Македонија
Над 40 странски македонисти со решеност за изучување на македонистиката – заврши зимската школа во чест на Ацо Шопов
Третата зимска школа не само што овозможи над четириесет странски македонисти од четири континенти да ги унапредат своите знаења од областа на македонистиката, туку и ги поттикна да продолжат со нивната посветеност, со решеност: подготвени сме и натаму да бидеме амбасадори на Македонија, македонскиот јазик, литература и култура. Уште еднаш се потврди дека и во времето што е пред нас, македонскиот јазик, литература и култура, силно ќе одекнуваат низ светот, а со нив и вистината за нашата татковина. Поезијата на Ацо Шопов доби нови вреднувања, толкувања и преводи преку прочитот на странските македонисти од напреднатото рамниште.
Ова меѓу другото беше истакнато на свеченото затворање на Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) која беше во чест на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов. Со неа, во понеделникот започна и спроведувањето и на националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, по повод 100 години од раѓањето на великанот.
На затворањето на Школата се обратија министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по што беа претставени и учесниците од сите групи, од кои дел и се обратија, истакнувајќи ја својата решеност и натаму да се посветени на македонистиката.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска ја истакна важноста на МСМЈЛК при УКИМ за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот, како и на заложбите на странските македонисти и слависти. Во своето обраќање, таа, осврнувајќи се на значајноста на големиот јубилеј, ги нагласи и заложбите за активности кои ќе следат по Третата зимска школа, а се дел од националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“ која започна да се остварува со оваа традиционална активност на МСМЈЛК при УКИМ.
Во своето обраќање, директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска ги цитираше стиховите на Ацо Шопов: „Татковино, песно недопејана, песно неспокојна, / спокојот во нас ќе го ископаме: ќе го ископаме од искони!“
– По размислите за постигнатото со Третата зимска школа, овие стихови на великанот Ацо Шопов, како одново да се раѓаат, во нова форма и со некој нов, повеќезначен одглас – во нас, во сите оние кои на еден или друг начин бевме дел од неа. И тоа одново се раѓаат двоејќи се од темнината – онака како што пееше Шопов за раѓањето на зборот. Одново, во нас „ископавме“ исконски спокој, бидејќи преку оваа Школа, уште еднаш се потврди дека и во времето што е пред нас, македонскиот јазик, литература и култура, силно ќе одекнуваат низ светот, а со нив и вистината за нашата татковина. Оти има посветеници кои се вложувааат и се подготвени и во годините што следат да се вложуваат во странската македонистика, истакна Мојсова-Чепишевска.
Таа и напомена дека завршницата на оваа Зимска школа е само најава на почетоци на нови активности и залагања, на нови постигнувања во времето пред нас.
На настанот, од името на семејството на Ацо Шопов се обрати неговата ќерка, Јасмина Шопова, која упати благодарност до МСМЈЛК при УКИМ и до учесниците на Школата за залагањата за натамошни вреднувања и афирмација на неговото творештво во меѓународни рамки.
Во рамките на свеченоста, при претставувањето на учесниците од седумнаеет држави, во своите обраќања, тие не само што ја потврдија својата определба да ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, туку и својата подготвеност за уште поголеми натамошни вложувања во следниот период, кои се клучни за развојот на странската македонистика.
Наставата за учесниците на Школата од напреднатото рамниште, во целост беше посветена на поезијата на Ацо Шопов. Како што истакнаа странските македонисти што ја следеа оваа настава, таа резултираше со бројни нови изучувања на творештвото на Шопов, нови книжевни преводи и можни проекти со кои делото на македонскиот книжевен великан дополнително ќе се афирмира во странските културни средини.
По Третата зимска школа, како што е веќе соопштено, МСМЈЛК при УКИМ планира и други активности посветени на Шопов во текот на оваа година, од кои дел веќе се опфатени во националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“.
Инаку, наставата на Третата зимска школа беше интензивна, со фонд од по 30 часа во групи според степенот на познавање на македонскиот јазик и интересот искажан од учесниците при пријавување на учеството – основно, средно и напреднато рамниште. На Школата имаше учесници од: Кина, Виетнам, Соединетите Американски Држави, Австралија, Турција, Полска, Словенија, Чешката Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Руската Федерација, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

