Свет
(Видео) Пијан возач влетал во публика на карневал, најмалку 14 лица се загинати, има и повредени
Најмалку 14 лица загинаа, а 24 се повредени откако возило влета во публиката која гледаше мотоциклисти на популарниот карневал во јужниот нигериски пристанишен град Калабар.
Очевидци изјавија дека возачот кој се движел со голема брзина изгубил контрола над автомобилот.
Сликите објавени на интернет веднаш по инцидентот покажуваат расфрлани тела преку улицата.
#CrossRiver #Nigeria🇳🇬- At least 14 people killed and 24 more injured after a drunk driver lost control of speeding vehicle and ploughed into crowds at the annual carnival parade in #Calabar; Federal Road Safety Corps have said pic.twitter.com/qygf90i3CD
— CyclistAnons🚲 (@CyclistAnons) December 28, 2022
Годишниот карневал кој трае еден месец, стана главен настан откако беше лансиран во 2004 година, опишан како најголемата улична забава во Африка, која привлекува локални и странски туристи во текот на декември.
Овогодинешниот настан беше посебен по тоа што беше прв по ковид-пандемијата, поради што беше откажан последните две години.
Инцидентот се случи за време на популарната моторџиска парада на една од главните карневалски рути, која беше затворена за сообраќај.
Овој настан вклучува познати личности од целата земја, од кои некои се облечени во шарени костими и изведуваат акробации.
Полицијата соопшти дека пијаниот возач – кој бил уапсен – изгубил контрола над автомобилот и влетал во толпата.
Татко на 15-годишно момче кое беше повредено во инцидентот за Би-Би-Си изјави дека возел „невнимателно“.
Во изјавата на гувернерот на државата, Бен Ајаде, се вели дека владата истражува како автомобилот поминал низ многуте безбедносни барикади што го спречувале пристапот до јавниот превоз.
Ајаде го откажа остатокот од мотоциклистичката парада, но другите настани планирани за остатокот од карневалот – кој треба да заврши на новогодишната ноќ со огномет – сепак ќе се одржат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Каја Калас: Додека некои сојузници ѝ вртат грб на Европа, Европа бара нови партнери
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес во Европскиот парламент го бранеше неодамна потпишаниот трговски договор со Меркосур, нарекувајќи го „геостратешка одлука“.
Во расправата посветена на потребата од мирна демократска транзиција во Венецуела, Калас се осврна на потпишувањето на договорот со Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, земји членки на Меркосур. Членството на Венецуела во овој трговски блок е суспендирано од 2016 година.
„Во момент кога некои сојузници ѝ свртуваат грб на Европа, Европа бара нови сојузници“, рече Калас во Стразбур, пред зградата на Европскиот парламент, каде што денес се одржа голем протест против договорот.
Во саботата, Европската унија и земјите од Меркосур го потпишаа историскиот договор за слободна трговија, кој опфаќа 700 милиони граѓани. Следниот чекор е да се обезбеди поддршка од Европскиот парламент.
Утре пратениците ќе гласаат дали да побараат мислење од Судот на ЕУ за тоа дали договорот е усогласен со европските договори. Доколку предлогот помине, гласањето за потврдување на договорот ќе се одложи сè додека Судот не се изјасни – што може да потрае и до две години. Ако предлогот не помине, Европскиот парламент би можел да гласа уште во февруари.
Свет
САД веќе купиле острови од Данска – меѓу нив и озлогласениот остров на Епстин
Откако Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за купување на Гренланд, во јавноста се појави информација за последната голема територија што САД ја купиле од Данска во 1917 година. Станува збор за Данските Западни Индии, денес познати како Американски Девствени Острови, пишува „Њузвик“.
На социјалните мрежи се посочува дека во рамки на таа територија се наоѓа и островот Литл Сент Џејмс, познат како озлогласениот „остров на Епстин“.
САД ѝ платиле на Данска 25 милиони долари во злато за овие територии, стекнувајќи контрола врз островите Сент Томас, Сент Џон и Сент Кроа. Островот Литл Сент Џејмс бил дел од оваа аквизиција. Подоцна, во 1998 година, го купил починатиот финансиер и педофил Џефри Епстин.
Островот стекна лоша репутација како приватен имот на кој Епстин наводно извршувал сексуални злосторства. Тој стана централна точка во истрагите и граѓанските постапки што следеа по неговото апсење и смрт.
И денес островот е предмет на јавни расправи, а многумина повикуваат на објавување на детални информации за тоа кој и кога го посетувал. Тоа е особено нагласено по неодамнешното објавување на делови од „досиејата на Епстин“, кои фрлија ново светло врз неговата мрежа на контакти и тековните судски постапки.
Свет
„Не се сигурен сојузник“: Белгискиот премиер го критикуваше односот на САД кон Европа
Белгискиот премиер Барт де Вевер изрази сомнежи за улогата на Соединетите Американски Држави како сојузник на Европа, наведувајќи дека на нивниот сојуз повеќе не може безусловно да се смета. Тој, исто така, остро се осврна на изјавите на Трамп за Гренланд и Русија, пишува „Гардијан“.
„Европа се наоѓа на раскрсница и мора да одлучи каква ќе биде нејзината политика. Досега се обидувавме да го смириме новиот претседател во Белата куќа. Бевме многу благи, вклучително и со царините. Бевме благи надевајќи се дека ќе ја добиеме неговата поддршка за војната во Украина. Но сега се преминуваат толку многу црвени линии што мора да се избере меѓу самопочитта. Едно е да бидеш среќен вазал. Но нешто сосема друго е да бидеш беден роб. Ако сега се откажеш, ќе го изгубиш достоинството. А тоа е, веројатно, најдрагоценото нешто што можеш да го имаш во една демократија“, изјави де Вевер.
Остро реагираше и на ставовите на Трамп за Русија и Гренланд, велејќи дека Европа мора да повлече граница: „Или ќе бидеме обединети, или ќе заврши 80-годишната ера на атлантизмот.“
Како пример наведе дека американски претставници на состанок за Украина рекле дека не сакаат да заземаат страна. „Ова го охрабрува Путин. Неговата сила е нашата поделба“, изјави де Вевер.

