Македонија
Полицаец тврди дека градоначалникот на Крива Паланка му удрил шлаканици
Полицаецот вработен во ПС Крива Паланка, Кристофер Стоевски, тврди дека бил натепан од градоначалникот на општината, Сашко Митовски. Откако се разви полемика дали настанот навистина се случил, тој се огласи и јавно на социјалните мрежи. Во неговата објава во детали објаснува што се случило пред четири дена, во позната гостилница каде тој и градоначалникот биле гости. Вербалниот инцидент кој препраснал во тепачка се случил на паркингот, тврди полицаецот Стоевски, според кого, се е пријавено во МВР.
„По заминување, на 50 метри од влезот се случува судир помеѓу две возила, едно во сопственост на вработен во ‘Селект Кафе’. Настаната е материјална штета и секако, на човечки начин без расправии е направен договор како да се покријат тие штети меѓусебе. Бидејќи автомобилите стоеја оштетени на патот, сообраќајот беше во застој само неколку минути, па така видно изреволтиран и во видно алкохолизирана состојба, таткото на Крива Паланка С.М. приоѓа и од нигде никаде, ме напаѓа со два шамари затоа што сум чекал со автомобилот на пат, што е согласно законските прописи дека не треба да се поместува возило при сообраќајка“, стои во објавата на Стоевски.
Полицаецот посочува дека иако бил нападнат, не му возвратил на ист начин на градоначалникот.
„Уште не ја знаеме причината за нападот, но со сигурност можеме да тврдиме дека тоа е дел од скриеното лице кое го покажа на најлош можен начин. Јас не возвратив на насилството ниту физички ниту вербално и како што е пропишано по закон, на професионален начин се јавив веднаш во полиција и го пријавив случајот. Полицијата дојде, направен е записник со притоа огромни притисоци и закани како од таткото на градот така и од неговиот брат, бидејќи сепак напаѓачот е добро познат на сите – таткото на градот!“, пишува полицаецот.
Од МВР велат дека работат на расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

