Свет
Талибанците им забранија на жените да работат во невладини организации

Авганистанската талибанска влада денеска им нареди на сите странски и домашни невладини организации да престанат да вработуваат жени, што е најновиот рестриктивен потег против правата и слободите на жените.
Наредбата дојде во писмото од министерот за економија Кари Дин Мохамад Ханиф, во кое се наведува дека на секоја невладина организација за која ќе се утврди дека ја прекршува наредбата ќе и’ биде одземена лиценцата за работа во Авганистан.
Министерството соопшти дека добило „сериозни поплаки“ за жените кои работат за невладини организации кои не носат марама или хиџаб. Веднаш не беше јасно дали наредбата се однесуваше на сите жени или само на Авганистанките кои работат во невладини организации.
Талибанските безбедносни сили денеска употребија воден топ за да ги растераат жените во западниот град Херат, кои протестираат против овонеделната забрана за универзитетско образование на жените. Според очевидци, околу дваесетина жени протестирале извикувајќи: „Образованието е наше право!“.
Постои широка меѓународна осуда на забраната за студирање, вклучително и во земјите со мнозинско муслиманско население.
И покрај ветувањето поумерени регулативи, притоа почитувајќи ги правата на жените и малцинствата, талибанците во голема мера го спроведуваат своето строго толкување на исламскиот закон, или шеријатот, откако ја презедоа власта во август 2021 година.
Тие им забранија на девојчињата да посетуваат средно училиште, а сега и универзитети, а на жените им ги забранија повеќето области на работа. На жените им беше наредено да носат облека која ги покрива од глава до пети во јавноста и им беше забрането да влегуваат во паркови и спортски сали.
Авганистанското општество, иако главно традиционално, во последните две децении од владата поддржана од САД, го прифати образованието на девојчињата и жените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Силен земјотрес регистриран во западниот дел од Турција

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени е регистриран денеска во западна Турција во регионот Баликесир, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи на Република Турција (АФАД).
Земјотресот е почувствуван и во Истанбул и низ целиот регион на Мармара и Егејот.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 11 километри, на 52 километри од градот Баликесир.
Свет
Итна седница поради планот на Израел за окупирање на градот Газа

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи итна седница во врска со планот на Израел за заземање и трајно окупирање на градот Газа, соопштено е од седиштето на ОН во Њујорк.
Седницата, чие одржување го побараа пет земји – Данска, Франција, Грција, Велика Британија и Словенија, ќе почне во 10 часот наутро по локално време, односно во 15 часот по централноевропско време.
Според извори од Советот за безбедност, сите држави-членки, освен Соединетите Американски Држави, го поддржаа барањето за одржување на седницата.
Свет
Речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош пристигнаа во Газа

Израелската воена агенција која ја координира хуманитарната помош денеска соопшти дека во текот на изминатата недела, од палестинската страна на премините Керем Шалом и Зиким се собрани и дистрибуирани речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош.
Како што се наведува, повеќе од 1.310 камиони што влегоа во Газа во текот на неделата превезуваа главно прехранбени производи, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Агенцијата, која работи во рамките на израелското Министерство за одбрана, наведува дека ќе продолжи да го олеснува доставувањето на хуманитарна помош до цивилното население во Газа, „но не и до Хамас“.