Македонија
(Видео) Привршува конзервацијата на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска, како дел од посетата на Преспанскиот Регион, ја посети и црквата „Св. Ѓорѓи“ во селото Курбиново. Притоа на премиерот Ковачевски му беа презентирани тековните градежни активности за заштита на црквата „Св. Ѓорѓи“ во селото Курбиново, која претставува несекојдневен пример на византиската уметност од XII век.
Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е позната по најстарото сочувано ѕидно сликарство, кое претставува несекојдневен пример на византиската уметност од крајот на XII век (1191 година), особено по оригиналните фрески, меѓу кои и фреската на ангелот Гаврил од Курбиново (како дел од композицијата Благовештение), која е отпечатена и на банкнотата од 50 денари.
Почнувајќи од 2013 година, реализирани се неколку проекти за заштита и конзервација на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, како што се конзерваторски истражувања, анализи, реконструкција и активности за конзервација на црквата, за што досега се исплатени над 360.000 евра буџетски средства.
„Заштитата на културното наследство и натаму претставува еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија и на Министерството за култура. За таа цел, Владата континуирано вложува во заштита на културните добра, меѓу кои е и црквата ‘Св. Ѓорѓи’ во Курбиново, која веќе е впишана на тентативната листа на УНЕСКО (44. сесија на Комитетот на УНЕСКО за светско наследство – Фуџу, НР Кина, јули 2021 година), што е прв чекор во процесот на впишувањето едно добро на листата на УНЕСКО на светско наследство. Изработката на досието за впишување на оваа листа беше извршено од страна на надлежната институција, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, и се одвиваше во согласност со оперативниот водич на УНЕСКО за имплементација на Конвенцијата за светско наследство“, велат од Владата.
Претходно, во втората половина на 2019 година, беше изработен основниот проект за архитектурата и за статиката на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, чија реализација, поради глобалната здравствена криза, почна во 2021 година. Најголем дел од конзерваторските работи е завршен до крајот на 2022 година. За 2023 година, останува да се завршат изведбата на потпорниот ѕид на северната страна и соодветни дренажни канали, како и конзервацијата на ѕидното сликарство во ентериерот и екстериерот на црквата. Целосната реализација на сите сегменти на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново вклучува и изведба на натстрешници за заштита на ѕидното сликарство на фасадата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Андоновска: Обвинителството да истражи дали дискотеката „Пулс“ ја платила казната од 40.000 евра и каква е улогата на Оливер Спасовски во тоа

Љупчо Коцевски и јавното обвинителство да истражат дали газдата на дискотеката „Пулс“ ја платил казната од 40.000 евра за која неговиот син во телефонска кореспонденција вели дека Оливер Спасовски како министер на МВР ќе ургира да не ја платат, бара Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку дискотеката Пулс не ја платила казната, тогаш Оливер Спасовски под итно треба да биде повикан од ЈО и да се истражи целиот случај. Љупчо Коцевски и ЈО предолг период молчат и го држат случајот во магла. Одговорност мора да има за секој еден кој бил замешан во случајот со работењето на дискотеката Пулс, а не долг и неефективен процес кој ќе резултира со пародија на системот. Ако Љупчо Коцевски има за цел да ги заштити високите претставници на СДС како тогашна власт и да ја унакази правдата, ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи тоа. Секој поединечен сомнеж мора да биде истражен и обелоденет. Одговорност мора да има“, рече Андоновска.
Македонија
Герасимовски: Буџетот за култура двојно се зголемува, македонската култура, автори и уметници имаат вистинска поддршка во Центар

