Култура
„Као какао“ на легендарниот состав „Леб и сол“ повторно на винил во издание на „Кроација рекордс“

По 35 години, „Кроација рекордс“ повторно го објави на винил музичкиот бестселер „Као какао“ на легендарниот состав „Леб и сол“.
Македонската супергрупа „Леб и сол“ во 1987 година го издаде „Као какао“, едно од најзначајните музички дела во ексјугословенската дискографија.
По повод 35 години од објавувањето на култниот албум, издавачката куќа „Кроација рекордс“ со гордост го претставува ексклузивното винилно реиздание на „Као какао“. Албумот, кој остана неверојатно актуелен до ден-денес („Какао со врвен квалитет“), повторно е достапен во физичка форма на 180-грамскиот винил, режен со половина брзина (half speed-технологија), во студиото Abbey Road во Лондон.
Освен Half- speed-мастерингот, направен од Мајлс Шоуел, изданието вклучува богата книгичка со фотографии од Георги Христовски, архивски фотографии од „Кроација рекордс“ и придружни текстови.
Иако беше издаден во 1987 година, бендот почна да експериментира со идеи за нов студиски албум неколку години порано. По албумите „Калабалак“ (1983) и „Тангента“ (1984), издадени за „Југотон’, следуваше „Звучни зид“ (1986), албум со песни што во меѓувреме беа напишани специјално за театар, филм и телевизијa.
Групата, ќе признаат членовите, минуваше низ прилично кризен период од 1985 година, а евентуалниот неуспех на планираното студиско издание, секако, ќе означeше распад на уште еден рок-гигант.
За да го максимизираат потенцијалот на новиот материјал, бендот во состав: Влатко Стефановски, Бодан Арсовски и Гарабет Тавитјан, одлучува да го покани младиот виртуоз на клавијатури Кирил Џајковски, кој станува постојан член, а покрај него, на снимањето се приклучуваат и саксофонистот Гоце Мицанов, пејачките Беби Дол и Ана Костовска, гајдашот Рони Ватен и перкусионистот Мишко Михајловски.
Целиот материјал е снимен во познатото студио „М-2“ на Радио-телевизија Скопје, каде што, меѓу другите, снимаше и групата „Бјело дугме“. Албумот „Kao какao“ звучи неверојатно свежо концептуално и продукциски, па дури и според денешните продукциски стандарди е навистина извонреден албум.
За звукот на овој албум, меѓу другите, беше задолжен и Братислав Зафировски, кој, освен за снимањето, беше заслужен и за миксот, а со Влатко и Бодан ја потпиша и продукцијата на „Као какао“.
Со ова издание „Леб и сол“ го обезбеди статусот на еден од најголемите состави во историјата на нашите простори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Димитрија Доксевски избран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Актерот Димитрија Доксевски на денешното свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е избран за нов директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Според статутот на ДФРМ, мандатот на Димитрија Доксевски важи за следните две изданија на фестивалот.
Димитрија Доксевски ја презентираше предлог програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера, соопшти ДФРМ.
Димитрија Доксевски е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Својата професионална кариера ја започнал во Македонскиот народен театар во 2006 се до 2011. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во прериодот од 2011 до 2013, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и се до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ Македонија, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од Македонија.
Учествувал во организирање и продуцирање повеќе театарски претстави, организирање на повеќе од 20 музички настани со артисти од целиот свет, продуцирање и организација на 2 големи музички (open air) фестивали со повеќе од 20 интернационални изведувачи, продуцирање и реализација на кратки филмови, играни видеа за деца и театарски претстави.
Култура
Љуљзиме Лека-Муљаку во Чифте амам со циклусот „Метаморфоза II“

На втори април, среда, во 19.00 часот, во Чифте амам ќе биде отворена самостојна изложба на Љуљзиме Лека Муљаку со наслов „Метаморфоза II“.
Љуљзиме Лека Муљаку припаѓа на современата уметничка сцена и ја претставува генерацијата уметници кои својата дејност ја започнале со визуелен израз од 90-тите години.
Таа ќе се претстави во Националната галерија со 50 слики од различни формати, интересен циклус со дела изработени во акрилна техника.
Изложбата „Метаморфоза II“ е нов циклус на дела кој претставува реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности. Фигуративната композиција на овој циклус ја отсликува егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство.
Ликовното претставување тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик.
Изложбата ќе биде поставена до 13 април 2025, а куратор е Нарона Љума Весели.
Култура
Ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини на 4 април во НОБ

На 4 април со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Марио Меникаљи ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во насловната улога ќе настапи Благица Поп Томова , во улогата на Каварадоси ќе настапи Зоран Сотиров, во улогата на Скарпија, Maрјан Јованоски, во останатите улоги настапуваат: Борко Биџовски, Драган Ампов, Никола Стојчески, Тихомир Јакимовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија.