Економија
Петровска: НАТО ги отвори вратите за македонскиот бизнис-сектор

„НАТО не е само безбедност, туку и економска шанса. Со членството во НАТО се создаде една голема можност компаниите од нашата земја да учествуваат во своите тендерски постапки и да понудат производи што би можеле да ги испорачаат за потребите на НАТО. Се работи за еден значителен буџет, кој се мери во милијарди евра“, рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на денешната информативна средба со претставници на бизнис-секторот во Стопанската комора на Република Северна Македонија.
Пред извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, и македонските стопанственици, министерката Петровска порача дека како дел од евро-атлантското семејство Северна Македонија е доверлив и достоинствен сојузник и дека НАТО-пазарот е компетитивен пазар кој не треба да ни претставува пречка, туку да ни биде дополнителен мотив да бидеме подобри, поефикасни и поквалитетни.
„НАТО-пазарот е потенцијал за дополнително раздвижување на целата наша економија затоа што спектарот за потребите на НАТО за кои се распишуваат набавки е широк, а за огромен дел од тие потреби во нашата земја има компании што ги нудат тие производи или услуги со конкурентни цени. Во нашата земја имаме големо производство кое може да биде понудено, пред сè, во делот на прехранбената, текстилната, металната индустрија, како и во делот на придружните логистички потреби“, рече министерката.
Петровска додаде дека бизнисот во Центарот за поддршка на компаниите во Министерството за одбрана има доверлив партнер, кој е подготвен да помогне со сите информации и знаења за процедурата да биде полесна и поефикасна и да бидат исполнети пропишаните услови.
„Досега постапка за регистрација за учество на НАТО јавните набавки имаат направено 23 компании, но јас како министерка ве охрабрувам и ве поканувам заедно да ги искористиме овие можности, а со тоа да придонесеме за јакнење на економијата во државата. Овој центар мора да се искористи. Нашата цел е да им помагаме на компаниите првенствено да извршат регистрација во НАТО-агенциите, а потоа да добијат пристап до објавените тендери. Центарот е во функција на пренесување на научените лекции за успешно аплицирање на тендери, како и за поврзување на македонските компании со светските гиганти, кои веќе имаат активни договори со НАТО-агенциите, а имаат потреба од доставувачи“, рече министерката.
Во однос на поткомитетот „НАТО и бизнис-заедницата“, кој е дел од проектот „МКД НАТО 2030“, министерката Петровска посочи дека целта е да се создаде сојузништво или партнерство помеѓу Министерството за одбрана, граѓанското општество и коморите со една единствена цел – да се креираат одржливи решенија што ќе придонесат за целосно искористување на нашите национални капацитети и потенцијали, а се во интерес на државата.
„Овој поткомитет преку заедничка соработка треба да овозможи конкретни мерки, конкретни активности, преку кои ќе се олесни и значително ќе се подобри пристапот на нашите компании на НАТО-пазарот сè со цел да придонесе кон подобрување на македонската економија, меѓутоа и да се отворат нови работни места заради тоа што НАТО е безбедност, меѓутоа дава и економска шанса на сите нас“, истакна министерката.
Детаљните активности на поткомитетот „НАТО и бизнис-заедницата“, со креирање посебна програма за градење алатки, механизми, постапки и посебни настани што ќе го олеснат пристапот на македонските компании на НАТО-пазарот беа образложени од страна на професорот Марјан Ѓуровски, претседател на комитетот „МКД НАТО 2030“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.