Македонија
Зелен хуман град: Индустријата лобира да ѝ се врати дозволата за увоз на отпад што ќе го согорува
Најголемиот загадувач – индустријата, лобира за законски измени да ѝ се врати дозволата за увоз на отпад што ќе го согорува, велат од Зелен хуман град.
Активистите на Граѓанската иницијатива наведуваат дека деновиве кога Македонија се најде на врвот од најзагадени земји во светот, гледаме обид на индустријата да си овозможи уште повеќе да гори отпад така што повторно ќе ѝ се дозволи законски увоз на отпад за горење. Медиумите се преплавени со написи за менување на регулативата за индустријата да може слободно да увезува отпад за горење за да биде „поконкурентна“.
„Спалувањето на отпадот е спротивно на концептот нула отпад. Тоа е штетен, загадувачки, скап и неефикасен процес кој ги заробува градовите во безизлезна ситуација со тоа што тие се принудени да произведуваат многу отпад за да го нахранат инцинераторот, поткопувајќи ги напорите за намалување на создавањето отпад или зголемување на стапките на рециклирање. Втор голем проблем со спалувањето отпад е што за еден таков процес високоризичен по човековото здравје е неопходно да постојат институции и држава, што со Македонија не е случај. Дури и тие земји каде што системот функционира имаат проблем со остатоците од процесот на инцинерација (спалување) и увезување на отпадот. Лекарската комора на Словенија има изјавено дека во емисиите од инцинераторите има многу токсини опасни за бремените жени и за развојот на децата кои предизвикуваат голем број на болести и случаи на прерана смрт. Во услови на отсуство на институции, најдоброто што можеме да го направиме со отпадот што не се биокомпостира, а „гние“ по депониите, е да го извезуваме зашто постојат земји што купуваат, а каде што институциите и законите функционираат“, велат од Зелен хуман град.
Според нив, фокусот мора да биде на одржливост – на концептот на нула отпад. Затоа го предлагаат следното решение:
– Прв чекор за намалување на отпадот (од кој околу 70% е биоотпад во МК) е посветено инвестирање во биокомпостари кои истовремено произведуваат и компост и биогас.
– Исфрлање на пластиката за еднократна употреба.
– Воведување сеопфатни програми за рециклирање и реупотреба на соодветните текови на отпад заедно со редизајнирање на производите кои ги користиме со цел тие да ја хранат, наместо да ја подриваат, циркуларната економија.
– Инвестирање во масовна системска едукација за правилно селектирање на отпадот со што ќе се максимизира ефективноста на капацитетите за рециклирање и биокомпостирање.
– Конечно решавање на проблемот со канализацијата и искористувањето на процесот на пречистување на отпадни води како ресурс за биокомпостирање.
– Паралелни инвестиции во искористување на сите податливи кровни површини за поставување фотоволтаични системи и врзување на биогасот и соларната енергија
во еден интегриран систем на производство на електрична енергија од обновливи извори.
– Субвенционирање на домаќинствата и малите бизниси да постават фотоволтаични системи и да се вклучат во домашното производство на електрична енергија при
што произведениот вишок електрична енергија ќе им се плаќа по фер цена.
– Измена на регулативата со која ќе се оневозможи сегашниот монопол на универзалниот снабдувач ЕВН. Залудно во моментов домаќинствата и правните лица може да постават фотоволтаични системи кога никој не им обезбедува двонасочни броила и кога мора да се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар, а не од ЕВН, за да смее да го продаваат вишокот произведена струја.
Зелен хуман град порачува дека на македонското општество му се неопходни научно-базирани и конзистентни чекори кон истата цел – нула отпад и енергетска независност. Истовремено, 24-часовна ригорозна надворешна контрола врз загадувачката индустрија со неселективни строги санкции за прекршувачите на законот. Единствено така можеме вистински да го решиме загадувањето и да ги заштитиме животите на нашите сограѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО ГОКК: Се разменуваат информации со српското обвинителство за да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната
Во рамките на опсежната акција што се спроведува изминатиот период, а во која до сега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, обвинителството ја информира јавноста дека континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство.
Постапувањето се одвива во континуирана координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по предмети за кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги.
Во насока на целосно утврдување на фактите и околностите, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната. Воедно, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со надлежните институции, продолжува со преземање на дејствија за целосно расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде навремено информирана.
Македонија
Министри и градоначалници на средби со високи претставници на УНЕСКО во Париз, ќе се разговара за статусот на Охрид
Делегација на Владата во состав: заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски; министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, денес и утре престојува во дводневна работна посета на Париз.
Во рамки на посетата, делегацијата ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО.
„На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност“, соопштија од Владата.
Во него се додава дека делегацијата ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација.
Во рамки на посетата, денеска е планирана средба со Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО задолжен за култура, потоа со Конгкер Мохамад Талха, претседател на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, а утре делегацијата ќе се сретне со Насер бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО.
Македонија
Герасимовски: Почна реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“, Дебар Маало добива уредена пешачка и резиденцијална зона
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на почетокот на градежните активности за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона.
„Станува збор за проект што се реализира на барање и по мерка на жителите. Ова е зафат што долго време беше најавуван и ветуван, но денес конечно се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало, добива нов лик, уреден, безбеден и функционален јавен простор“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Проектот има за цел уредување на јавниот простор и воведување организиран резидентен паркинг. Реконструкцијата се изведува на вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри, на потегот од „Партизански одреди“ до улицата „Никола Тримпаре“.
Во рамки на зафатот се предвидува инсталирање ново улично осветлување, поставување клупи и канти за отпад, како и целосна реконструкција на коловозот и тротоарите со поставување гранитни и травертин плочи.
На дел од улицата се поставува нова водоводна и атмосферска мрежа, додека фекалната канализација е веќе изведена, а каблите на ЕВН се спуштени под земја.

Проектот е изработен во соработка со Архитектонскиот факултет и вклучува уредување на зелените површини, замена на исушените дрвја со нови садници и поставување ниско зеленило, соопшти Општината.
Проектот се финансира со 70% средства од Светска банка, додека преостанатите 30% се покриени од буџетот на општина Центар.

