Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на „Еуромани“: Приоритет на централните банки е обезбедување среднорочна ценовна стабилност

Централните банки мора да останат доследни на својата задача и да обезбедат среднорочна ценовна стабилност, а со тоа и макроекономска стабилност. Проекциите на меѓународните финансиски институции се дека во глобални рамки по високиот раст на инфлацијата минатата година, оваа година ќе дојде до постепено забавување, односно глобалната инфлација од приближно 10 %, ќе забави сведувајќи се на речиси 7%. Во регионот на ЦЈЕ исто така се предвидува забавување на инфлацијата, со што би се свела на околу 8 %, што е слично и со проекциите за инфлацијата кај нас. Сепак, ризиците за проекции се нагорни и зависат од три клучни претпоставки: цените на примарните производи да се стабилизираат, застоите во синџирите на снабдување и натаму да се намалуваат и инфлациските очекувања да се стабилизираат. Најновата анкета на ЕЦБ за инфлациските очекувања покажува дека кај краткорочните инфлациски очекувања сè уште има одредени нагорни поместувања речиси кај сите економии, но позитивно е што долгорочните инфлациски очекувања главно се стабилни. Одржувањето стабилни инфлациски очекувања е клучно за натамошната патека на инфлацијата, а предуслов за тоа е спроведување прудентни макроекономски политики. Неопходно е инфлацијата да се врати на одржлив пат и со тоа да се зачува куповната моќ на населението и да се поддржат инвестициите преку намалување на неизвесноста, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата на форумот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ), што го организира „Еуромани“ во Виена, Австрија.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска се обрати на панел-дискусијата со наслов „Монетарна политика: фискални стимули, монетарни кочници – справување со кризата“. Во панел-дискусијата учествуваа и гувернерот на централната банка на Грузија, Коба Гвенетаџе, гувернерот на централната банка на Албанија, Гент Сејко, и заменик-гувернерот на централната банка на Унгарија, Михали Патаи. Панел-дискусијата беше насочена кон тековните предизвици за централните банки предизвикани од сè повисоката инфлација на глобално ниво, координацијата на фискалната и монетарната политика и нивните правци во време на тековната криза.
Во рамките на форумот гувернерката оствари и повеќе средби со високи претставници на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, како и средби со повеќе меѓународни институционални инвеститори.
Форумот на ЦИЕ, на кој зеде учество гувернерката, во изминатите 28 години се етаблира како настан на кој учесниците на финансиските пазари заинтересирани за регионот може да разменат идеи и очекувања за насоките за економијата на ЦИЕ. На овој форум традиционално учествуваат носителите на политиките, односно гувернерите на централните банки, министрите за финансии, раководителите на финансиските институции, но и инвеститорите.
Годинава, собирот се одржува во услови на глобални инфлациски притисоци, геополитички турбуленции во Европа и енергетска криза, кои имаат влијание врз регионот на ЦИЕ. Оттаму, учесниците дебатираат на теми поврзани со енергетската безбедност, случувањата во Украина, регионалниот банкарски сектор во тековниот контекст и монетарната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.