Македонија
Спасовски: Инвестираме за уште подобра физичка подготвеност на 700 полициски службеници и над 100 припадници на Армијата
Денеска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на Министерството за внатрешни работи го посети Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, базата на Единицата за брзо распоредување, каде што беше промовиран фитнес-парк на отворено, проект во соработка со Агенцијата за млади и спорт, во вредност од 3 милиони денари.
Потребата на Одделот за специјални полициски операции за реконструкција на кошаркарското игралиште и поставување фитнес-опрема во кругот на Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ беше преточена во проект што беше одобрен од страна на Владата на Република Северна Македонија во текот на 2021 година, а предвидува фитнес-зона и реконструкција на кошаркарското игралиште со поставување осветление. Деновиве, од страна на Агенцијата за млади и спорт, беше заокружено поставувањето повеќе фитнес-справи и елементи за физички активности, а оваа година се очекува и завршување на повеќенаменското игралиште, исто така реализирано од Агенцијата за млади и спорт.
Министерот Спасовски оствари средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, и со раководителот на капиталните инвестиции на Агенцијата за млади и спорт, Гордана Цекова, на која беше информиран за следната фаза од планот на реализација, која опфаќа завршување на кошаркарското игралиште, кое се наоѓа до фитнес-зоната, како и поставување тартан-патеки во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ и во касарната „Илинден“.
„Особено се гордеам што сите проекти што ги договоривме, откако сум на чело на МВР, целосно се завршени благодарение на заедничкиот напредок на сите во тимот. Кога тимот има идеи и енергија за реализација, резултатите се лесно видливи и прифатени. Соработката, која почна со Агенцијата за млади и спорт оваа година, ќе продолжи и во следните фази и проекти, кои ќе влијаат на вкупната физичка подготвеност на полициските службеници што ги користат. Оваа фитнес-зона ќе може да ја користат околу 700 полициски службеници и над 100 припадници на Армијата на Република Северна Македонија“, истакна министерот Спасовски.
За време на средбата, министерот Спасовски на директорот Мојсовски во свое име му врачи дрес од македонската ракометна репрезентација со негов потпис во знак на заедништво и поддршка за македонските репрезентативци на претстојното Светско ракометно првенство, кое се одржува во Шведска и Полска.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, истакна дека ова е прва инвестиција од Агенцијата за млади и спорт за државни институции, со уверување дека ваквата соработка ќе продолжи и во иднина.
„Со задоволство ја реализиравме оваа фитнес-зона со која директно ќе влијаеме на физичката подготвеност на полициските службеници задолжени за безбедноста на секој граѓанин. По ваква успешна прва фаза на соработката оваа година, го завршуваме и кошаркарското и повеќенаменско игралиште овде во ПЦ ‘Ѓорче Петров’, со план за изградба на тартан-патеки овде и во касарната „Илинден“. Соработката е веќе отворена, успешна и само ќе ја продлабочуваме“, истакна директорот Мојсовски.
По средбата, присутните ги посетија и спомен-собата на Единицата за брзо распоредување, при што Мојсовски се потпиша во спомен-книгата поставена таму, и фитнес-паркот на отворено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсено лицето што го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје
Полициски службеници од МВР денеска (12 јануари 2026 година) во 12:40 часот на улицата Кирил и Методиј во Скопје го приведоа Ш.А. (54) од овој град, поради сомнение дека вчера го оштетил стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Веднаш по добиената пријава за инцидентот биле преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот, по што Ш.А. бил лишен од слобода. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот се случи вчера, 11 јануари 2026 година, кога беше пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија. Според претходните информации од МВР, оштетувањето било забележано преку системот за видео надзор, а сторителот со удар со рака го оштетил стаклото и се оддалечил од местото.
Инцидентот беше остро осуден од бугарското Министерство за надворешни работи, кое го оцени како напад врз дипломатската мисија. Реакција имаше и од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој го осуди настанот, оцени дека станува збор за изолиран случај и нагласи дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Македонија
Алиу-Андоновска: Обезбедени 7.500 вакцини против Хепатитис Б, наменети за здравствени работници
Министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Институт за јавно здравје, Марија Андоновска, денеска одржаа заедничка прес конференција по повод потпишување договор за донација од страна на Министерството за здравство на Институтот за јавно здравје на 7.500 вакцини против Хепатитис Б, во вкупна вредност од 123.450 американски долари, кои се наменети за здравствените работници.
-Станува збор за конкретна превентивна мерка за намалување на изложеноста на ризици по здравјето на вработените во здравствениот систем, притоа истовремено засилувајќи ја и сигурноста кај пациентите. Со овие количини ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници, со три дози вакцина по лице. Вакцинацијата ќе се спроведува во Институтот за јавно здравје и во Центрите за јавно здравје. Нашата одговорност како институционални носители на здравствените политики е да создадеме услови здравствените работници да не бидат оставени сами во ризиците кои ги носи извршувањето на нивните обврски, како што е контактот со крв и телесни течности, повреди со остри инструменти и слично. Вакцините се обезбедени од „Project HOPE“ – меѓународна невладина организација за глобална здравствена и хуманитарна помош, на кои им се заблагодарувам, истакна министерот Алиу во обраќањето.
Тој посочи дека во рамки на заложбите за овозможување едноставен и достапен процес на вакцинација, Министерството за здравство подготви електронски модул за изразување интерес за вакцинација, кој е достапен на веб-страниците на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје.
-Денес обезбедуваме и дополнителна поддршка за Институтот за јавно здравје за засилување на биосигурноста. Станува збор за авионски и бродски транспортни кутии за инфективни материјали, со што овозможуваме побезбедно постапување и транспорт на инфективни материјали согласно протоколите, додаде министерот.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со претставници на „Македонија 2025“
Во рамки на активностите во областа на надворешната трговија и економската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска, придружуван од директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, оствари посета на организацијата „Македонија 2025“ и одржа средба со нејзиното раководство.
Посетата е дел од серијата работни средби што министерот Муцунски ќе ги реализира во текот на неделата со раководствата на стопанските комори и сродни организации.
На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со можностите за организирање заеднички активности во делот на извозната и инвестиционата промоција на бизнис-компаниите кои се членки на „Македонија 2025“.
Фокусот на разговорите беше ставен на можностите за организирање бизнис-форуми во рамки на официјални посети на владини делегации во странство, со посебен акцент на улогата на дијаспората. Воедно, беа разгледани и начините на кои дипломатско-конзуларните претставништва можат да дадат поддршка во организирање деловни средби за заинтересираните компании кои сакаат да ги истражат странските пазари и да отпочнат извозни активности.
Претставниците на „Македонија 2025“ ја поздравија иницијативата за интензивирање на соработката и комуникацијата со стопанските комори, истакнувајќи дека на тој начин дополнително се зајакнува улогата на државата како поврзувач меѓу домашните компании, странските пазари и македонската дијаспора.

