Македонија
Ковачевски – Докрти: Силна поддршка од Обединетото Кралство за натамошен напредок на Северна Македонија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со министерот за Европа на Обединетото Кралство, Лео Докрти.
На средбата е потврдено големото, искрено и долгогодишно пријателство помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кое што од независноста на државата до денес придонесува во развојот на демократските процеси на нашата земја.
Оценето е дека членството во НАТО е важен чекор напред во развојот на нашата држава и е нагласено значењето на партнерството во рамки на Алијансата помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.
Пренесена е силна поддршка за политиките за развој на државата и во реализацијата на реформските процеси.
Во таа насока разговарано е за продлабочување на соработката во областа на одбраната, спроведувањето на институционалните реформи, како и во енергетиката.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност до министерот за Европа, Докрти, за тоа што Северна Македонија и Западен Балкан се меѓу приоритетите на Обединетото Кралство во надворешната политика, а е од големо значење за стабилноста и безбедноста на целиот регион.
Претседателот на Владата, Ковачевски, нагласи дека Балканот мора да биде поврзан и дел од Европската Унија и дека е сега моментот за исчекор и влез на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Премиерот Ковачевски посочи и на важноста од поддршката на Обединетото Кралство во развојот на парламентарната демократија во земјава, образованието и како значаен трговски партнер на земјава.
На состанокот беше разговарано и за надминувањето на предизвиците од економско-енергетската криза од светски рамки, како и за други актуелни прашања од значење за нашата држава и регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

