Македонија
Пендаровски ја врачи Големата годишна награда за најуспешно архитектонско дело во 2022 година

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер им ја врачи Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2022 година на Марија Димитриевска и Елена Пазарџиевска, авторките на проектот „Вила за современо домување, викенд-населба на велешкото езеро Младост“. Големата годишна награда се доделува во организација на Асоцијацијата на архитектите на Македонија, а претседателот Пендаровски е покровител на традиционалната манифестација.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека оваа манифестација дава извонредна можност да се фрли поглед врз актуелните случувања во македонската архитектура, која ги одразува општествените, економските, технолошките и естетските тенденции на национално и на меѓународно ниво.
Тој рече дека градителството во транзицијата кај нас е обременето од трката за брза заработка и посочи на дилемата со која се соочува секој архитект како да се задоволи барањето на инвеститорите, а да не се згази врз сопствениот творечки талент и да се гради по мерка на човекот и неговите потреби.
Претседателот ги истакна новите генерации македонски архитекти за кои рече дека се достојни наследници на нашата позната традиционална архитектура, која сведочи за нашето постоење, нашата култура, етика и хуманизам.
„Посакувам и понатаму да опстојувате на своите убедувања и естетика не правејќи компромис и не компромитирајќи се, без разлика на околностите и карактерот на времето во кои живееме. Впрочем, вие сте дел од интелектуалното и од критичкото јадро во општеството и таа своја улога не смеете да ја загубите или релативизирате“, порача претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски од Мала Преспа: Македонскиот дух тука живее силно и гордо

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков се во посета на Македонците во Мала Преспа каде присуствуваат на фестивалот „Македонско културно лето“–симбол на истрајноста и духот на македонската заедница во Албанија.
„Фестивалот претставува жив сведок на богатството на македонската култура, уметност и традиција и испраќа јасна порака дека македонскиот идентитет не познава граници. Наша обврска е да го зачуваме и промовираме, секаде каде што чука македонско срце”, потенцираше министерот Тошковски.
Во рамки на посетата на Пустец министрите остварија средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски со кого разговараа за конкретни начини на поддршка од страна на македонската држава.
„Како Министерство за внатрешни работи, подготвени сме да го олесниме процесот за издавање на лични документи на оние жители кои имаат македонско државјанство и да преземеме мерки за олеснување на граничниот проток на преминот Стење, особено во сезоната на берба на јаболка, кога многу жители од овој крај доаѓаат на работа во Ресенскиот регион“, истакна министерот Тошковски.
Присутните вечерва имаа чест да го проследат настапот на велешкиот театар – силна потврда дека македонската култура обединува, каде и да се наоѓа.
„Мала Преспа е прекрасна, но уште повредно е чувството дека македонскиот дух тука живее силно и гордо“, заврши министерот Тошковски.
Македонија
Улиците во Карпош вечерва во тотален мрак

Општина Карпош во моментов е без улично осветлување поради пад на системот.
Од Општината информираа дека во моментот се работи на отстранување на проблемот и повторно подигнување на системот.
Се очекува осветлувањето да биде нормализирано во најбрзо време.
Македонија
Костадинов го замрзнува членството во СДСМ, најави ново политичко делување

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ, незадоволен од сегашното раководство и од насоката во која се движи партијата. Како што наведе во објава на социјалните мрежи, одлуката е донесена од чесност и срце, со уверување дека СДСМ треба да се врати таму каде што и е местото.
Костадинов порача дека во моменталната политичка состојба не гледа реална понуда и визија за градот, додавајќи дека не сака да се кандидира по инерција или без конкуренција. Тој нагласи дека во изминатите 11 години не изгубил ниту едни избори и дека секоја негова победа била победа за Струмица.
Во своето обраќање, Костадинов ги потенцираше реализираните проекти во Струмица, како електричниот јавен превоз, велосипедските патеки, нови паркови.
Иако го замрзнува членството, тој изјави дека останува социјалдемократ по вредности, но и дека не може да молчи кога гледа немање став и храброст кај раководството на СДСМ.
Најави и создавање ново интерпартиско делување кое ќе биде презентирано по локалните избори, а за кое вели дека ќе има целосно прецизна стратегија со цел обединување авторитети.
Конечната одлука за неговото идно делување, Костадинов, ќе ја соопшти по завршување на локалните избори.
СДСМ денес соопшти дека за нов градоначалник на Струмица ќе го кандидира претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски.