Македонија
Маричиќ од Брисел: Со пристапните преговори го отвораме внатрешниот пазар на ЕУ за македонските компании
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ го отвори денешниот билатерален скрининг за Поглавје 7, „Право на интелектуална сопственост“, на кој истакна дека создавањето поволна средина за водење бизнис на внатрешниот пазар е главна цел на регулативите на ЕУ кои ги спроведуваме во областа на правата на интелектуална сопственост.
– Преговорите со ЕУ носат подобра заштита на потрошувачите, брендирање и подобро позиционирање на македонските компании на внатрешниот пазар на ЕУ, рече вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека тоа е важно за нашите мали и средни претпријатија, но и воопшто за луѓето кои се занимаваат со уметност и иновативност.
Маричиќ пред претставниците на Европската комисија изрази надеж дека до крајот на оваа година ќе ја одржиме втората Меѓувладина конференција и ќе го отвориме Кластерот „Фундаментални вредности“, со цел да напредуваме во процесот.
– Денес, имаме уште едно важно поглавје – Поглавје 7, „Право на интелектуална сопственост, област каде што постојано бевме поддржани од ЕУ во спроведувањето на реформите низ годините. Во однос на административната структура, Државниот завод за индустриска сопственост и Министерството за култура се главните административни столбови, додека клучни документи во областа се Законот за индустриска сопственост, Законот за авторско право и сродни права и Законот за царина и мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост, истакна Маричиќ.
Тој ја потенцираше важноста од понатамошно усогласување на нашето законодавство во областа на интелектуална сопственост и укажа дека Владата посветено работи на развој на Стратегијата за интелектуална сопственост во рамки на Националната стратегија за развој 2022-2042 година.
Што се однесува до потребата од целосно усогласување со Директивите на ЕУ вицепремиерот за европски прашања Маричиќ ги посочи сите Директиви кои досега сме ги усвоиле и ги најави сите тековни активности и предлог закони, како новиот Закон за деловни тајни кој се очекува да биде усвоен до јуни оваа година. Маричиќ ја информираше Европската комисија дека Мрежата за електронска размена на податоци е во завршна фаза и на тестирање.
– Развојот на оваа е-мрежа ќе овозможи размена на податоци за интелектуална сопственост помеѓу институциите во Северна Македонија и ИРП – електронскиот систем за трговски марки, патенти и индустриски дизајни. Се очекува е-мрежата да биде оперативна до 2026 година, истакна Маричиќ.
Државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања и заменичка на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили која исто така е присутна на билатералниот скрининг посочи дека во изминитатиот период Северна Македонија работела на транспозиција на релевантното европско аки во нашето законодавство, како и на јакнење на административните и оперативните капацитети, во областа на правата од индустриска сопственост, но дека потребни се соодветни механизми, особено ефикасен капацитет за спроведување на политиките за право на интелектуална сопственост на национално ниво.
Во Брисел денеска започна билатерален скрининг состанок за Поглавје 7 на кој македонскиот преговарачки тим го претставува постигнатото и сè што е направено поврзано со правата на интелектуална сопственост, со што треба да овозможи подобра циркулација на стоки и услуги, како и забрзување на технолошкиот развој. Истиот ќе продолжи и утре, а до крајот на работната недела ќе се одржи и билатералниот состанок за Поглавјето 6, „Право за трговски друштва“.
На денешниот билатерален скрининг се презентираше на темите поврзани со законодавството за права на интелектуална сопственост, правилата за правна заштита на авторските и сродните права, како и посебните одредби кои се применуваат за заштита на бази на податоци, компјутерски програми итн.
Членовите на македонската делегација на денешниот билатерален состанок се претставници на Државниот завод за индустриска сопственост, Министерството за култура, Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, Државниот пазарен инспекторат и Државната комисија за спречување на корупцијата, институции кои се релевантни за Поглавјето 7, „Право на интелектуална сопственост“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