Општина Центар изминативе четири години вложува во промоција и афирмација на македонската култура, јазик и уметност преку мурали, концерти и настани посветени на културното наследство, вели градоначалникот на Општина Центар и кандидат за нов мандат, Горан Герасимовски.
„Муралот „Бушавата азбука“ во Дебар Маало е посветен на промоција на кирилицата и ги поврзува генерациите, потсетувајќи на култната детска емисија преку која го учевме мајчиниот јазик. Веднаш во близина е и муралот на големиот драматург Горан Стефановски, а во боемскиот дел на Центар е овековечен и Александар Џамбазов, легендарниот композитор, диригент и творец на Златно славејче“.
Концертот „Нешто што ќе остане“ е проект кој стана традиција во Општина Центар. Две години наназад, секоја есен, во паркот на Франкофонија се одржува овој популарен музички настан на кој настапуваат исклучиво македонски музичари и се изведува македонска музика.
„Промоцијата на македонскиот јазик, книжевноста и уметноста е врвен приоритет на Општина Центар. Македонските автори, музичари и уметници секогаш ја имале и ќе ја имаат нашата поддршка,“ порача Герасимовски.
Како што појасни, редовно се реализираат и настани како меѓу генерациски средби, каде преку уметноста и хуманоста се дружат младите и повозрасните, еко-пикници за промоција на македонските производители и производи, прошетки со туристички водичи за запознавање со историјата на Центар, како и изложби и културни настани што ја оживуваат локалната сцена.
Буџетот за култура, кој во 2021 година изнесуваше 3 милиони денари, во изминатите четири години е зголемен на 13 милиони денари, а во наредниот мандат е предвидено да достигне 26 милиони денари, додава тој.
Македонија
Центар ќе биде општина што создава можности за младите претприемачи, најавува Лабудовиќ

„Центар има огромен потенцијал – полн со креативност, младост и идеи кои чекаат да добијат шанса,“ изјави кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, претставувајќи ја својата визија за развој на локалната економија и поддршка на младите и малите бизниси.
Лабудовиќ потенцира дека локалната економија е моторот што ја движи општината и дека токму Центар, како срцето на главниот град, треба да биде пример за иновативна, креативна и динамична средина што ги охрабрува луѓето да создаваат. Неговата цел е јасна – да се создаде општина што ќе ги поддржува малите креативни бизниси и младите претприемачи, затоа што токму тие се двигателот на секоја современа економија.
Во таа насока, Лабудовиќ најави формирање на Фонд за поддршка на локалната економија, кој ќе обезбеди реална поддршка за сите што имаат храброст да започнат сопствена идеја и да ја претворат во успешна приказна. Преку овој фонд, младите претприемачи, занаетчии, дизајнери и уметници ќе имаат пристап до финансиски грантови, менторска помош, стручни обуки и ресурси што ќе им овозможат да го развијат својот потенцијал. „Ќе им дадеме шанса на младите и на сите храбри луѓе што сакаат да создаваат нешто свое, токму овде, во Центар. Нашата обврска како локална власт е да им дадеме алатки, знаење и поддршка, а тие ќе го вратат тоа преку труд, креативност и нова енергија во нашата општина,“ истакна Лабудовиќ.
Во програмата се предвидува и модернизација на трговските улици, пазарите и занаетчиските простори со цел да се создадат подобри услови за работа и развој. Центар ќе биде општина која не ги гуши своите таленти, туку ги поттикнува. Ќе се отвораат јавни зони за локални продавници, студија и ателјеа, достапни за млади иноватори и претприемачи по симболични цени. Тие простори ќе станат нови креативни точки во кои ќе се среќаваат идеите, уметноста и бизнисот, создавајќи мрежа на современи маалски центри за развој.
Паралелно со ова, Лабудовиќ најави реализација на нов концепт за оживување на локалната економија преку организирање мини-саеми, креативни пазари и фестивали на локални производи, кои ќе ја вратат енергијата во срцето на градот. Овие настани ќе им овозможат на локалните производители, уметници и занаетчии да го претстават својот труд пред јавноста, да создадат нови партнерства и да ја раздвижат економијата на Центар.
„Центар мора да живее преку своите луѓе – преку занаетчиите, уметниците, малите претприемачи и младите кои веруваат дека тука можат да успеат. Ќе ја поддржиме нивната храброст, затоа што во нивните идеи се кријат идните успеси на нашата општина,“ порача Лабудовиќ.
Во рамки на економската стратегија ќе се развиваат и јавно-приватни партнерства со домашни компании и институции за финансирање на локални инфраструктурни и креативни проекти, како и воведување дигитална платформа за локален развој. Преку неа, граѓаните и претприемачите ќе можат да аплицираат за поддршка, да пријавуваат идеи и да следат како се реализираат општинските проекти.
„Време е Центар повторно да стане место каде што храброста и младоста се поддржани, каде што идеите добиваат шанса, а секој труд е вреднуван. Да им дадеме сила на младите – затоа што во нивните идеи е идната економија,“ заврши Лабудовиќ.