Македонија
Маричиќ: Со европски вредности да се надвладеат провокациите и инцидентите
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на билатералната средба со бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, рече дека соработката и меѓусебната почит како модели за успех еднакво се нужни и за земјите членки на ЕУ и за земјите што се на пат да станат членки на ЕУ.
„Меѓусебното почитување и уважување изградено врз европски вредности е единствениот модел за успех за сегашните и идните генерации. Знаеме дека секогаш ќе постојат фактори и од двете страни на границата, а и надвор од тие рамки, кои сакаат инциденти, национализам, конфликти и враќање во минатото“, рече Маричиќ на средбата.
Вицепремиерот заедно со европратеникот Ќучук потврди дека покрај сите провокации и обиди за нарушување на добрите односи, двајцата, заедно со граѓаните, сакаат и силно се залагаат за соработка и добрососедство, кои носат благосостојба за двете држави и двата народа и дека веруваат дека таа опција е и помногубројна и посилна и дека со сигурност ќе надвладее во оваа ситуација.
Маричиќ во рамките на официјалната посета на Брисел во Европскиот парламент се сретна и со европратениците Ирена Јовева и Дејвид Мекалистер, со кои разговараше за текот на скрининг-процесот, реформскиот план и обврските и задачите што ги имаме до крајот на оваа година.
На средбата со Мекалистер беше истакнато дека сега Северна Македонија мора фокусот да го стави на реформите и на политичкиот консензус бидејќи тие се гаранти за брз напредок на патот кон ЕУ. Исто така, Мекалистер рече дека Европа се соочува со безбедносни предизвици и затоа е важно регионот да остане стабилен и на европскиот пат.
„Членството во ЕУ мора да остане наш надворешнополитички приоритет, како и дека ги спроведуваме неопходните реформи за да можеме да ја исполниме нашата цел и визија, 2030 да е година за членство во ЕУ“, истакна Маричиќ.
Маричиќ разговараше и со европратеничката Ирена Јовева, која му ја потврди позитивната енергија за Северна Македонија и поддршката од европските пратеници и Европскиот парламент за преговорите со ЕУ.
Отворање политички дијалог во Парламентот и заедничка соработка за евроинтеграциите ќе значи влегување на Северна Македонија во следната фаза од процесот. Северна Македонија има капацитет и убедени сме дека сега се неопходни напредок и опипливи резултати кога станува збор за спроведувањето на реформскиот план и клучните области, како владеење на правото, судството и борбата против корупцијата, посочи Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ сака да ја врати Македонија во времето на страв и уцени
ВМРО-ДПМНЕ сака повторно да ја врати Македонија во времето на страв, на уцени и притисоци, но граѓаните нема да потклекнат, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вечерашниот собир во Конче во поддршка на кандидатот за градоначалник од СДСМ, Благој Илиев.
Тој остро ги осуди притисоците врз граѓаните во текот на кампањата, потенцирајќи дека власта на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги заплаши луѓето преку институциите.
„Со полиција, финансиска полиција, шумска полиција, преку социјалните служби, прават притисок врз граѓаните. Сакаат да потсетат на времето кога сите живеевме во страв и уцени. Но тоа време заврши. Луѓето сакаат нормален живот, без притисоци, без закани, без поткуп,“ рече тој.
Филипче повика на масовна излезност во недела и поддршка за кандидатот на СДСМ, Благој Илиев.
„Да излеземе во огромен број во недела и да го заокружиме бројот 5 за Благој Илиев, човекот кој работи за вас, не за себе. За Конче да продолжи да се развива“, рече Филипче.
Тој кажа дека градоначалниците од СДСМ реализирале 90 до 100 проценти од ветеното.
„Нема општина во која СДСМ има градоначалник, а да ветената програма не е завршена 90 или 100 проценти“, рече Филипче.
Тој истакна дека граѓаните најдобро ја чувствуваат разликата кога општините ги водат луѓе кои работат чесно и посветено во интерес на сите.
„Многу добро знаете како Благојче работеше во минатиот мандат, како се однесуваше додека беше градоначалник, дека вратата му беше секогаш отворена и дека работеше за доброто на општината и на вас, граѓаните“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ во своето обраќање нагласи дека токму оваа разлика меѓу одговорно и неодговорно владеење се гледа насекаде низ државата.
„Нема општина во држава во која што има градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а да програмата е завршена повеќе од 20 проценти. Како да се натпреваруваат кој помалку ќе работи за граѓаните“, рече Филипче.
Македонија
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, со поддршка на Горан Герасимовски за втор градоначалнички мандат
Претседателката на ЛДП Моника Зајкова, денеска даде поддршка за втор градоначалнички мандат на Горан Герасимовски, којшто воедно е и актуелен градоначалник на Општина Центар.
Таа, потенцира дека сега е моментот да се изберат резултати, одговорност и отчетност, а не празни ветувања, токму затоа ја дава поддршката на Горан Герасимовски, кој, според Зајкова, ја препознава граѓанската визија, има искуство и е подготвен да работи посветено за доброто на заедницата.
„Одејќи накај Собрание (бидејќи работиме на новиот Предлог- закон за комунална полиција), наидов на предизборните активности на кандидатот за градоначалник на општината во која живеам. Водејќи се од визијата дека на граѓаните им се потребни искусни луѓе кои испорачуваат резултати, а не изговори, упатувам особен повик до сите граѓани кои во првиот круг гласаа за кандидати кои не влегоа во вториот круг: Поддржете кандидат кој ги разбира вашите потреби, кој со своето искуство и посветеност ќе испорача повеќе резултати и веднаш ќе започне со работа – со завршување на започнатите проекти и реализација на нови решенија во интерес на сите нас. Затоа давам поддршка за луѓе како Горан – кои ја препознаваат граѓанската визија, имаат искуство и се подготвени да работат посветено за доброто на заедницата. Сега е моментот да избереме резултати, одговорност и отчетност, а не празни ветувања“, напиша Зајкова, на својата објава на Фејсбук.
Македонија
Утре сончево време со температура до 21 степен
Времето утре наутро ќе биде постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла

