Македонија
(Видео) Чулев: МВР доделило милионски бизнис на приватна фирма за набавка на храна, иако има свои кујни

„Денеска и во текот на следните денови пред вас ќе презентираме докази, како приватна компанија која добила грант за изградба на фабрика од владата на СДС, сега руши рекорди во добивање на милионски тендери во вредност од неколку милиони евра од истата таа влада. Имено, за прв пат во историјата, полициските службеници сместени во објектот во Ѓорче Петров и Центарот за обука во Идризово ќе консумираат храна која ќе биде набавена од страна на приватна компанија, основана токму со финансиска поддршка од владата на СДС. Ова е договорот за вршење на угостителски услуги односно набавка на храна за потребите на полициските службеници и лицата кои се на обука во Центарот за обука на МВР во Идризово“ рече на денешната прес-конференција Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Договорот е склучен помеѓу МВР на Оливер Спасовски и фирмата Индустри сервис, а со кој му се дава право на Министерството за внатрешни работи да потроши до 440 милиони денари, односно 7 милиони и 150 илјади евра за исхрана. Се работи за бонбона бизнис со оглед дека само во Центарот за обука на дневна основа ќе се дистрибуираат нешто помалку од 1.000 оброци“ рече Чулев.
„Дали можеби ваков договор е склучен со компанијата Индустри сервис, затоа што истата и претходно имала бизнис релации со власта. Имено, истата добила грант од 10 милиони денари од Владата на СДСМ за изградба на својата фабрика. Сега истата таа фабрика, односно фирма добива договор од МВР, за носење на храна во само еден објект во Идризово од над 7 милиони евра, што е повеќе од првичната инвестиција. Додека во објектите на МВР има кујни со новонабавена најсовремена опрема за приготвување и складирање на храна токму во периодот кога Оливер Спасовски бил министер, а која ги исполнува сите ХАСАП стандарди, сега истиот тој Спасовски фрла милиони евра на тендери за исхрана“ посочи Чулев.
Тој рече дека „се отвора и дилемата што ќе се случи со кадарот вработен во Министерството за внатрешни работи, десетици кувари, готвачи и келнери кои до сега беа ангажирани да подготват храна за полициските припадници“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На полноќ завршува објавувањето резултати од анкети за локалните избори

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги потсетува радиодифузерите дека согласно Изборниот законик, резултатите од испитувањата на јавното мислење во врска со Локалните Избори 2025, може да се објавуваат најдоцна пет дена пред датумот определен за одржување на првиот круг од изборите, односно најдоцна до 24:00 часот на 13 октомври 2025 година.
При објавување на резултатите од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето.
Резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите не смеат да се објавуваат пред затворањето на избирачките места.
Македонија
Изминатиот викенд лишени од слобода 13 лица за безобзирно управување на возило

За време на изминатиот викенд (11/12.10.2025) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1.502 издадени платни налози, 958 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 13 лица, од кои четири за возење под дејство на алкохол, четворица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место и пет возачи за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 97 прекршоци за неправилно паркирање, 122 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 47 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле пет возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и двајца пешаци. Исто така санкционирани се 43 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 33 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а три заради техничка неисправност. Санкционирани се и пет возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии)“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, додаваат од МВР.
Македонија
„Дали Спасовски ургирал во СВР Штип за да се спаси газдата на „Пулс“, што крие ЈО и дали Коцевски го штити Спасовски“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Јавноста мора да добие одговор. Дали Оливер Спасовски во својство на министер за внатрешни работи лично се јавувал во СВР Штип и барал да се изврши притисок врз полицијата во Кочани за да се заштити газдата на дискотеката Пулс“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„Според информациите кои излегоа во јавноста а се обелоденети во медиуми се фрла сомнеж на вмешаност на врвот на СДС во случајот со нелегалното работење на дискотеката Пулс.
Според објавените телефонски разговори од 17 февруари 2022 година синот на газдата на Пулс Михаил Јованов се пофали на лицето Бојана дека „Оливер Спасовски се јавувал у Штип у полицијата за нас“.
Во разговорот се споменува казна од 40 000 од УЈП која според наводите требало да се „среди“ преку политичка интервенција. Наместо полицијата да го спроведува законот била под притисок „да не досадува“.
„И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се посе*ат“, завршува Михаил.
Ова е сериозно обвинување за злоупотреба на функција, влијание врз институциите и партиска заштита на блиски бизниси. Дали ЈО покренало постапка по овие наводи?
Дали Оливер Спасовски бил повикан на разговор и која е неговата улога во заштитата на газдата на дискотеката Пулс и работата на дискотеката? Дали е извршена контрола во СВР Штип и ОВР Кочани?
Дали Коцевски работи според закон или по нарачка на СДС? Коцевски и ЈО да не молчат. Доколку не е постапено тоа значи дека обвинителството свесно го прикрива скандалот и штити моќници“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.