Економија
Над 2 милиона патници лани патувале преку скопскиот и охридскиот аеродром, најмногу летови за Германија и Турција
„ТАВ Македонија“, аеродромскиот оператор на двата македонски аеродрома, Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, објави дека бележи 70 проценти пораст во патничкиот сообраќај во 2022 во споредба со 2021 година, а во споредба со референтната година во воздухопловството, 2019 година, патничкиот сообраќај е на -11 отсто, односно 89 проценти стапка на закрепнување согласно статистиката на патничкиот авиосообраќај за 2019 година.
Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, двата македонски аеродрома, ја завршија 2022 година со приближно 2,4 милиона патници или вкупно опслужени 2.371.423 патници и 19.448 лета.
По две исклучително тешки години за воздухопловната индустрија во светот и по почетокот на периодот на закрепнување по пандемијата, кој особено почна во средината на 2022 година со летната сезона, силното зголемување на обемот на патничкиот воздушен сообраќај значи дека луѓето се уверени и подготвени да патуваат со авион и дека воздушниот сообраќај е на пат да го достигне нивото пред кризата.
„Ние како ТАВ навистина сме задоволни од закрепнувањето и резултатите на воздушниот сообраќај во 2022 година и за скопскиот и за охридскиот аеродром. Според бројките и статистиките, резултатите и динамиката на закрепнување на аеродромите управувани од ‘ТАВ Македонија’ ги следат европските и светските стапки на закрепнување. Особено се гордееме и среќни сме што закрепнувањето на македонскиот пазар на авиосообраќај оди дури и подалеку од прогнозата на Меѓународниот совет на аеродромите – ACI за глобалното движење на авиосообраќајот, чие оптимистичко сценарио предвидуваше дека глобалниот воздушен сообраќај во 2022 година ќе биде на ниво од -23 %, а скопскиот и охридскиот аеродром ја завршија 2022 година со -11 %, или со 89 % од обемот на патници во 2019 година. Оттука, може да се заклучи дека ‘ТАВ Македонија’ како аеродромски оператор ефикасно и успешно ги совладува и надминува кризата и нејзините последици, а силниот раст на патничкиот авиосообраќај и бројот на летовите би биле карактеристиките на изминатата 2022 година“, изјави Метин Батак, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Претставниците на аеродромскиот оператор веруваат дека овој позитивен тренд во закрепнувањето на патничкиот авиосообраќај ќе продолжи и во текот на 2023 година и дека прогнозите на ACI за европскиот аеродромски патнички сообраќај од -9 % за 2023 година во споредба со 2019 година повторно ќе бидат надминати.
„Сигурни сме дека нивото на вложениот труд во секојдневното аеродромско работење и квалитетот на аеродромските услуги за нашите клиенти обезбедени од нашиот искусен, стручен и посветен персонал, како и одличната соработка со сите засегнати страни и властите во воздухопловството, дополнително би биле причина аеродромите во Скопје и Охрид да го постигнат барем нивото на воздушниот сообраќај за 2019 година и да слават нови успеси и одлични резултати“, изјави Метин Батак, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Најфреквентни дестинации од Меѓународниот аеродром „Скопје“ според статистиката за патничкиот авиосообраќај на „ТАВ Македонија“ за 2022 година, јануари – декември, се Истанбул (двата аеродрома ИГА и „Сабиха Гокчен“ со 13,1 % пазарен удел), Базел Милуз (6,3 %), Виена (6,2 %), Цирих (6,2 %), Анталија (4,2 %), Дортмунд (4 %), Минхен Меминген (4 %) и Келн (3,1 %).

Топ-5 земји со директни летови за 2022 година се Германија (24 % пазарен удел); Турција (19,1 %); Швајцарија (14,2 %); Шведска (6,9 %) и Австрија (6,2 %).
Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај во 2022 година на скопскиот аеродром, „Визер“ има превезено најголем број патници во 2022 година (59,3 % пазарен удел); потоа следуваат „Туркиш ерлајнс“ (11 %); „Пегасус ерлајнс“ (6,7 %); „Аустријан ерлајнс“ (6,2 %); „Чаир ерлајнс“ (4,9 %).
На охридскиот аеродром најфреквентна дестинација за патување за 2022 година е Виена (18 % пазарен удел), потоа Базел (15,9 %), Цирих (11,9 %), Меминген (11 %), Малме (10,8 %), Фридрихсхафен (8,7 %), Дортмунд (8,6 %), Амстердам (8,3 %), а другите дестинации се со пазарен удел од 1,2 %.
Моментно и според зимскиот ред на летање, од Меѓународниот аеродром „Скопје“ 11 авиокомпании („Ер Србија“, „Аустријан ерлајнс“, „Кроација ерлајнс“, „Еделвајс“, „Чаир ерлајнс“, „Пагасус ерлајнс“, „Туркиш ерлајнс“, LOT, „Ејџијан“, „Визер“, „Изиџет“) сообраќаат до 36 дестинации, а од аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид 2 авиокомпании („Визер“, „Чаир ерлајнс“) сообраќаат до 4 дестинации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска во Прага: Македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка. Во состав на делегацијата учествуваа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа. Во рамки на работната посета беше остварена билатерална средба со Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
Во рамки на посетата, делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.
Економија
Царина со грант од Јужна Кореја ја унапредува контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит
Царинска управа се етаблира како лидер на Балканот со напреден Систем за анализа на ризик и податочен склад имплементиран со грант од Република Кореја во висина од 4,75 милиони долари кој ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија.
Системот овозможува унапредување на контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит, како клучно во сузбивање на сивата економија, разобличување на криминалот, заштита на финансиските интереси и полнење на Буџетот, како и олеснување и забрзување на легалната трговија.
Воедно, во случај цените на стоките да се пониски од берзанските, царинските службеници ќе добијат аларм за можна царинска измама. Ќе се овозможи и подобра детекција на профили со висок ризик во воздушниот сообраќај.
Ова беа клучните пораки на денешниот церемонијален настан на кој директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, заедно со генералниот директор на Корејска Царинска Служба, Ли Мјонг Ку го промовираа системот. Системот беше промовиран со одржување на состанок на највисоко ниво и во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, државниот секретар Андриана Матлиоска и амбасадорот на Република Кореја, Ким Донг Бе, по кој директорите на македонска и корејска Царина одржаа прес-конференција.
„Само годинава заклучно октомври, вкупната трговска размена изнесува 18 милијарди долари, што кажува за тежината на секојдневната работа на Царинската управа во олеснување на трговијата, при истовремено спречување на обидите за криминал. Овој систем ни е од исклучителна важност бидејќи со истиот се овозможува унапредување на анализата на ризик и подобра селекција и концентрираност на контролите на високоризични пратки, со што се овозможува олеснување и забрзување на легалната трговија. Сите податоци за целиот увоз, извоз, транзит, податоците за акцизна стока, целокупната евиденција на заплени, прекршочни и кривични пријави се интегрирани во Системот каде истите се анализираат со поддршка на напредна вештачка интелигенција. Воедно истиот обезбедува податоци за пратки чии вредности се различни од берзанските цени, но и чии вредности се под просечните согласно анализата на вредноста на целокупниот увоз, со што ги алармира царинските службеници за проверка на контејнерите со вакви пратки, се со цел да се спречат можни обиди за царинска измама“, истакна директорот Николовски на прес-конференцијата.
Воедно, како што истакнува Николовски се овозможува подобрување на квалитетот на податоците кои понатаму ќе бидат предмет на анализи и креирање мерки за подобрување на трговските политики како клучни за забрзување на растот на економијата.
Директорот на корејската Царина, Ли, вели дека најважно и уверен е во истото, системот ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија. Тоа не само што ќе придонесе државата да ја зацврсти својата позиција како лидер на Балканот со напреден царинско административен систем, туку и ќе биде инспиративен пример за силна царинска соработка и пријателство.
„Патот на овој проект до денешната церемонија на пуштање во употреба не би бил можен без посветеноста и блиското партнерство меѓу владите на Република Кореја и РС Македонија. Преку континуирана комуникација и соработка меѓу нашите две земји, денес тој конечно дава конкретни резултати. Од 2008 година, Царинската служба на Кореја го воведе нашиот систем за електронско царинење UNIPASS во 16 земји, со вкупна вредност од 329,37 милиони американски долари. Овој ODA проект во вредност од 4,75 милиони американски долари (6,1 милијарди корејски вони) за РС Македонија има особено значење, бидејќи претставува прво воспоставување на системот за електронско царинење на Царинската служба на Република Кореја во целиот европски регион. Воспоставен е интегриран информациски ресурс и систем за управување со ризици, со цел подобрување на оперативната ефикасност и обезбедување непречен проток на стоки во РС Македонија“, истакна директорот Ли.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.

