Македонија
Истражување на Галеника: користење на лекови во Македонија
Фармацевтската компанија Галеника спроведе национално истражување за состојбата со здравјето и употребата на лекови во Македонија.
Истражувањето е со цел да се види каква е состојбата после, односно поради пандемијата. Очигледна е свеста за важноста на превенцијата на болестите, како и потребата да се подигне свеста за здравствените ризици и предизвици. Податоците говорат дека употребата на лекови во Македонија е конзистентна со земјите од регионот каде Галеника е веќе присутна со своите производи.
„Со ова истражување, кое го спроведовме и во земјите од регионот, Галеника сака преку релевантни податоци да придонесе за подигање на свеста за важноста на превенцијата и зачувување на здравјето на граѓаните во Македонија, како и за проширување на нашето портфолио со висококвалитетни производи кои на најдобар начин ќе одговорат на моменталните потреби на корисниците. Галеника секогаш настојува да обезбеди дополнителна вредност на пазарот, а сознанијата стекнати преку ова истражување го сметаме за вредност која ќе се фокусира на она што е највредно за нас, а тоа е здравјето и неговото зачувување“, вели Даниел Јаневски, директор на претставништвото на Галеника во Македонија.
Најчесто користени лекови
Според истражувањето на Галеника во домашните аптеки на граѓаните во Македонија најчесто се наоѓаат производи кои регуларно може да се издаваат без лекарски рецепт, – 80% од испитаниците одговориле дека вообичаено дома ги имаат овој тип на производи, како што се таблети, капсули, масти и гелови за вообичаените тегоби или болести. Видови на лекови кои граѓаните ги имаат во своите домашни аптеки, независно дали спаѓаат во оние кои регуларно се издаваат со рецепт или не, најчести се лековите за настинка, воспалено грло и кашлица (75%), додека 73% се изјасниле дека дома имаат антипиретици за намалување на високата температура, а аналгетици имаат 61% од луѓето. Употребата на производи против алергија покажува глобален раст, а во Македонија домашните аптеки на 47% од населението содржат и антиалергични лекови. Една од состојбите која често се среќава во истражувањето е дијарејата поради што 44% од луѓето дома имаат лекови и препарати за оваа тегоба. Во домашните аптеки кај 37% има и лекови и препарати за обработка на површински рани.
Акутни здравствени проблеми
Главоболките или болките во рбетот и екстремитетите се најчестите акутни проблеми за граѓаните на Македонија. Според истражувањето 85% од испитаниците се пожалиле на овој тип на болки, додека 61% се соочуваат со респираторните инфекции со/и без повисока температура. И тоа 38% се изјасниле дека со респираторни проблеми се соочуваат 1 до 3 пати годишно, а 24% рекле дека состојбата се повторува повеќе од 4 пати годишно. Гастроинтестиналните проблеми се појавуваат во одговорите на 60% од испитаниците, додека алергијата е присутна во анкетите на 36% од испитаниците.
Дури 2/5 или 40 % од луѓето користат аналгетици на месечно ниво, додека 22% од испитаниците ги користат на неделно ниво. Останатите 38% се изјавиле дека користат ретко или не користат. Многу помал број од испитаници се изјасниле дека посегнуваат по лековите за смирување, и тоа 15% се неделни корисници, а 13% се месечни корисници, додека 1/5 од луѓето имаат лекови за полесно варење. Овие податоци укажуваат на современ начин на живот кој со себе носи стрес и лоши навики во исхраната, кои изискуваат поддршка.
Од јануари 2020 година 63% од луѓето користеле антибиотици. Во просек луѓето земале 2,6 пакувања антибиотици од почетокот на пандемијата.
Хронични состојби и лекови
Истражувањето на Галеника покажува дека нешто повеќе од една третина од луѓето велат дека имаат хронична состојба поради која мораат редовно да користат лекови. И тоа 15% од испитаниците се соочуваат со кардиоваскуларни проблеми, што значи дека болестите на срцето и на крвните садови се најчестото хронично заболување. Алергиите се високо листата со 7% главоболките и дијабетес со по 6%, по што следат ревматолошките проблеми со 5%. Испитаниците подеднакво се пожалиле на болестите на штитната жлезда, на ‘рбетниот столб, на органите за варење, на белодробните заболувања, како и стресот и другите психолошки проблеми – по 4%.
Граѓаните на Македонија со хронични заболувања во просек користат по 3,3 различни лекови за лекување на хронични состојби.
Суплементи
Речиси 2/3 или 61% од испитаниците се изјасниле дека конзумираат намирници и состојки за кои сметаат дека се корисни за нивниот имунитет. Физичката активност е вториот приоритет за одржување на здравјето, односно 55% од испитаниците се изјасниле дека одат на редовни прошетки или рекреативно спортуваат. Од додатоците за зајакнување на имунитетот граѓаните преферираат или суплементи со витамини и минерали или препарати посебно наменети за подигање на имунитет – 48%.
Минералите и витамините вообичаено се користат сезонски, односно кога луѓето сметаат дека им е потребна заштита, а најголем број испитаници претпочитаат поединечни витамини и минерали.
