Свет
На ирански фудбалер му се заканува смртна казна, обвинет е за бунт против владата

Иранскиот 26-годишниот фудбалер Амир Наср-Азадани е еден од луѓето кои би можеле да бидат погубени на плоштадот Шахид Алихани во Исфахан, централен Иран. Тој беше обвинет за бунт против владата, што во Иран се казнува со смрт.
Споменатиот плоштад инаку е неугледен дел од Исфахан, но сега стана место каде приврзаниците доаѓаат да му дадат поддршка на фудбалерот.
Стравуваат дека Наср-Азадани може да биде убиен на плоштадот, каде што е поставена платформата за егзекуција, изјави за „Си-Ен-Ен“ извор близок до младиот фудбалер.
„Си-Ен-Ен“: Најмалку 43 лица во Иран би можеле да се соочат со егзекуција
Иранските семејства, чии членови се осудени на смрт поради нивната поврзаност со протестите ширум земјата, веруваат дека Западот во моментот е преокупиран со божикните прослави и дека во Иран ќе има бран на егзекуции. Поради протестите по смртта на 22-годишниот Махса Амини, многу луѓе се осудени на смрт, додека илјадници се во затвор.
Работејќи со активистичката група „1500Тасвир“, „Си-Ен-Ен“ прегледа документи, видео, сведоштва и изјави од земјата кои сугерираат дека најмалку 43 лица, вклучувајќи го и Наср-Азадани, би можеле да се соочат со неизбежна егзекуција.
Иранските власти веќе егзекутираа најмалку две лица во врска со протестите минатиот месец. Едно лице беше дури и јавно обесено. Изјавите на сведоците и официјалните документи прегледани од „Си-Ен-Ен“ и „1500Тасвир“ даваат доказ дека се одржале избрзани судења и дека обвиненијата кои би можеле да доведат до смртна казна честопати се поднесуваат за време на едно сослушување.
Обвинувања против фудбалери
Наср-Азадани е обвинет за вмешаност во убиството на тројца припадници на безбедносните сили, вклучително и двајца доброволци од милицијата Басиџ, за време на протестите во Исфахан на 16 ноември, објави иранскиот државен медиум ИРНА минатата недела.
Според ИРНА, главниот судија на градот Асадула Џафари рече дека Наср-Азадани е обвинет за бунт против владата. Според иранскиот кривичен законик, казната за ова вклучува и смртна казна. Извор близок до фудбалерот вели дека приврзаниците се надевале дека фудбалерот ќе биде ослободен, но дека доаѓаат на плоштадот да видат дали е погубен.
„Од денот кога беше уапсен, властите рекоа дека ќе биде ослободен до крајот на неделата“, изјави извор за Си-Ен-Ен. После тоа немаше никакви информации, а неколку недели подоцна властите им соопштија дека фудбалерот може да биде обесен на плоштадот Шахид Алихани.
Семејството на Наср-Азадани првично не ја знаеше причината за неговото апсење, а официјалните лица не сакаа да споделуваат информации за неговата состојба, изјави извор за Си-Ен-Ен. Надлежните му порачале на семејството на фудбалерот да молчи за случајот доколку сакаат тој да биде ослободен.
Судот минатата недела објави дека добил видео и доволна документација со која се докажува дека Наср-Азадани е дел од вооружена група. ИРНА објави дека фудбалерот ја признал вината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Маж на возраст од околу 40 години загина на концерт на „Оејсис“, полицијата бара сведоци

