Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ молчат за огласот за вработување 100 партиски војници во УЈП

„Нема криза за Владата на Ковачевски и за ДУИ кога станува збор за партиски вработувања. СДС сè уште молчи за огласот со кој се предвидува вработување нови 100 партиски војници во УЈП и во Министерство за финансии по партиска директива во УЈП“, соопштуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму посочуваат дека „во исто време кога инфлацијата е на највисоко ниво во историјата на државата, кога граѓаните не може крај со крај да врзат, кога нема пари за земјоделците, кога на студентите им се скратени основните потреби, кога пациентите секој ден јавно молат за своите лекови, ќе се зајакнува партиската војска на СДС во администрацијата“.
„Еден милион евра годишно, пари на граѓаните од буџетот, вредат овие 100 нови вработувања само во УЈП. Ова е врв на лицемерната политика на Владата кон сопствениот народ, кој претходно го лажеше дека администрацијата била обемна и дека таа ќе се намалува. На дезертерот Димитар Ковачевски бадијала ќе му бидат и овие нови 100 партиски војници бидејќи од другата страна е народот, кој ќе му пресуди на следните парламентарни избори, кои ќе се одржат многу бргу“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Паничните испади на Тошковски на ‘Фејсбук’ само ја потврдуваат неговата одговорност за Кочани“, велат од СДСМ

„Паничните постови во кои Тошковски ѝ држи лекции на опозицијата да не го критикува, се ништо друго туку доказ за одговорноста што тој и неговите началници ја имаат за Кочани. Тошковски многу добро знае дека, покрај моралната, постои и кривична одговорност кај неговите началници против кои не се водат постапки. Добро знае дека има одговорност и кај низа други актуелни функционери против кои, исто така, воопшто не се водат постапки“, велат од СДСМ.
„Тошковски стигна до 2012 година барајќи виновници, но никако не сака да ги види одговорните кои му се пред носот. Правда за Кочани нема да има ако оние кои вечерта можеле да ја спречат трагедијата, а не го направиле тоа, не одговараат.
Патетични се изјавите на Тошковски кој прашува каде биле Артан Груби и Перпарим Бајрами. Па токму тој ги пушти да избегаат. До кога ќе глуми опозиција? Откако е на власт повеќе од една година, Тошковски има само скандали – со избегани терористи и челници на ДУИ.
Тошковски имаше шанса да биде херој, да го смени системот со тоа што ќе обезбедеше неселективна правда. Но, наместо тоа, реши да биде трагичар и да долее сол на раната на луѓето и семејствата од Кочани.
Бркање вештерки од минатото и селективна истрага не е правда за Кочани. Со ова, Тошковски докажа дека тој е системот против кој се борат граѓаните“, соопшти СДСМ.
Македонија
Кисела Вода со финансиска поддршка за жртвите на семејно насилство

Со цел да им излезе во пресрет и да обезбеди директна поддршка за лицата кои се соочиле со семејно или родово базирано насилство, општина Кисела Вода денес објави jавен повик за доделување на еднократна парична помош во висина од 2500 денари.
Оваа мерка е дел од Програмата за еднакви можности за 2025 година. Лица кои ќе се опфатат со мерката доделување на еднократна парична помош се лица, жители на општина Кисела Вода кои од Центарот за социјални работи се евидентирани како жртви на семејно/родово базирано насилство во периодот од 2024 и 2025 година, за што ќе треба да се достави потврда. Преостанатата документација потребна за аплицирање и сите други информации, се достапни на веб-страницата на општината, на огласните табли во сите урбани и месни заедници на територијата на општина Кисела Вода.
– Ова е мерка со која Општина Кисела Вода уште еднаш потврдува дека создава конкретни политики за социјална заштита, еднакви можности и достоинствен живот за сите. Покрај финансиската поддршка, испраќаме и јасна порака дека никој не е сам и дека локалната заедница стои зад секој оној што се соочил со насилство. Потребна е општествена мобилизација, но и системска поддршка. Затоа продолжуваме со креирање и спроведување на конкретни мерки кои овозможуваат заштита, помош и рехабилитација на жртвите. Ова е уште еден чекор кон посилна, почувствителна и праведна општина за сите, изјави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Аплицирањето е овозможено од денес, 15 април и ќе трае сѐ до исцрпување на финансиските средства, но не подоцна од 30 септември 2025 година.
Македонија
Герасимовски: Од 15 до 20 април приклучете се на акцијата за одложување кабаст отпад во Центар

Општина Центар ја започна третата акција за собирање кабаст отпад, која ќе се одржи од 15 до 20 април. По успешните акции во февруари и март, жителите ќе можат бесплатно да го одложат отпадот во контејнерите за таа намена поставени на следниве локации:
– ДЕБАР МААЛО – ПАРК
ул. „Наум Наумовски Борче“ – кај Партизан
– ДЕБАР МААЛО
ул. „Алберт Ајнштајн“ кај КСП – Центар Јадро
– БУЊАКОВЕЦ
ул. „Киро Крстевски Платник“, кај кривината со ул. „Рајко Жинзифов“
– БУЊАКОВЕЦ
на аголот на улиците „Борка Талевски“ и „Костурски херои“
– ПРОЛЕТ
бул. „Крушевска Република“, спроти Веро Џамбо
– ВОДНО
ул. „Питу Гули“, кај кошаркарското игралиште
„Апелирам да продолжиме со одговорното одлагање на овој вид отпад. Искористете ги поставените локации за да го направиме Центар почист и поурбан“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Акцијата се реализира во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од Акцискиот план за чист воздух.
Паралелно, продолжува и големата кампања за чистење под мотото „Центар чисти, Центар не чека“.