Свет
Светско првенство во Катар, контроверзии и добра организација
Организацијата на Светското првенство во фудбал во 2022 година во Катар беше проследена со контроверзии за човековите права, прашања за ограничувањата наметнати на навивачите, но натпреварите поминаа без инциденти и со одлична организација.
Откако на британската телевизија беше споменато дека за време на организацијата на Мундијалот загинале од 400 до 500 луѓе, организаторите беа принудени да го наведат бројот на печалбарите кои загинале при изградбата на стадионот. Тие наведоа дека од 2014 до 2020 година, 414 работници загинале во работни несреќи во Катар.
За работниците поврзани со организацијата, пријавени се три смртни случаи поврзани со работа и 37 смртни случаи кои не се поврзани со работата. Сепак, кружеа различни приказни со различен број на жртви.
Претставниците на Меѓународната организација на трудот, со кои разговараше АФП, сметаат дека на таа тема „нема веродостојни информации“.
На почетокот на Мундијалот навивачите беа загрижени и поради строгата регулатива за консумирање алкохол во Катар. Друга грижа е поврзана со хомосексуалноста, која се смета за нелегална во таа земја.
Така, на навивачите не им беше дозволено да влегуваат на стадионите облечени во облека во боја на виножито, што е симбол на ЛГБТ заедницата, но некои европски функционери сепак ги носеа тие бои.
Осум европски фудбалски федерации ги спречија своите играчи да носат ленти „One Love“ за поддршка на ЛГБТ заедницата, бидејќи ФИФА се закани со казни. За време на воведниот натпревар на првенството, Италијанец излезе на теренот со знаме од виножито на натпреварот Португалија – Уругвај.
По натпреварот Иран – САД имаше и помали инциденти меѓу провладините и антивладините ирански навивачи.
Катар како домаќин во четирите недели од Светското првенство очекуваше околу еден милион луѓе. Во првите две недели имаше 765.859 посетители, додека неколку десетици илјади подоцна дојдоа за полуфинале и финале. Засега, конечната бројка се уште не е позната.
Навивачите беа загрижени за цените за сместување кои за многумина беа превисоки. Оние кои се одлучија за најевтината опција од 80 евра од ноќ за двокреветна соба останаа задоволни. Протестираа оние кои платија 200 евра за сместување под шатори.
Првото Светско првенство во арапскиот свет го означи зближувањето меѓу Катар и Саудиска Арабија по дипломатското замрзнување од 2017 до 2021 година.
Светското првенство го зближи арапскиот свет во поддршка на Палестинците со знамиња и транспаренти на стадионите. Знамињата на еден натпревар ги носеа и марокански играчи.
Европски политички фигури, вклучително и францускиот претседател Емануел Макрон, го посетија Катар.
Кон крајот на натпреварувањето, Катар повторно е во центарот на вниманието поради корупцискиот скандал во Европскиот парламент. Катарските власти негираа каква било вмешаност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Ова е пораз за Мерц, Стармер и Фон дер Лајен“: реакција на Русија по одлуката на ЕУ за финансирање на Украина
Русија реагираше на компромисот постигнат синоќа од земјите-членки на ЕУ за финансирање на Украина. „Засега преовладаа правото и здравиот разум“, напиша главниот руски преговарач Кирил Дмитриев денес на Телеграм.
Тој ја опиша одлуката донесена во Брисел како „смртоносен удар“ врз политичарите што ги нарече „военоподбуцнувачи“, именувајќи ја претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер.
„Неколку гласови на разумот во рамките на ЕУ досега спречија нелегално користење на руските резерви за финансирање на Украина“, напиша Дмитриев.
Русија постојано предупредуваше за „кражба“ на нејзините државни средства и се закануваше дека ќе одговори со користење на западните фондови, особено оние што им припаѓаат на приватни инвеститори и компании, за свои цели.
„Ова е пораз за Мерц, Стармер и фон дер Лајен“
Дмитриев објави на X дека фон дер Лајен, Мерц и Стармер се поразени. „Целиот свет само гледаше како не успеавте да ги заплашите другите за да го прекршат законот“, рече тој.
По месеци расправии, земјите-членки на ЕУ рано во петокот се согласија за компромис за финансирање на Украина за следните две години.
Според договорот, Украина ќе добие бескаматен заем од 90 милијарди евра. Доколку Русија не успее да плати воени репарации, замрзнатите руски средства во ЕУ ќе бидат искористени за отплата на заемот.
Мерц првично се обиде да ги искористи средствата на руската централна банка, претежно замрзнати во Белгија, за да обезбеди заеми до 210 милијарди евра. Сепак, планот на крајот пропадна поради противењето од земји, вклучувајќи ги Франција и Италија, откако Белгија, особено, покрена големи правни и политички загрижености, потсетуваат медиумите.
Фото: депозитфотос
Регион
E-пошта со безбедносни закани во училиштата во Словенија: учениците итно евакуирани
Неколку основни и средни училишта низ Словенија денес добија е-пошта со безбедносни закани, а некои беа евакуирани како мерка на претпазливост, објави полицијата.
Главната полициска управа на Љубљана изјави дека реагирала веднаш по приемот на заканувачки пораки, собрала информации и ги спровела сите потребни мерки за да ја осигура безбедноста на учениците и персоналот, објави СТА.
Досега собраните податоци укажуваат дека станува збор за генерички закани, без конкретна оперативна опасност.
Полицијата процени дека ситуацијата носи мал ризик и дека нема потреба од дополнителен аларм.
Министерот за образование беше информиран за инцидентот, пишуваат медиумите.
Фото: депозитфотос
Свет
Каја Калас на удар на критики од Норвешка поради нејзиниот став кон Москва
Европската Унија, и покрај нејзината сегашна политика и континуираната финансиска поддршка за Украина, на крајот ќе мора да обнови целосен дијалог со Русија, изјави норвешкиот политиколог и професор Глен Дизен.
Коментирајќи ги изјавите на шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, која ги повика земјите-членки на ЕУ да избегнуваат дијалог со Москва бидејќи, како што изјави, тоа може да доведе до ескалација, Дизен предупреди на опасните последици од таков пристап.
„Врвниот дипломат на ЕУ, Каја Калас, ги повикува земјите да не учествуваат во дијалог со Русија. Кога врвен дипломат не верува во дипломатијата, војната станува веројатен исход“, напиша Дизен на социјалната мрежа X.
Според неговото мислење, целосното отсуство на комуникација со Москва не може да биде одржлива стратегија за Европската Унија, без оглед на моменталните политички позиции и воено-финансиската поддршка на Киев.
Во меѓувреме, имаше реакции од Москва на изјавите на шефицата на европската дипломатија, кои беа оценети како збунувачки и спротивни на улогата што треба да ја има еден висок дипломатски функционер.
Медиумите потсетуваат дека францускиот претседател Емануел Макрон претходно изјави дека продолжувањето на дијалогот меѓу Европа и Кремљ може да биде корисно, посочувајќи дека без комуникација е тешко да се постигне одржливо решение за украинската криза.
Фото: депозитфотос

