Македонија
Голема акција за пошумување – засадени 40.000 садници
Министерството за земјоделство и Национални шуми во соработка со Мен енд Маунтен заедно со Пивара Скопје, Пакомак и Министерството за животна средина и просторно планирање успешно ја заокружија соработката потсетувајќи ги граѓаните и институцииите дека само со заеднично делување може да се подобри квалитетот на животот и да се допринесе кон одржиилва животна средина.
Во изминатите два месеци, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Национални шуми, волонтерите на Пивара Скопје и локалното население засадија околу 40.000 дрва – 10.000 дрвја во Ќојлија (Петровец) и 30.000 дрвја во Велес, во близина на езерото Младост. Акцијата за пошумување на шумските насади наречени „Сончева гора“ беше дел од ветувањето кое беше дадено оваа пролет од Пивара Скопје, Мен енд Маунтен и Пакомак поддржани од Министерството за животна средина и просторно планирање, по акцијата за чистење на отпад – „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2022“ – за секои 10 килограми отпад што ќе се соберат, да се посади по едно дрво. Еко-акцијата беше спроведена во 26 општини ширум земјата, а во неа учествуваа над 8000 волонтери, со што заслужено го доби приматот – најмасовна еколошка акција коja досега била спроведена во нашата земја.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја поздрави акцијата и ја истакна важноста на ваквите акции и заложбата за заеднички придонес кон подобрување на квалитетот на живот во нашата држава. „Драго ми е што после ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, ова е прва од десетте вакви акции кои ќе следат. Тука сме да дадеме максимална поддршка, но воедно и да ги поттикнеме сите заедно да се приклучат. Зелената транзиција е еден од петте приоритети на Министерството, нашата цел и фокус е да го промениме начинот на размислување, навиките, но и да дадеме поддршка на она што значи живот. Секое едно дрво значи живот!“ изјави министерот Љупчо Николовски.
Генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ го изрази своето задоволство за неверојатниот успех и позитивни резултати од оваа акција и повика на уште поголема масовност во акциите што следат. „Горд сум на сите волонтери и Пиварци кои беа дел од оваа акција и им честитам од срце за постигнатиот успех! Заедно со нашите партнери посадивме 40.000 дрвја. За Пивара Скопје, ова е исклучително важно бидејќи ни помага да ги споиме двете најважни стратешки иницијативи – „Свет без отпад“ и сета посветеност која ја имаме за намалување на CO2. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите наши партнери да ни се придружат и заедно да ја направиме нашата земја уште подобро место за живеење,“ вели генералниот директор Горан Сладиќ.

Поздравувајќи ја иницијативата Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, им го честита успехот на организаторите на големата еко акција: „Трансформација на приближно 400 тони собран отпад во дрвни насади и со тоа создавање на „СОНЧЕВА ГОРА“ е видлив бенефит за сите! Ова е одличен пример како правилниот однос кон отпадот, волјата да се собира и рециклира, вклучувајќи иновативен пристап и креативност, од отпадот од минатото може да се гради зелена иднина“ истакна министерот Нуредини.

Целта на „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ и „СОНЧЕВА ГОРА“ е да се исчисти земјата од отпадот на минатото и да се рециклираат во зелена иднина во следните десет години – од 30-ти до 40-тиот роденден на нашата земја. „Сите слоеви на општеството надвор од сите етнички, социјални и политички граници ги здружуваат силите за да направат одржлива промена во начинот на кој постапуваме со нашата животна средина и управувањето со отпадот. Горди сме на сите луѓе во нашата земја, кои избраа да ја направат вистинската работа: чување и грижа за нашата земја со цел градење иднина за нас и за генерациите што доаѓаат“, споделија Гордана Софија и Ханес Јаецкл од Мен енд Маунтен.

Целокупната неопходна инфраструктура за собирање, селекција и соодветен третман на отпадот ја обезбеди Пакомак. „Денешната акција е добар пример визуелно да се прикаже циркуларноста на отпадот. На секои 10 килограми отпад што ги собравме изминатиот период, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донираше по едно дрво кое денеска го садиме. Ова е уште еден доказ дека со селекција на отпад и правилно управување со истиот можеме да придонесеме за позелена планета, “ вели Филип Ивановски, Извршен директор на Пакомак.
ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 22 се заокружува со пошумување на “СОНЧЕВА ГОРА 2022“ со приближно 40.000 садници, еквивалент на вкупниот отпад од приближно 400 тони, собран во 2021 и 2022 година. Организаторите изразија огромна благодарност до волонтерите кои несебично одвоија дел од своето време, ги „засукаа“ ракавите и ги извалкаа рацете, сè со цел да покажат дека чистата животна средина зависи од секој поединец!
Со нови сили и уште поголема мотивација продолжувуваме заедно кон остварување на целта, а тоа е 2031 – чиста и зелена земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

