Економија
Здравствен извештај на Штада за декември 2022 година – грижата за исхраната е темел на здравјето

Дека не се грижат доволно за исхраната признаваат 36 % граѓани на Србија, а од нив 43 % се жалат на лошо варење, горушица и други проблеми со варењето на храната, предупредува Здравственото истражување на компанијата Штада, кое опфатило над 30 000 испитаници во 15 земји, меѓу кои и Србија.
Во тек е сезоната на слави, а наскоро пристигнуваат и новогодишните и божиќните празници. Богатата трпеза со обилни вкусови, бои, мириси, носи радост, но обилните и калорични оброци можат да предизвикаат низа здравствени тегоби и да го расипат празничното расположение. Затоа е важно да имаме мерка, зашто нашиот стомак не ни го простува секогаш претерувањето, особено кога е во прашање мрсна и зачинета храна.
Во таа смисла предупредува и Здравственото истражување на Штада за 2022 година. Иако речиси ¾ од Европејците своите навики во однос на храната и пијалаците ги оценуваат како здрави, во исто време 46 % од нив се жалат на дигестивни тегоби. Лошото варење и горушицата најмногу ги мачат Полјаците (45 %) и граѓаните на Србија (43 %), но и Шпанците (41 %), додека сериозни хронични проблеми со системот за варење пријавуваат 4 % Европејци и 3 % граѓани ма Србија.
Жените се почувствителни на дигестивните тегоби
Резултатите од Здравственото истражување на Штада укажуваат дека жените во цела Европа се почувствителни во однос на проблемите со варењето. Дури 50 % од испитаниците истакнале дека постојано мора да водат сметка за видот и количеството на храна за да избегнат мачнина, надуеност, повраќање, проблеми со гасовите, како и појава на послаби или посилни болки во стомакот.
Здравата исхрана е сѐ повеќе IN кај граѓаните на Србија
За здравата исхрана најмногу се грижат Италијанците (87 %), Холанѓаните (84 %) и Французите (83 %).
Дека во текот на последните 12 месеци се хранат поздраво, истакнуваат и 48 % Срби и 50 % Шпанци, што е над европскиот просек од 40 %. За подобрување на исхраната значително помалку се грижат Британците (30 %) и Белгијците (31 %).
Истовремено, 36 % од испитаниците во Србија признаваат дека навиките во однос на храната и пијалаците им се нездрави, што е значително над европскиот просек од 19 %.
Што мислат за пробиотиците?
Еден од начините да се решат проблемите со варењето, се секако пробиотиците.
Дека пробиотиците се многу корисни и дека е добро да се зимаат, мислат дури 55 % од граѓаните на Србија, што е значително над европскиот просек од 37 %. Истражувањето на Штада покажува и дека низ цела Европа кон пробиотиците се повеќе наклонети жените (42 %) и младите на возраст меѓу 25 и 34 години, односно 44 % од нив. Во делотворното дејство на пробиотиците се сомневаат 34 % Европејци, а дека пробиотиците воопшто не се потребни сметаат 16 % Холанѓани, 10 % Германци, 9 % Белгијци и 5 % од граѓаните на Србија.
Антрфиле – Здравствен извештај на Штада за 2022 година
Веќе деветта година по ред, мултинационалната компанија Штада организира испитување на јавното мислење на европската популација по прашањето за здравствените навики и односот кон здравјето. Ова е деветто по ред, а четврто меѓународно истражување на Штада, кое опфатило повеќе од 30 илјади испитаници на возраст меѓу 18 и 99 години. Со истражувањето во 2022 година се опфатени 15 земји: Австрија, Белгија, Чешка, Франција, Германија, Италија, Казахстан, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Србија, Шпанија, Швајцарија и Обединетото Кралство.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.