Македонија
Маричиќ: Сите да се фокусираме на реформите и уставните измени
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ присуствуваше на осмата седница на Националниот Совет за евроинтеграции, посветена на програмата и приоритетите на шведското претседателство со Советот на ЕУ, на која посочи дека очекува следните месеци сите да се фокусираат на брзо спроведување на реформите и на уставните измени.
Следниот период нè чека интензивна трансформација на македонското општество, подготовка на Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација, завршување на уставните измени и скрининг процесот, рече Маричиќ додавајќи дека има доволно време и простор успешно да ги завршат уставните измени, за задржување на динамиката на процесот на преговори и избегнување ново вето, овој пат од наш политички фактор, повторно чекање и ставање на државата во ќорсокак и неизвесност.
На почеток вицепремиерот Маричиќ ѝ честита на амбасадорката на Кралството Шведска, Н.Е. Ами Ларсон Џеин, за преземањето на ротирачкото претседавање со Советот на Европската унија и истакна дека од особено значење е посветеноста на Шведска на процесот на европска интеграција и на безбедноста на Западен Балкан и Европа.
– Очигледно е дека војната во Украина поттикна заживување на политиката на проширување на ЕУ. Безбедносната криза потврди дека обединетоста е клучот за стабилност на Европа и регионот, но и покажа дека Северна Македонија е кредибилен и вистински партнер на ЕУ, со 100% усогласеност со европската надворешна политика, истакна Маричиќ.
Маричиќ се заблагодари на чешкото претседавање и на Н.Е. амбасадорот Лудва, за историските одлуки кои се направија изминатите 6 месеци за иднината на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан, во време на големи предизвици за земјите од ЕУ и за Унијата во целина.
– За време на чешкото претседавање, Северна Македонија после 17 години го направи историскиот чекор на патот кон ЕУ, ги започнавме преговорите со ЕУ. Сега најважно е сите заедно да останеме доследни на нашата стратешка цел, и да обезбедиме продолжување и континуитет на преговорите со ЕУ, рече Маричиќ, додавајќи дека мора да се обединат околу прашањето за европската иднина на земјата и со политички консензус да им се обезбеди на граѓаните стабилност, просперитет, нови можности, европски стандарди и функционирање на државата врз европски принципи и вредности.
Очекувам сите да се на ниво на својата задача, а најповеќе очекувам од институциите и од Собранието, да преземат одговорност и да покажат проактивност, за брзо и темелно спроведување на европската реформска агенда и во 2030 Северна Македонија да ја внесеме во Европската унија.
На седницата свое обраќање имаше и амбасадорката на Кралството Шведска, Н.Е. Ами Ларсон Џеин, која ги презентираше приоритетите на претседателството, под слоганот „Позелено, побезбедно и послободно“.
Во фокусот на своето претседателство, таа кажа дека шведската влада ги постави прашањата поврзани со: зачувувањето на европското единство и зајакнувањето на безбедноста, конкурентноста, зелената агенда и енергетската политика и зајакнување на демократските вредности и владеењето на правото.
Евроамбасадорот Гир во своето обраќање потенцираше дека периодот од сега до редовните избори во 2024 е време за да се „турнат“ реформи чекот понапред и да се направат уставните измени. Тој додаде дека како приоритет останува безбедноста, обединувањето на ЕУ, евроинтеграцијата на Западен Балкан и заедничкиот одговор на предизвиците предизвикани од војната во Украина, потенцирајќи дека ЕУ подготвува нов пакет помош за надминување на последиците од енергетската и економската криза.
Маричиќ потврди дека до 30 јуни годинава, колку што ќе трае шведското претседателство со ЕУ, ќе работат рака под рака со Шведска, бидејќи според него само со единство можеме да придонесеме во напредокот на нашата европска иднина и иднината на Европа.
– Убеден сум дека ќе успееме овие шест месеци да ги искористиме за напредок и интензивирање на реформите, а за време на шпанското претседателство, да го осигураме процесот на преговори со ЕУ и европската иднина на земјата, рече Маричиќ истакнувајќи дека со тоа Северна Македонија влегува во следната фаза на евроинтеграциите и ќе ја одржи втората Меѓувладина седница со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Меѓународен ден за стоп на насилството врз сексуалните работници: „Под црвениот чадор се бориме за еднаквост, достоинство и заштита“
Оваа година, сексуалните работници здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот спроведуваат симболична онлајн кампања по повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.
„Овогодинешната онлајн кампања ‘Под црвениот чадор се бориме за еднаквост, достоинство и заштита’ ја посветуваме на симболот што веќе 18 години нè обединува и заштитува – црвениот чадор. Преку него ја раскажуваме нашата приказна, го покажуваме нашето присуство и ја истакнуваме нашата борба за почитување на основните човекови права.
Во фокусот на кампањата е моќно видео во кое три сексуални работнички ги споделуваат своите лични приказни, за стравовите што ги носат, за насилството со кое се соочуваат, и за потребите што ги имаат“, велат од Здружението.
„Сексуалните работници, особено жените и трансродовите лица, се мета на различни форми на родово базирано насилство во јавен, приватен простор и/или онлајн. Насилството врз нас е често неказнето, невидливо и институционално игнорирано. Присутно е од страна на клиенти, партнери, полицијата, па дури и во здравствените и социјалните служби“, се додава во соопштението.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.

