Македонија
(Видео) Отворен експресниот пат Крупиште-Кочани, Ковачевки на тест возење

Премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за Државни патишта, Ејуп Рустеми денеска присуствуваа и говореа на настан по повод пуштањето во употреба на делницата Крупиште – Кочани од експресниот пат Штип – Кочани.
„Изградбата на нови патишта, подобра и модерна инфраструктура и инвестирањето во капитални објекти со кои се подобрува квалитетот на животот на граѓаните и се обезбедуваат подобри услови за работа на компаниите е врвен приоритет на Владата. Денеска пуштаме во употреба токму ваква значајна инвестиција за целиот Источен регион од државата, односно делницата Крупиште Кочани од експресниот пат Штип – Кочани. Со оваа инвестиција уште еднаш ги потврдуваме нашите заложби за рамномномерен развој на целата држава и обезбедување на подобра конекција помеѓу градовите.
Со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани, со што го забрзуваме и олеснуваме патувањето за граѓаните од овој крај. Се намалуваат километрите пат и времетраењето на патувањето, но најважно од сѐ се зголеми безбедноста во сообраќајот“, рече премиерот Ковачевски.
Министерот Бочварски истакна дека со новиот експресен пат овој регион кој претходно беше заборавен, денеска се создава регион на просперитет, регион на нови инвестиции, на нови работни места, подобро, модерно и безбедно место за живеење за граѓаните.
„И овој експресен пат е само еден доказ за тоа, изградивме модерно патно решение од Штип до Кочани со кое го подигнавме нивото на безбедност во сообраќајот на максимум.
Ако пред пет години од Кочани до Скопје се патуваше за еден час и 40 минути, денеска патувањето е намалено на помалку од еден час со поголема безбедност“, рече министерот Бочварски.
Директорот на ЈП за Државни патишта, Рустеми истакна дека експресниот пат кој од денеска е пуштен официјално во употреба е во должина од 13, 5 километри.
„Експресниот пат е со висок квалитет на градба. Ширина на патот е 11,4 метри и има четири ленти, и тоа по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по два метри, како и две рабни ленти од по 0,20 метри. Максималната брзина на движење на експресниот пат е 110 километри на час. Дозволете во оваа прилика да им заблагодарам на изведувачот на градежните работи, „Синохидро“ од Р. Кина, и надзор – „Патинвест инженеринг“ АД Софија од Р. Бугарија за успешно завршената работа.
Со ова ја комплетиравме целата патна врска од Штип до Кочани во должина од 28 километри за што вкупно инвестиравме 47 милиони евра“, рече Рустеми.
Премиерот Ковачевски се качи во автомобилот и возеше по новиот пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Чаир ќе стане пример за инклузија, еднаквост и почит

Чаир ќе стане пример за инклузија, еднаквост и почит за секој граѓанин, рече денеска на прес-конференција, кандидатот на ВРЕДИ за градоначалник на оваа општина, Изет Меџити.
Тој појасни дека во рамки на денешниот настан, се зборува за еднаквост, можности и достоинство, за правото секој граѓанин на Чаир да го има своето место во работата, во институциите, во јавниот живот и на секој чекор од секојдневието. Притоа, додаде дека во нивната програма, грижата и вклученоста на лицата со попреченост е една од главните столбови.
– Во соработка со организациите што работат во оваа насока, ќе изградиме долгорочни политики за пристап до образование, здравствени услуги, транспорт и јавни простори. Ќе создадеме посебни програми за нивно вработување и обука во јавниот сектор и во локалните институции. Ќе ги поддржиме микро – бизнисите, социјалните претпријатија и заедничките иницијативи, затоа што економската независност е темелот на човековото достоинство, порача Меџити.
Тој подвлече дека оваа заложба започнува од него лично, од неговиот кабинет.
– Сакам да ја споделам со вас веста дека Ќамуран Исмаили, извонреден човек и професионалец, ќе биде дел од мојот кабинет како советник. Ќамуран нема да биде дел од мојот кабинет само симболично, туку за да има реално влијание. Неговиот глас е гласот на една заедница која заслужува да биде слушната. Неговото искуство е мост меѓу институциите и граѓаните кои често се чувствуваат заборавени. Почнувајќи од мојот кабинет, ние оваа заложба ја претвораме во реалност, истакна Меџити.
Зашто, како што нагласи, вклучувањето на секој човек не е привилегија, тоа е право.
-Чаир ќе биде пример за општина што не дели туку обединува, што не исклучува туку овозможува, што не зборува за луѓето – туку ги слуша и работи заедно со нив, подвлече Меџити на денешната прес-конференција.
Македонија
Шукова ветува фонд за лица во ризик за здравствена и социјална поддршка