Луѓето во просек земаат најчесто околу 3 производи на минерали и витамини.
При изборот на производот најмногу влијае советот од докторот, а потоа на фармацевтот.
Сепак, кога се бира лек во аптеката, речиси 4/5 луѓе сметаат дека советите на фармацевтот се важни.
За здравствени проблеми 3/5 од населението секогаш се обраќаат на лекарот за совет, додека останатите кај доктор одат само за посериозни здравствени проблеми.
За 65% од граѓаните во Македонија Интернетот е важна алатка за истражување на сопствените симптоми или за добивање дополнителни информации за добиената здравствена дијагноза.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Густата магла и лизгавиот пат ѝ помогнале на полицијата да го спаси Кајмакоски, тврди извор за српските медиуми
Густата магла и лизгавиот коловоз, по сè изгледа, одиграле клучна улога во спасувањето на Даниел Кајмакоски.
Како што вели извор на Курир.рс, можно е киднаперите, поради намалената видливост, да се дезориентирале и на кружниот тек кај Рума пропуштиле да скршнат во планираниот правец, па продолжиле право и изгубиле контрола над возилото, кое излетало од патот и удрило во банкина.
„Токму тој тек на околности доведе до прекин на нивната намера. Интересно е што киднаперите, заедно со жртвата во автомобилот, успеале да поминат две наплатни рампи – во Шимановци и во Рума. Но ударот во заштитната ограда го запрел нивното бегство. Откако го оштетиле автомобилот, двајцата осомничени, за кои се верува дека се турски државјани, продолжиле да бегаат пеш. Истрагата продолжува, а надлежните ги испитуваат сите околности, вклучително и движењето на осомничените пред инцидентот“, изјавил изворот.
Според досегашните информации двајца странци во ноќта меѓу сабота и недела го пресретнале Даниел Кајмакоски по негов настап во локал во Белградската Бетон хала. Со закана со нож и пиштол му наредиле да влезе во својот бел „волво“, каде што го врзале. Киднаперите од пејачот барале 20.000 евра.
„Прво се обидела да ги запре патрола на сообраќајна полиција во Белград, но откако возачот на ‘волвото’ не застанал, туку дал гас, се активирале алармите. Наскоро некој од блиските на пејачот ја повикал полицијата и пријавил дека ‘исчезнал’. Во потрагата, покрај сообраќајната полиција, се вклучиле и други полициски единици. Белото ‘волво’ било пронајдено на автопатот кај исклучокот за Рума, каде што имало сообраќајна незгода, односно удрило во банкина“, додава изворот.
Полицијата во возилото го пронашла пејачот, кој бил во шок. Киднаперите сè уште се во бегство, а потрагата продолжува.
Македонија
Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна
Независниот синдикат на професионални војници, реагира поради појавата на шуга кај новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, обвинувајќи за катастрофални услови за живот и работа во касарните низ државата.
Оттука посочија дека случајот во Велес е само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале тајни.
„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина, неисперена со години, од перници стари по 15-20 години, исто така и за кебињата и чаршавите со години стари и необновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага , со многу инсекти по просториите, храната се дава во нехигиенски услови со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво, храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли се нереновирани и руинирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога немаат струја во објектите за да се загрејат и техничка вода за да се одржава личната хигиената и хигиената на објектите, ваквите состојби траат со години“, се наведува во соопштението на сидникатот.
Александар Насковски, претседател на синдикатот потенцира дека военото раководство и сите министри за одбрана досега не покажале грижа за војниците, и покрај долгогодишните апели. Според него, се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници.
„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, треба приоритет да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи“, се наведува во соопштението.
Синдикатот го обвинува министерот за одбрана Владо Мисајловски за игнорантски однос, отсуство на социјален дијалог и непочитување на основните човекови права на припадниците на Армијата.
Меѓу причините за растечкото незадоволство ги посочуваат: немање покачување на плати три години поради правни измени, дискриминација и мобинг и масовен одлив на војници.
Синдикатот најавува дека во наредниот период ќе продолжи јавно да информира за состојбите во Армијата низ целата држава.
АРМ и Министерството за одбрана претходно информираа дека двајца професионални војници од велешката касарна се зарезени со шуга. Заразените се дел од 296-темина нови професионални војници кои на 16 јануари положија заклетва.
Од страна на стручните лица на АРМ и Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.
Македонија
Српската полиција се огласи по киднапирањето на Даниел Кајмакоски: Се трага по двајца осомничени
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека полицијата трага по две лица осомничени за киднапирање на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, нагласувајќи дека пејачот, кој бил пронајден со врзани раце, е згрижен.
Како што е наведено, по полициска потера, возилото во кое се наоѓале двете непознати лица, било запрено на територијата на општина Рума. Киднапираниот бил затекнат во возилото со врзани раце, додека киднаперите успеале да го напуштат возилото и да побегнат во непознат правец.
Двајцата претходно со нож и огнено оружје го киднапирале Кајмакоски.
Српското МВР потенцира и дека киднапирањето се случило во утринските часови во Белград и дека киднаперите барале пари од пејачот.

