Свет
Расте бројот на загинати во Америка од арктичкиот бран, мета на разбојниците се куќи и продавници
Арктичкиот бран однесе 62 животи во 12 држави ширум САД, а најлоша е ситуацијата во западниот дел на Њујорк. Само во државата Њујорк, бројот на загинати во метрополитенската област Бафало се искачи на 28 лица. Снегот во Бафало е висок преку 4 метри и не престанува да паѓа.
Вториот по големина град во државата Њујорк е целосно парализиран од бурата што, според гувернерката Кејти Хокал, се случува „еднаш во животот“.
Како што пренесува „Гласот на Америка“, областа Бафало е целосно парализирана од една од најлошите природни катастрофи во својата историја.
Жртвите биле пронајдени во нивните автомобили, домови и на отворено. Некои загинале додека го чистеле снегот. На социјалните мрежи беа објавени и снимки од надзорните камери на кои се гледа како разбојници ограбуваат излози и напуштени куќи.
„Некои од жртвите се пронајдени по два дена поминати во автомобили завеани и заглавени во снегот. Очекуваме бројот на жртвите да продолжи да расте“, изјави Марк Полонкарт, од округот Ири.
Илјадници граѓани во Бафало се уште се без струја, а аеродромот е затворен од минатиот вторник. Екстремните временски услови со температури до минус 50 степени и обилни снежни врнежи ја зафатија областа од Големите езера во близина на Канада до реката Рио Гранде долж границата со Мексико. Околу 60 отсто од американското население беше изложено на невремето.
Повеќе од 15.000 летови беа откажани низ САД во последните денови, а многу патници беа принудени да летуваат на аеродромите во Атланта, Чикаго, Денвер, Детроит, Њујорк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Трагедија на забава, еден загинат откако рачна бомба експлодирала во раката на 25-годишно момче во Хрватска
Забава во подрум во Книн во Хрватска завршила со експлозија на рачна граната. Загина 25-годишен маж, а тешко се повредени двајца млади на возраст од 25 и 23 години, една девојка на 21 година и еден малолетник.
Полицијата во саботата во 23 часот добила дојава дека ескплодирала непозната експлозивна направа. По увидот било утврдено дека се работи за рачна граната М-75.
„Од спроведените увиди е откриено дека повредениот 25-годишник од спалната соба од станот што го користел за време на забавата донел рачна бомба М-75 и ја предал на друг 25-годишник. Поради нестручно ракување дошло до несакано активирање на рачна бомба во раката на починатиот 25-годишник“, се вели во полициското соопштение.
Полициски службеници ја продолжуваат кривичната истрага за утврдување на околностите за набавката и поседувањето на споменатата минска експлозивна направа.
Европа
Снежната бура остави без струја околу 33.000 домаќинства во Франција
Околу 33.000 домаќинства останаа без струја вчера во Франција, главно во Нормандија и долж реката Лоара на запад, поради бурата Каетано што го зафати регионот, соопшти компанијата „Енедис“, која управува со електричната мрежа.
„Во 13 часот 33.000 домаќинства останаа без струја“, соопшти мрежата, додавајќи дека најпогодени домаќинства се во Нормандија (15.000 домаќинства) и околу реката Лоара (12.000 домаќинства).
Невремето предизвика прекини на многу сообраќајни правци, а влијаеше и на железничкиот сообраќај.
Мобилизирани се 2.200 техничари за да ги отстранат нарушувањата и да обезбедат електрична енергија, по налетот на бурата што предизвика врнежи од снег и брзина на ветер до 130 километри на час.
Свет
Близу 80 отсто од потврдените смртни случаи во Газа се луѓе убиени во израелски напади
Околу 80 отсто од потврдените смртни случаи во Газа се луѓе убиени во израелски напади врз станбени згради, објави агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), повикувајќи се на Канцеларијата за човекови права.
УНРВА соопшти дека во нападите на израелските сили продолжуваат да се уништуваат станбени згради во опколената палестинска енклава, со што се зголемува бројот на цивилни жртви, пренесува Ал Џезира.
Исто така, се вели дека 90 отсто од населението, околу 1,9 милиони луѓе се внатрешно раселени и дека многу од нив морале да се преселат 10 или повеќе пати, бегајќи од израелските напади.