Македонија
Петровска – Бојер: Поддршката за модернизација на Армијата ја зајакнува безбедноста на регионот
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска имаше средба со Спенсер Бојер, заменик помошник секретар за одбрана за Европска и НАТО политика на САД, кој е дел од американската делегација на советникот на Стејт департментот Дерек Шоле, која е во посета на Северна Македонија.
На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу Република Северна Македонија и САД во рамки на одбраната, при што министерката Славјанка Петровска го запозна помошник секретарот Бојер за тековните проекти за модернизација и опремување на Армијата, чекорите кои ги презема Северна Македонија во насока на зголемување на регионалната стабилност и безбедност, како и помошта и поддршката за Украина.
За време на состанокот, Петровска истакна дека САД се наш долгогодишен стратегиски партнер во развојот на армиските капацитети и изрази благодарност за сојузничката поддршка од 106 милиони американски долари за модернизација, опремување и развој на капацитетите на Армијата во 2022 год.
Министерката Петровска на состанокот потенцираше дека САД одлучно ја демонстрираат својата заложба за мир, стабилност и просперитет на регионот и одлучно и посветено ја поддржуваат воената модернизација на Северна Македонија.
“Нашите стратешки партнери САД, недвосмислено ги поддржуваат нашите напори да изградиме современи интероперабилни сили и модерна Армија. Буџетот за одбрана во последните неколку години бележи невиден раст – бројките се непобитен доказ за нашата решеност да инвестираме повеќе во Армијата и нејзините припадници“, рече Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со владина делегација на Светскиот економски форум во Давос
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
(Видео) Роберт Шоповски го фати богојавленскиот крст во Елшани
Жителите на Елшани и годинава традиционално во раните утрински часови го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во 5 часот започна утринската богослужба во селото, на која присуствуваа повеќе стотини жители. По осветувањето на леб и вода, на сред село, во изворските води беше извршен чинот на фрлање на светиот крст.
Среќниот фаќач на богојавленскиот крст годинава беше Роберт Шоповски.
Како спомен на настанот, Шоповски доби пригодни подароци од страна на месната заедница и црквата „Свети пророк Илија“.
Одбележувањето на Богојавление во Елшани продолжи со народен собир и оро на сред село, каде старите и новите кумови послужуваа топла ракија и бонбони. Празнувањата продолжија и во текот на денот со традиционални светојонски трпези кај старите кумови, проследени со песна и игра.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.