Поставување нов систем на дневни центри и прифатилишта за жени жртви на насилство, нови сервиси за семејствата и парамедик служба која ќе им помогне на најранливите во нивните домови планира Каја Шукова, кандидат за градоначалник на Град Скопје од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Во изјава за медиумите денеска таа кажа дека ќе биде основан фонд за лица во ризик со што ќе биде обезбедена здравствена и социјална поддршка во градот, а јавниот простор и транспорт, рече, ќе биде пристапен за лицата со попреченост.
-Градиме центри за дневна грижа за старите лица, отвораме мултисензорски соби во училиштата за децата со пречки во развојот и воспоставуваме програми за обука и вработување на ранливи групи. Нашата цел е јасна – Скопје да стане град на еднаквоста, поддршка и човечка солидарност. Имаме план, имаме решение и знаеме како да го спроведеме сето тоа, затоа што секој човек заслужува достоинствен живот во својот град, истакна Шукова.
Посочи дека во главниот град има луѓе кои живеат незабележани, стари лица кои се сами, жени кои трпат семејно насилство, деца со попреченост кои немаат соодветна поддршка.
-Тоа не смее да биде градската реалност. Имаме јасен план како да создадеме град кој се грижи, град во кој социјалните услуги се достапни, човечки и блиски до секого, додаде кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје.
Македонија
Ѓорѓиевски: Генерации деца израснаа без луна парк и без вистинска, модерна зоолошка градина

Кога зборуваме за иднината на Скопје, секогаш почнувам од трите основни приоритети на моето делување – обнова на инфраструктурата, подобрување на хигиената и реформа на јавниот превоз. Без чисти улици, уреден сообраќај и функционален систем, нема современ град. Но, истовремено, нема ни жив град без радост, култура и места каде нашите деца растат со насмевка. Ова го истакна денеска на прес-конференција, кандидатот за градоначалник на Скопје, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
– Затоа денес зборуваме за обновата на две локации, што за жал, се само дел од убавите сеќавања на сите скопјани – Луна паркот и Зоолошката градина. Генерации деца израснаа без луна парк и без вистинска, модерна зоолошка градина. Не смееме да дозволиме тие да бидат само спомени на минатото. Време е новите генерации да растат со свои искуства, да креираат свои убави спомени, истакна Ѓорѓиевски.
Притоа, тој нагласи дека Скопје мора повторно да стане град каде детството има свое место, своја радост и свој дом.
– И токму затоа, сакам да најавам дека по многугодишно одолговлекување и празни ветувања, ние ќе започнеме со итна изградба на нов, модерен луна парк, наменет за сите генерации. Ова нема да биде само простор со реквизити, туку современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност. Луна паркот ќе биде пристапен за сите. И за лицата со попреченост, со вграден систем за безбедност, видео – надзор и прва помош. Ќе создадеме место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, локации за културни настани и улична уметност. Всушност, Скопје ќе добие нова атракција што ќе го подобри туристичкиот имиџ на градот, подвлече Ѓорѓиевски.
Паралелно со тоа, најави дека ќе ја започнат и целосната обнова на Зоолошката градина – Скопје, дека ќе се подобрат условите за животните, но и за посетителите и за вработените. Тој најави исто така дека ќе ги реновираат живеалиштата за животните, според европски стандарди за хуман третман и благосостојба. Поставување на топлински пумпи за енергетски ефикасно греење, нови кровови со пластифициран лим, видео – надзор, систем за безбедност и хигиена.
– Ќе се изгради центар за хипорехабилитација, каде деца со аутизам или церебрална парализа ќе можат да добиваат терапевтско јавање, останатите посетители овој центар ќе можат да го користат рекреативно. Ќе се воведе модерен систем за дигитална наплата преку „Скопје сити гоу“ (Skopje City GO), за побрз и полесен пристап, рече тој.
Притоа, додаде дека ќе се изгради бушотина за вода и силоси за храна за економично и одржливо работење.
– Со ова, Зоолошката – Скопје ќе стане современа, едукативна и хумана институција, што ќе ги привлекува посетителите и ќе ги воспитува децата во духот на почит кон природата и животот. Обновата на Луна паркот и ЗОО – Скопје не се луксуз, туку инвестиции во здравото детство, во семејството и во иднината на градот. Скопје повторно ќе биде град што се грижи за своите улици, за своите жители и за секое дете кое расте во него, подвлече Ѓорѓиевски.
На новинарско прашање, тој одговори дека до јуни 2027 година би требало да е готов луна паркот.