЛИПОВНА, според „Идиот“ на Достоевски (1994), воената драма ГОСПОДИН ТАДЕУШ (Pan Tadeusz, 1999), и ОДМАЗДА (Zemsta, 2002), според неговата театарска претстава, во која повторно соработува со Роман Полански
Во 2007 година го реализира КАТИН (Katyn), историската драма за масакрот на полските офицери во Катинската шума во 1940, кога настрадал и татко му, и филм кој бил прогласен за филм на годината во Полска, а добил и номинација за „Оскар за најдобар странски филм“. Меѓу последните реализирани филмски наслови му се СЛАТКО ЗНАМЕ (Tatarak, 2009) со Кристина Јанда; потоа, биографската драма ВАЛЕНСА: ЧОВЕК НА НАДЕЖТА (Walensa. Czlowiek z nadziei, 2013) за водачот на полското движење Солидарност, и повторно биографската драма ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ СЛИКИ (Powidoki / Afterimage, 2016) за животот и творештвото на полскиот сликар Владислав Стржемински (Wladyslaw Strzeminski).
Вајда секогаш го истакнувал компактниот тим со кој работел филмови во одредени периоди – од кинематографери, монтажери, сценографи и костимографи, меѓу другите – а секако и актери со кои имал честа соработка. Најмалку тројца актери ги одбележаа неговите филмови, или, обратно, може слободно да се каже дека Вајда низ неговите филмови создаде неколку извонредни актери: Збигњев Цибулски, Даниел Олбрицки, Јежи Радзивилович, итн. Во тој авторски „хабитус“ на Вајда има и една исклучителна актерка, Кристина Јанда.
Паралелно со филмот, Вајда поставува и успешни претстави во полските театри, често користејќи го методот да ја „провери“ темата на театарските штици, а потоа пред филмските камери. Таков е случајот со ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА, СВАДБА (Wesele, 1973) и ГОСПОЃИЦИТЕ ОД ВИЛКИ (Panny z Wilka, 1979), а подоцна и БЕСОВИ (Les possédés, 1988) според Достоевски и ДАНТОН (Danton, 1983) – и двата во француска продукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина Дајан Китон

Познатата актерка Дајан Китон почина на 80-годишна возраст, објави „Пипл“.
Во моментов не се познати дополнителни детали, а нејзините најблиски побараа приватност, според соопштението на семејството.
Китон се здоби со слава во 1970-тите со нејзините улоги во „Кум“ и преку соработката со режисерот Вуди Ален. Таа освои Оскар за најдобра актерка за „Ени Хол“ во 1977 година. Во текот на својата долга кариера, таа глумеше во филмови како што се „Клубот на првите сопруги“, бројни соработки со режисерката Ненси Мејерс и франшизата Book Club.
Родена во Лос Анџелес
Таа е родена како Дајан Хол во 1946 година во Лос Анџелес, најстарата од четири деца. Нејзиниот татко бил градежен инженер, а нејзината мајка домаќинка.
Китон еднаш рекла дека верува дека нејзината мајка тајно сонува за подобар живот. „Длабоко во себе, таа веројатно сакала да биде забавувачка“, изјави таа за „Пипл“ во 2004 година. „Таа пееше, свиреше на пијано, беше убава. Таа беше мојата најголема поддршка.“
Таа настапуваше во средношколски претстави, а по дипломирањето во 1964 година, се запиша на драмско училиште. Но, наскоро го напуштила колеџот и се преселила во Њујорк за да се обиде да се занимава со театар. Го зела моминското презиме на нејзината мајка, Китон, бидејќи веќе имало Дајан Хол во класата по глума.
Своето филмско деби го имаше во 1970 година во филмот „Lovers and Other Strangers“, а нејзиниот голем пробив се случи кога Френсис Форд Копола ја избра за улогата на Кеј Адамс, девојката на Мајкл Корлеоне (Ал Пачино) во филмот „Кум“ од 1972 година.
Китон подоцна призна дека не го прочитала романот на Марио Пузо пред да се пријави на аудиција и дека немала поим за што се работи во филмот. „Најдоброто нешто што ми се случи беше добивањето на улогата во „Кум“, а немав поим за што се работи“, изјави таа за „Пипл“ во 2022 година.
Филмот ја освои наградата Оскар за најдобар филм, а Китон ја повтори улогата во „Кум 2“ (1974) и „Кум 3“ (1990).
Доби Оскар во 1977 година
Во 1977 година, таа глумеше во филмот на Вуди Ален, Annie Hall, за кој освои Оскар. Нејзиниот препознатлив стил – машки елеци, капи и одела – станаа модна инспирација. Иако често се шпекулираше дека филмот ја одразува нејзината врска со Ален, Китон рече: „Не е вистина, но има елементи на реалност“.
Таа, исто така, работеше со Ален во „Interiors“ (1978), „Manhattan“ (1979) и „Manhattan Murder Mystery“ (1993). Таа ја изненади јавноста во 2014 година кога изјави за „Гардијан“: „Го сакам Вуди“.
Китон, исто така, глумеше во филмовите „Looking for Mr. Goodbar“ (1977), „Reds“ (1981), „Shoot the Moon“ (1982) и „The Little Drummer Girl“ (1984). Таа работеше со Ненси Мејерс на филмовите „Baby Boom“ (1987), „Father of the Bride“ (1991), „Father of the Bride 2“ (1995) и „Something’s Gotta Give“ (2003), за што доби уште една номинација за Оскар.
Таа, исто така, режираше
Во 1996 година, таа глумеше покрај Голди Хоун и Бет Мидлер во хит-комедијата „Клубот на првите сопруги“. Подоцна имаше значајни улоги во филмовите Family Stone, Because I Said So, Finding Dory, Book Club (и неговото продолжение) и „Poms“. На телевизија, таа се појави во серијата на HBO „Младиот папа“ (2016). Таа, исто така, режираше неколку проекти, вклучувајќи го документарецот „Heaven“ (1987) и филмот „Hanging Up“ (2000).
Неодамна, таа се појави во музичкото видео на Џастин Бибер за песната „Ghost“ (2021) и беше многу активна на Инстаграм, споделувајќи мисли за животот, кариерата и пријателствата.
Китон никогаш не била во брак
„Јас сум единствената актерка од мојата генерација која била сама целиот свој живот“, рече таа во 2019 година. „Драго ми е што не се омажив. Отсекогаш сум била малку чудна. Уште во средно училиште, едно момче ми рече: ‘Еден ден ќе бидеш добра сопруга’. А јас му реков: ‘Не сакам да бидам сопруга. Не.’“
Таа беше во врски со Вуди Ален, Ал Пачино и Ворен Бити во текот на целиот свој живот. „Талентот е неверојатно привлечен“, рече таа за мажите.
Китон посвои две деца – ќерката Декстер (1996) и синот Дјук (2001). „Мајчинството не беше огромна потреба, туку идеја за која размислував долго време. И едноставно се одлучив за тоа“, рече таа еднаш.
Култура
Холандски бит и филмски ритам на „Скопје Синема Сити 2025“: Лауреат е култниот фотограф и режисер Антон Корбајн

Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division) , кој го обележа звукот на една генерација.
На 29 и 30 октомври, во киното „Фросина“ во МКЦ, ќе се одржи 11. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, кој оваа година ја поставува Холандија во фокус.
Свеченото отворање ќе биде со култниот филм „Контрола“ на Антон Корбајн – легендарен холандски режисер и фотограф, познат по своите впечатливи портрети на светски музички ѕвезди и по своите влијателни музички видеа. Корбајн е лауреат на овогодинешното издание, а фестивалот ќе му ја додели наградата за животно дело за неговите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот.
Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division) , кој го обележа звукот на една генерација. Снимен во впечатлива црно-бела фотографија, филмот ја истражува тенката линија меѓу славата, внатрешната осаменост и автодеструкцијата, претставувајќи го Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост. Корбајн, кој и самиот бил фотограф на Joy Division, создава интимен, емотивен портрет што прераснува во визуелна поезија на меланхолијата.
Покрај „Контрола“, публиката ќе може да ги погледне и документарниот филм „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез клуб Бимхаус во Амстердам; краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска; како и „Македонски дневник во рими“, проект на Види Вака кој го истражува светот на домашниот хип-хоп.
Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот, во Јавна соба, ќе биде отворена фотографската изложба на Ненад Георгиевски со наслов „Географии, лица и улици“, која го поврзува визуелниот израз со урбаните и културните простори низ кои патува музиката.
„Скопје Синема Сити 2025“ е поддржан од Амбасадата на Холандија во Македонија и од Министерството за култура и туризам.
Дизајнот на плакатот за 11. Издание е дело на Милица Коцева.
Култура
Објавени наградите на 28. издание на Денови на комедијата Куманово

Жирито на 28. издание на Меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија Куманово 2025, во состав: Претседател: Александар Ивановски, и членови на жирито: Дубравка Киселички, Петар Андоновски, Гергана Трaјкова и Стефан Јакимовски ги донесе следниве одлуки и награди:
Најдобра актерка – Рада Каирјакова, претстава „Постојаната сопруга“ (Сатиричен театар „Алеко Константинов“ Софија, Р. Бугарија);
Најдобар актер – Горѓи Јолески, претстава „Бог на колежот“ (Македонски народен театар – Скопје);
Најдобра споредна улога (женска) Јасмина Вучкова, претстава „Петок 13“ (Народен театар Струмица);
Најдобра споредна улога (машка) Благојчо Стојанов, претстава „Госпоѓа Министерка“ (Театар „Јордан хаџи Константинов“ – Велес);
Најдобра улога за млад актер – Никица Јанковски, претстава „Разбуди се Тина“ (Театар Куманово);
Најдобра сценографија – Нина Пашова, претстава „Постојаната сопруга“ (Сатиричен театар „Алеко Константинов“ Софија, Р. Бугарија);
Најдобра костимографија – Маријана Живковиќ, претстава „Покондирена тиква“ (Народен театар Пирот, Р. Србија);
Најдобра режија – Бојка Велкова претстава „Постојаната сопруга“ (Сатиричен театар „Алеко Константинов“ Софија, Р. Бугарија);
Најдобра претстава – „Бог на колежот“ (Македонски народен театар – Скопје);