Македонија
Пуштен во употреба првиот затворен пазар во Кисела Вода
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, неколку советници и пазарџии, денес ја пресекоа лентата и официјално го пуштија во употреба првиот затворен пазар во општина Кисела Вода. Се работи за простор на површина од 250 квадратни метри, во кој се поставени 16 тезги. Лоциран е на местото од поранешниот див пазар, кој функционира во супстандардни услови.
Новиот современ објект е граден по сите стандарди и прописи и ја надополнува естетиката на центарот на Кисела Вода, каде што егзистираат Домот на култура „Билјана Беличанец“ и паркот „Македонија“. Градоначалникот во своето обраќање му се заблагодари на Министерството за локална самоуправа, кое излезе во пресрет на потребите на граѓаните и за реализација на овој проект вреден 13 милиони денари влезе во финансиско партнерство со Општина Кисела Вода. Најави дека затворен пазар набргу ќе добијат и жителите на населбата Драчево.
![]()
„Денес, на помалку од 100 дена од почнувањето на градежните активности, го отвораме првиот пазар од затворен тип во општина Кисела Вода. Реализацијата на овој проект беше голема потреба за нашите жители, кои триесет години чекаа на достоинствени и современи услови за купување, но и за пласман на земјоделските и градинарските производи. На ова место постоеше див пазар, кој не исполнуваше никакви санитарни и хигиенски услови и воедно го нагрдуваше просторот, кој е во срцето на Кисела Вода. Како што и самите гледате, новото решение е изведено по сите современи, модерни и безбедносни стандарди и воедно се вклопува во естетиката на просторот во кој се наоѓаат и паркот ‘Македонија’ и Домот на културата ‘Билјана Беличанец’. Би сакал да му се заблагодарам на Министерството за локална самоуправа, кое ги препозна нашите заложби за унапредување на условите за жителите на Кисела Вода и за реализација на овој пазар влезе во финансиско партнерство со Општина Кисела Вода. Проектот е вреден 13 милиони денари, а од нив 9,8 милиони денари се обезбедени токму од Министерството за локална самоуправа. Воедно, сакам да упатам и голема благодарност до советникот од Советот на Општина Кисела Вода, Јане Петковски, од редовите на ЛДП, за заложбите за реализација на проектот.
Јас во мојата програма ветив дека ќе изградиме два вакви пазара и оттука сакам да најавам дека набргу ќе почне изградба на уште еден современ затворен пазар во населбата Драчево“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

