Свет
ЕУ и Катар до талибанците: Да се повлече одлуката за забрана за работа на жените

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, остро ја осуди наредбата на талибанските власти во Авганистан да им забранат на жените да работат во сите локални и странски невладини организации (НВО), а Катар исто така изрази „екстремна загриженост“ за одлуката на талибанците.
Кабул рече дека потегот, кој е осуден на глобално ниво, е оправдан бидејќи некои жени не се придржуваат до толкувањето на талибанците за исламскиот кодекс на облекување на жените.
Борел рече дека е вџашен од најновата одлука, која следува по минатонеделната забрана на жените да присуствуваат на универзитетот и насилното задушување на мирните протести на жените против овој потег.
Тој ги повика талибанците веднаш да ја повлечат својата одлука како дел од нивната обврска да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и хуманитарните принципи.
„Заедно со другите даватели на помош за народот на Авганистан, ЕУ ќе треба да размисли какви последици ќе имаат оваа одлука и неодамнешната одлука на талибанците да ги затворат универзитетите за жените врз нивниот ангажман во нашите земји и организации“, рече Борел.
Катар исто така изрази „екстремна загриженост“ поради наредбата на талибанските власти во Авганистан да им забранат на жените да работат и ги повика властите да ја разгледаат одлуката, соопшти во неделата катарското Министерство за надворешни работи.
Катарското министерство „ја истакна потребата да се почитува правото на жените на работа бидејќи слободата на избор на професија и правото на работа се човекови права“. Катар беше домаќин на талибанска делегација за време на американската војна во Авганистан и беше место на мировни преговори пред групата да ја преземе власта во 2021 година.
Четири меѓународни хуманитарни организации, вклучително и Save the Children, во неделата соопштија дека ја прекинуваат работата на своите хуманитарни програми во Авганистан како одговор на одлуката на талибанската администрација да им забрани на жените да работат.
Талибанските власти им наредија на сите локални и странски невладини организации да не дозволуваат жените да работат до понатамошно известување, пренесе „Индекс.хр“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Фајненшл тајмс“: Зеленски можно е оваа недела да го посети Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп може да го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела, објави новинарот на „Фајненшл тајмс“, Кристофер Милер, повикувајќи се на три извори.
Според Милер, средбата би можела да се одржи во петок, на 17 октомври, но други детали засега не се познати.
Двајцата лидери последен пат се сретнаа во септември за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а во последните денови имале два телефонски разговора, меѓу другото и за можната испорака на американски крстосувачки ракети „Томахок“ на Украина.
Паралелно, украинската делегација предводена од премиерката Јулија Свириденко започнува недела на преговори со американските претставници во Вашингтон.
Свет
Скандал во Индија: Талибански министер не ги повикал новинарките на прес-конференција

Талибанскиот министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки, предизвика бурни реакции во Индија откако на својата прва прес-конференција во Делхи не ги повикал жените новинарки.
Настанот, на кој присуствувале околу 16 новинари, но ниту една жена, предизвика остри реакции од индиските медиумски организации и опозициски политичари. Тие го оценија инцидентот како „отворена родова дискриминација“.
Под притисок на јавноста, Мутаки следниот ден одржа нова, „инклузивна“ прес-конференција, каде изјави дека исклучувањето на жените било „техничка грешка“.
„Настанот беше организиран во краток рок и поканите беа испратени на ограничен список новинари, без никаква друга намера“, рече тој.
Мутаки моментално престојува во Индија на разговори со претставници од Русија и индиската влада, со цел јакнење на дипломатските врски.
Иако се обиде да ги оправда ограничувањата на жените во Авганистан, индиските новинари остро го прашаа зошто девојчињата таму веќе четири години немаат пристап до образование.
Свет
Лавров ги демантира гласините за труење на Башар ал-Асад

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги отфрли наводите дека Москва наводно се обидела да го отруе поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, кој доби политички азил во Русија.
Како што објави руското издание Info24, Лавров на средба со претставници на арапските медиуми изјавил дека поранешниот сириски лидер и неговото семејство се наоѓаат во Москва „исклучиво од хуманитарни причини“.
„Тие беа изложени на закани со физичко насилство, па руските власти им овозможија азил. Асад нема никакви здравствени проблеми во нашата престолнина. Труење не се случило, а сите што ги шират тие гласини – нека останат со својата совест,“ изјавил Лавров.
Башар ал-Асад беше претседател на Сирија од 2000 година, а земјата ја напушти откако минатиот декември сириските бунтовнички сили влегоа во главниот град Дамаск.