Македонија
Османи – Турковиќ: Двете земји имаат јасна аспирација за членство во ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, оствари средба со заменик-претседавачот на Советот на министри и министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, која престојува во работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата на двајцата министри беше изразено заемно задоволство за динамиката со која се развиваат односите и соработката меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Беше изразена подготвеност за интензивирање на секторската соработка, пред сè, на економската размена, која заостанува во однос на многу добрите политички односи.
Османи упати честитки за доделувањето кандидатски статус на Босна и Херцеговина за членство во ЕУ нагласувајќи дека тоа е позитивен сигнал во контекст на заокружувањето на европската иднина на регионот.
„Двете земји имаат јасна аспирација за членство во ЕУ и минатата година постигнавме сериозен напредок – ние, почнувајќи ги преговорите, а Босна и Херцеговина во добиениот кандидатски статус. Со оваа одлука се испраќа позитивен сигнал за кредибилна европска перспектива на сите земји од Западен Балкан и оттука таа има исклучително значење за стабилноста, просперитетот и за европската иднина на целиот регион“, нагласи Османи изразувајќи ја притоа подготвеноста на Северна Македонија да ѝ помогне на Босна и Херцеговина во нејзините евро-атлантски аспирации и реформите што треба да ги спроведе.
ЕУ-кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина е јасна порака и во однос на сецесионистичките тенденции, со кои се загрозуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.
Како актуелен претседавач со САД – Јадранската повелба (А5), Северна Македонија работи на нов стратешки концепт на Повелбата, кој треба да ја зајакне улогата на А5 во регионот, но и да ги приспособи неговите цели и мисии во согласност со новите безбедносни предизвици. Воедно, двете земји ја реафирмираа политиката на отворени врати на А5 и идно проширување со нови земји членки.
Османи ја запозна министерката Турковиќ и со приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.
„Како претседавач што доаѓа од регионот, особен фокус во нашата работа ќе имаат теренските мисии на ОБСЕ во Југоисточна Европа. Притоа значајно внимание ќе биде посветено и на работата на Мисијата на ОБСЕ во БиХ“, додаде тој.
Се разговараше и за потребата од засилена координација, со што ќе се овозможи поадекватен одговор на современите предизвици, како енергетската криза, одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Демократскиот сојуз: Европската Унија да ги деблокира евроинтеграциските преговори на Македонија

Во пресрет на посетата на Марта Кос на Македонија, Демократскиот сојуз ја повикува Европската Унија да ги деблокира евроинтеграциските преговори на Македонија, бидејќи „тоа е во согласност со геостратешките состојби и во интерес и на Македонија и на ЕУ“.
„Демократскиот сојуз од Еврокомесарката Марта Кос бара да направи мал чекор за деблокадата:
Прво, да предложи Советот на ЕУ да донесе заклучок дека идентитетските, историските и јазичните прашања не можат да бидат основа за блокада на евроинтеграциите.
Второ, Советот на ЕУ да донесе одлука дека Македонскиот јазик, по приемот на Македонија во ЕУ, ќе биде официјален (службен) јазик во ЕУ.
Трето, ЕУ да ја обврзе Бугарија да ги имплементира одлуките на Меѓународниот суд за човекови права од Стразбур, за Македонците во Бугарија да можат да се здружуваат за заштита на своите историски, идентитески и јазични обележја“, велат од ДС.
„Подолго време има изјави од претставници на ЕУ и Бугарија дека внесувањето на Бугарите во Уставот е последно барање, дека Македонскиот јазик е загарантиран, тоа го тврдат функционерите на СДСМ и дека идентитетските прашања не се дел од Преговорачката рамка.
Само да разјасниме, во Преговарачката рамка никаде не е спомнат Македонскиот јазик, освен дека преводот на директивите на ЕУ ќе се врши на Македонски јазик (тоа и досега се прави), а со годишните прегледи (протоколи) кои се дел од Преговорачката рамка, се отвораат идентитетските прашања, како и со договорот за добрососедски односи помегу Македонија и Бугарија .
Деблокадата е можна и зависи од ЕУ, а не од Македонија.
Во Македонија постои и политички и граѓански консензус за полноправно членство во ЕУ. Тоа е наш национален интерес“, се наведува во соопштението на ДС.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Раст на платите во образованието за над 12 проценти, нови училишта, спортски сали, изградба на факултетските објекти и зголемени стипендии

„Наследството во образованието што го оставија СДС и ДУИ беше катастрофално, образованието беше во длабок минус, учениците без учебници, наставниот кадар и стручниот персонал без достоинствени примања, а образовната инфраструктура целосно запоставена. За една година Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се започна со градење на модерен систем на образование кој ги вклучува сите чинители“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„За прв пат после 7 години, учебната година 2024-2025 се започна со испорачани учебници. И покрај краткиот рок, над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи на првиот училишен ден.
– Испечатени над 100 нови наслови за средното стручно образование
– Изградба на 7 нови училишни објекти
– Реконструкција на 20 училишни објекти
– Изградба на 4 училишни спортски сали
– Студените добија нови згради, се одблокира изградбата на факултетските објекти на ФИНКИ и ФФК, инвестициски циклус од 2 милијарди денари.
Над 12% повисоки плати за наставниот кадар и стручниот персонал во основните и средните училишта, 14% повисоки плати на професорите на факултетите, потпишана согласност за раст на платите до 60% во следните 4 години.
Најголем влог во образованието со досега обезбедени 38 милијарди денари за образованието.
Во науката вложени се 680 милиони денари, така што во буџет за наука во 2025 година двојно повеќе во споредба со 2024 година.
Обезбедени 274 милиони денари за финансирање на иновативни научно – истражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, МАНУ и компаниите кои соработуваат со академската и научната фела.
Проширен е опсегот на мерката субвенциониран студентски оброк и за сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и за постдипломците.
Темелна реконструкција на два студентски дома во Скопје, „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во вредност од 17 милиони евра,
– Модернизација на универзитетот „Мајка Тереза“, во вредност од 34 милиони евра,
– Министерството за образование и наука ќе ги покрива трошоците за учество на средношколци на меѓународни научни олимпијади,
– Обезбедени 50 милиони евра за 1570 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки во средните стручни училишта.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да инвестира во образованието со цел поквалитетно и модерно образование, структурирано според потребите на поединецот, пазарот на трудот и заедницата“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Марта Кос во Скопје на лидерскиот состанок ЕУ – Западен Балкан

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, денес и утре ќе престојува во Скопје, и ќе учествува на лидерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан.
За попладнево е закажана тет-а-тет средба на еврокомесарката Кос со премиерот Мицкоски, по што ќе следи и билатерална средба со останатите делегации.
На лидерската средба ќе присуствуваат лидерите од Западен Балкан, како и на министри, високи претставници од Европската унија, регионални организации и меѓународни институции.
Во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во поширокото централно градско подрачје.