Македонија
Јубилејни награди од НИКОБ за вработените со 10, 15 и 20-годишен стаж
Во две одвоени манифестации одржани месецов групацијата НИКОБ се заблагодари на најпосветените и најлојалните, оние кои ја градеа компанијата сите овие години и се пример за секој вработен. На истите присуствуваа и колеги од НИКОБ Медикал, НИКОБ Лаб како и Центарот за кеш услуги.
Награди и признанија беа доделени на вкупно 200 вработени, поделени во три групи, во првата група беа вработените со над 10 години стаж, во втората група беа вработените со над 15 години стаж и третата група беа вработените кои се над 20 години стаж. Дополнително беа доделени соодветни парични награди и плакети и признанија, а вработени кои се повеќе од 20 години добија и пригодни часовници.
![]()
Сопственикот Кирил Лазаров се заблагодари и во двете прилики говореше за тоа што денес претставува НИКОБ и колку е значаен ангажманот на сите присутни.
![]()
„Зад НИКОБ има многу историја, бројки и статистики. Има многу восхит, и емпатија во тоа што го работиме. Никоб е компанија чиј што бренд го создадоа и го почитуваат вработените, како и клиентите. Ние промовираме вредности кои во својот темел имаат го вградено човекот како индивидуа и луѓето во целина како општество. Наш основен темел се ЛУЃЕТО.
Ние сме посветени на заедницата во која сите живееме – рече Лазаров. Денес НИКОБ е целосно посветена на општествена одговорност, и инвестираме во вредности, хуманизам, спорт и промовирање на здрава животна средина.
Никоб сите овие години го постигна она што можеби е најтешко денеска да се стекне. Тоа е ДОВЕРБАТА. Довербата на клиентите, компаниите, а и доверба на семејствата и домовите.
Најголемата инвестиција на НИКОБ се човечките ресурси.
Во оваа пригода сакам да ја потенцирам и да се заблагодарам на сите вработени за довербата изградена кон и од клентите. Во ова сте вградени сите од оние кои деноноќно се во објектите, во возилата, патролите, транспортните единици, физичкото обезбедување, вработените во сервис и имплементација па се до секој поедничено во администрацијата – нагласи Лазаров.
Денес со нас се легендите, ветераните и оние кои растеа заедно со Никоб. Оние што го градеа и го градат НИКОБ. Оваа пригода е многу
побогата заради вработените кои се повеќе од 10, 15 години и 20 години со нас во НИКОБ на кои им возвраќаме со пригодни плакети и признание дека се дел од успехот.
Ќе продолжиме заедно да ја развиваме компанијата. На патот кон остварувањето на зацртаното за нас нема компромис“ – додаде Лазаров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

