Свет
Комисијата што го истражува нападот на „Капитол“ го обвини Трамп за заговор
Комитетот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, кој го истражува нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, во извештајот го обвини Доналд Трамп за „заговор“.
Објавувањето на извештајот доаѓа само три дена откако комисијата препорача кривична пријава против Трамп.
Комисијата на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, која го истражува нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, го објави својот конечен извештај, во кој го обвинува поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, за „заговор “.
Комисијата во извештајот наведува дека тоа е направено со цел да се фрустрира волјата на народот и да се наруши демократскиот поредок и препорачува на поранешниот претседател повторно да му се забрани да ја извршува претседателската функција.
Меѓу 11-те препораки предложени од комисијата, како резултат на истрагата, има и предлог да му се забрани вршење јавна функција, што би го оддалечило Трамп од потенцијална претседателска кандидатура на следните избори, пренесува Си-Ен-Ен.
Во извештајот, Комисијата цитираше дел од Уставот на САД кој вели дека поединецот кој се заколнал дека ќе го почитува Уставот, но „учествувал во бунт“ или давал „помош за непријателите на Уставот“ може да биде дисквалификуван од вршење јавна функција. .
Поделен на осум поглавја, извештајот од 845 страници вклучува наоди, транскрипти од интервјуа и законски препораки, а неговото објавување доаѓа само три дена откако комисијата препорача кривична пријава против Трамп, пишува Гардијан.
Комисијата, која ќе биде распуштена на 3 јануари, кога републиканците ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, спроведе повеќе од 1.000 интервјуа, одржа 10 јавни расправи и собра повеќе од милион документи откако беше формирана минатиот јули.
Во извештајот се оценува дека Трамп сакал да ги поништи изборните резултати и победата на Џо Бајден на претседателските избори во 2020 година, а комисијата заклучува дека Трамп е виновен за насилниот бунт на неговите поддржувачи.
Според извештајот, Трамп знаел дека изгубил, но сепак извршил притисок врз државните претставници и американскиот потпретседател Мајк Пенс да ги поништат изборите.
Како што се посочува, тој бил директно одговорен за свикување на протестот кој подоцна станал насилен, а се забележува дека одбил да ги осуди протестите или да побара од демонстрантите да го напуштат Капитол.
„Еден човек е главната причина за немирите што избувнаа на 6 јануари. Поранешниот претседател Доналд Трамп, кој го следеа многумина“, се наведува во резимето на извештајот, додавајќи дека немирите немаше да се случат без Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Москва му одговори на Макрон: Разговори – да, но со љубезни и пристојни луѓе
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Владимир Путин е подготвен за разговори, но само со „љубезни и пристојни луѓе“, одговарајќи на изјавите на францускиот претседател за потребата од дијалог со Москва.
„Нашиот претседател повеќепати истакнуваше дека секогаш е отворен за контакт, но со разбирање дека тоа ќе бидат љубезни луѓе со одредено основно ниво на пристојност“, изјави Лавров, потсетувајќи на острите изјави на Емануел Макрон, кој претходно ја нарече Русија, а лично и Путин, „единствениот злосторник“ во сегашниот конфликт.
Лавров претходно изјави и дека лидерите на Европската Унија се однесуваат непристојно, обидувајќи се да им диктираат на Кина и Индија дали треба да одржуваат контакти со Русија. Тој нагласи дека Москва го почитува правото на сите држави самостојно да ги одредуваат своите партнери, што, како што рече, е целосно во согласност со принципите на суверена еднаквост од Повелбата на Обединетите нации.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дошло време тој и европските лидери повторно да воспостават дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, пишува весникот „Фигаро“.
Фото: Depositphotos
Свет
Зеленски во Варшава: ЕУ донесе клучна одлука за поддршка на Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Варшава истакна дека Европската Унија донела клучна одлука за финансиска помош за Украина, и покрај обидите на Русија да ја осуети.
„Русија направи сè за да ја осуети одлуката на лидерите на ЕУ за финансиските потреби на Украина, но во тоа не успеа“, изјави Зеленски.
На заедничката прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск, тој нагласи дека Полска има големи заслуги за позитивната одлука на Европската Унија и дека украинскиот народ ѝ е благодарен на полската држава.
„Одлуката што ја донесоа европските лидери сега е најважна. Секако, Русија навистина сакаше да го наруши, откаже или одложи овој состанок. Европа покажа лидерство по ова прашање, што е исклучително важно, заземајќи цврст и решителен став. Ви благодарам што нè поддржувате и што продолжувате да нè поддржувате“, рече Зеленски, обраќајќи му се на Туск.
Како што истакна украинскиот лидер, Полска секогаш била на страната на Украина кога се избирало меѓу исправни и погрешни одлуки.
„Би сакал да ја искористам оваа можност да му се заблагодарам на полскиот народ за значајната поддршка што ѝ ја даде на Украина од самиот почеток на оваа војна. Сметавме на вашата помош и и понатаму сметаме на неа“, нагласи Зеленски.
Тој додаде дека, и покрај одредени тешкотии, особено поради историскиот контекст на билатералните односи, Украинците и Полјаците мора да се разбираат меѓусебно.
„И ние тоа го правиме и ќе се разбираме уште подобро отколку што се разбираме во денешните односи“, истакна Зеленски.
Сумирајќи ја посетата на Варшава, украинскиот претседател ги оцени како многу важни средбите со својот полски колега Карол Навроцки и со претставници на полскиот парламент. Според него, „најстрашното за Русија е тоа што двете земји стојат заедно“.
„Кога нашите земји се заедно, нема да можат да нè победат. Имаме многу добри односи и одлуки. Ставот што Полска го покажа во контекст на Украина е исклучително важен и дополнително го зајакнува нашето пријателство“, нагласи Зеленски.
По разговорите со Навроцки, Зеленски изјави дека денешната посета на Полска ќе отвори нова страница во односите меѓу двете земји.
Свет
Рубио: САД ништо не наметнуваат, не можеме да ги принудиме ниту Киев ниту Москва на договор
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во мировните преговори за Украина не се наметнува договор и дека и Киев и Москва мора самите да сакаат да постигнат спогодба.
„На крајот, на нив е да постигнат договор. Не можеме да ја принудиме Украина, ниту Русија. Тие тоа мора да го сакаат“, рече Рубио, додавајќи дека има напредок, но дека остануваат тешки прашања.
Украинските преговарачи во петок започнуваат нова рунда разговори со американскиот тим, а претставници на Белата куќа планираат разговори и со руската делегација во Мајами. Рубио најави дека би можел да се приклучи на дел од тие разговори.
Осврнувајќи се на Блискиот Исток, Рубио предупреди дека „нема да има мир во Газа без разоружување на Хамас“, нагласувајќи дека стабилен мир не е можен доколку Хамас остане во позиција да го загрозува Израел.
Depositphotos