Маж на возраст од околу 40 години загина откако падна од височина за време на концерт на „Оејсис“ на лондонскиот стадион Вембли, соопшти Метрополитенската полиција, а пренесе Би-Би-Си.
Полицајци и медицински лица на стадионот Вембли реагирале на дојава за повреден маж околу 22:19 часот. Мажот бил „пронајден со повреди кои соодветствуваат на пад“ и бил прогласен за мртов на самото место, соопшти портпаролот на полицијата.
Во изјава од стадионот Вембли се наведува дека на повредениот маж му била укажана помош од страна на медицинските лица, полицијата и лондонската итна помош.
„И покрај нивните напори, посетителот на концертот за жал почина. Сочуствуваме со неговото семејство, кое е информирано и му се дава поддршка од специјално обучени полициски службеници“, се наведува во соопштението.
„Оејсис“ во својата изјава соопшти дека се „шокирани и нажалостени“ од веста за смртта на обожавателот.
Најверојатно, мажот паднал од горниот кат.
Полицијата изјави дека стадионот бил преполн и дека „веруваат оти најверојатно имало повеќе луѓе кои биле сведоци на инцидентот или свесно или несвесно го снимиле со мобилен телефон“.
Метрополитенската полиција ги замоли сите што имаат информации да се јават на бројот 101.
Бендот ја започна својата турнеја по повод повторното обединување. Саботниот концерт беше дел од седум распродадени концерти на стадионот Вембли, кој има капацитет од 90.000 луѓе на три ката.
Следните концерти на бендот ќе се одржат во Единбург на 8., 9. и 12. август, по што следува турнеја низ Ирска, Канада, САД и Мексико, пред повторно да се вратат на Вембли на 27. и 28. септември.
Свет
Двегодишно девојче најдено живо во куфер во автобус на Нов Зеланд

Двегодишно девојче е пронајдено живо во куфер што се наоѓал во багажниот простор на автобус на Нов Зеланд, пренесува „Скај њуз“. Според полицијата, детето било во прегреана состојба при пронаоѓањето, но немало видливи повреди.
Инцидентот се случил во неделата за време на застанување во местото Каивaка, околу сто километри северно од Окленд. Возачот на автобусот забележал движење во куферот откако една патничка побарала пристап до багажниот простор. Кога го отворил сомнителниот куфер, следувал шок – внатре се наоѓало девојчето.
Главниот детектив, Сајмон Харисон изјави дека девојчето било „многу загреано, но физички изгледало неповредено“. Веднаш било пренесено во болница, каде било задржано за детални прегледи.
Полицијата уапсила 27-годишна жена, чиј идентитет не е објавен, под сомнение за занемарување и злоупотреба на дете. Не е соопштено колку долго девојчето било во куферот, ниту на која делница се движел автобусот.
Жената треба да се појави пред суд во понеделник, а случајот е пријавен и до надлежните служби за заштита на деца.
Компанијата Entrada Travel Group, која управува со националната автобуска линија InterCity, потврди дека инцидентот се случил во еден од нивните автобуси. „Полицијата беше повикана да реагира и го истражува случајот. Никој не беше повреден за време на инцидентот“, се наведува во соопштението на компанијата.
За среќниот исход заслуга има возачот на автобусот, кој доби пофалби од детективот Харисон, кој истакна дека „забележал дека нешто не е во ред и веднаш презел мерки, спречувајќи многу полоша завршница“.
Регион
Поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер, излезе од затвор

Иво Санадер, поранешен лидер на ХДЗ и премиер на Хрватска, е ослободен од затвор пред да ја отслужи целата казна. Санадер беше условно ослободен од затворот Липовица откако отслужи две третини од казната, објавија хрватските медиуми.
Како што објасни адвокатот Драган Црнковиќ, исполнети се сите законски услови за поранешниот премиер да биде ослободен. Тој рече дека покрај неговата возраст, една од причините наведени во барањето за ослободување е неговата здравствена состојба, но тоа не се главните причини, забележува тој, туку и фактот дека тој го почитува член 59 од Кривичниот законик. Тој истакнува дека на 15 август 2023 година отслужил половина од казната.
Ќе биде должен да се јавува во полиција секој месец и нема да му биде дозволено да го менува местото на живеење и привременото живеалиште.
На прашањето на новинарите дали тоа значи дека ќе има ограничено движење, тој одговори негативно.
„Не знам, може да го запали автомобилот, да оди во Сплит. Само ако има намера трајно да го промени местото на живеење и живеалиштето, мора да добие дозвола“, објасни адвокатот Црнковиќ.
Фото: ЕПА