Македонија
Грковска: Дефинирани се наредните чекори за воспоставување на електронски идентитет за секој граѓанин
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа работен состанок со естонскиот експерт Раул Каидро и претставници од Министерството за внатрешни работи, на кој беа анализирани натамошните чекори за воспоставување на електронски идентитет за секој граѓанин во Северна Македонија врз основа на Планот за воспоставување на национален електронски идентитет со План за реализација, што беше усвоен на вчерашната владина седница.
На состанокот, на кој присуствуваа и претставници од амбасадата на САД во земјава, како поддржувачи на целиот процес, експертот Каидро го презентираше Концептот во кој се дефинирани сите натамошни чекори, како и структурата што треба да биде воспоставена за да се воведе електронски идентитет, предуслов за процесот на дигитална трансформација на општеството.
Вицепремиерката Грковска оцени дека станува збор за комплексен процес, но дека сите надлежни институции мора целосно да се посветат на планот за реализација на оваа активност, бидејќи преку дигитална трансформација може да ја унапредиме ефикасноста на институциите, во интерес на граѓаните.
Процесот на дигитална трансформација на општеството, како и воспоставувањето на електронски идентитет, Република Северна Македонија го реализира преку естонскиот Центар за меѓународен развој во областа на дигитализацијата и е-управување, со поддршка на амбасадата на САД во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ назначи тројца нови директори на подружниците за парно греење
АД ЕСМ објави дека назначи нови тројца директори на филијалите, односно фирмите-ќерки, што претставуваат системи за топловодно загревање.
Според одлуката на Управниот одбор, Марјан Милошевски, дипломиран машински инженер, е именуван за директор на подружница Енергетика.
Али Исмаиљ, дипломиран инженер по компјутерски науки, ќе раководи со ЕСМ Снабдување со топлина.
Александар Мирчевски, електроинженер, е поставен за директор на ЕСМ Топлификација Битола.
Македонија
Министерот Мисајловски на состанок на Северноатлатнскиот совет на НАТО, на ниво на министри за одбрана
Министерот за одбрана Владо Мисајловски од денеска учествува на дводневениот состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво на министри за одбрана, во Брисел.
Ова е прв состанок на НАТО на високо ниво по Самитот во Вашингтон и воедно прв состанок што го води новиот генерален секретар Марк Руте.
На одделните сесии, главни теми за дискусија се: одвраќањето и одбраната на Алијансата, поддршката за Украина, и зајакнувањето на соработката со земјите од Индо-пацификот.
Целта на состанокот е преглед на имплементацијата на одлуките од Самитот во Вашингтон во насока на зајакнување на капацитетите на Алијансата за одговор на растечките закани и предизвици.
Денеска беше оддржан и Состанок на земјите членки на Глобалната коалиција за борба против ИСИС, во организација на САД, со која претседаваше секретарот за одбрана Лојд Остин. Од страна на Министерот Мисајловски беше потенцирано дека справувањето со тероризмот останува од суштинско значење за колективната одбрана, во рамките на која македонската Влада ќе продолжи да соработува со своите сојузници.
На сесијата со глобалните партнери, покрај висок претставник на Европската Унија, за прв пат се поканети и министрите за одбрана на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Република Кореја, на која се разговараше за тековните предизвици и неделивоста на глобалната безбедност.
Посебна сесија е посветена на јакнењето на соработката со Украина и јакнењето на глобалните партнерства. Во присуство на претседателот Володимир Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров, ќе се разговара за новата НАТО Команда за координација на помош и обука за Украина, финансиската поддршка и за другите иницијативи што ќе овомзможат долгорочна помош.
На маргините на состаноците, министерот Мисајловски оствари одделни билатерални состаноци со своите колеги од Албанија, Норвешка и Словенија, и се заложи за понатамошно зајакнување на билатералната соработка во областа на одбраната.
Македонија
МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија
Претседателството на МАНУ укажува дека Академијата никогаш не се занимавала и нема да се занимава со дневнополитички расправи и партиски дискусии, кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, односно со работи кои спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и на државните институции, се наведува во соопштението од МАНУ во однос на најавите од некои политички партии за основање на академија на етничките Албанци во Македонија.
– Напоменуваме дека во Македонија, како и во земјите во регионот и во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Постојат примери во државите во регионот и пошироко за формирање на т.н. струкови академии во рамките на соодветни стручни здруженија (Академија за архитектура, Академија за медицински науки и др.), како и други научно-уметнички друштва во поголемите градови и во регионалните центри, но нема примери за формирање на паралелни национални академии, се подвлекува во соопштението од Претседателство на МАНУ.
„МАНУ секогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и од каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа. Од нејзиното основање до денес, членови во Академијата биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другото, во последните петнаесетина години, во составот на МАНУ членуваа четири члена со албанска етничка припадност (од коишто, во трите последователни раководства, еден од нив ја извршуваше функцијата научен секретар, а двајца беа потпретседатели на Академијата, од кои еден и со мандат во актуелното раководство на Академијата), како и четири члена надвор од работниот состав“, посочуваат оттаму.
МАНУ, се наведува во соопштението, претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во нашата држава, формирана во 1967 година, во согласност со највисоките универзални научни и уметнички стандарди и критериуми. Таа, повеќе децении наназад, со својата научно-истражувачка дејност, преку своето творештво и со советодавната улога, претставува столб во градењето и во зачувувањето на идентитетот и на државноста на македонскиот народ и на деловите од другите народи кои живеат во земјата.