Свет
Шведскиот министер: Процесот за наш прием во НАТО е запрен, Турција е лута
Процесот на прием на Шведска во НАТО е запрен, изјави шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром.
Тој во изјава за „Експресен“ рече дека тоа се случило поради лутата реакција на Турција поради фактот што десничарскиот екстремист Расмус Палудан го запалил Куранот и поради демонстрациите во кои се критикува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Билстром изрази надеж дека на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во јули во Литванија ќе биде постигнат договор со Турција.
Ултрадесничарскиот политичар Расмус Палудан го запали Куранот на 21 јануари пред турската амбасада во Стокхолм, а вчера пред турската амбасада во Копенхаген. Тој додаде дека ќе продолжи со ваквите акции се додека Турција не го одобри членството на Шведска во НАТО.
Потегот на Палудан доведе до демонстрации во Турција, како и во голем број други муслимански земји.
Односите меѓу Шведска и Турција се влошија, а турскиот претседател Таип Ердоган рече дека Шведска не треба да смета на турската поддршка за членство во НАТО.
Шведска денеска ги предупреди своите граѓани во Турција да избегнуваат гужви и собири, поради протестите.
„Од Швеѓаните во Турција се бара да го следат развојот на настаните и да избегнуваат големи собири и демонстрации“, објави шведското Министерство за надворешни работи на својата веб-страница во упатствата за своите граѓани во странство.
Најавено е и дека „во наредните денови може да се очекува продолжување на демонстрациите пред амбасадата во Анкара и пред генералниот конзулат во Истанбул“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руска амбасада: Лондон се обидува да ги саботира преговорите за Украина
Руската амбасада во Велика Британија денес објави дека новите британски санкции и извештајот за смртта на британската државјанка Дон Стурџис, која наводно била изложена на нервниот агенс „новичок“ во близина на Солсбери во 2018 година, се јасен обид на Лондон да го наруши процесот на преговори за Украина.
Порано денес, британските власти ги објавија наодите од официјалната истрага за смртта на Стурџис, во која се заклучува дека таа била случајна жртва на инцидентот во Солсбери, пренесува РИА Новости.
Руската амбасада нагласи дека авторите на извештајот повторно се обидуваат да ја обвинат Русија за нападот со хемиско оружје во Солсбери.
„Целите на британските власти во овој случај се сосема јасни. Постои јасна желба да се попречи забрзаниот процес на преговори за мирно решавање на конфликтот околу Украина.“
Објавувањето на истражниот извештај се совпадна со влошувањето на ситуацијата во Киев и неуспесите на украинските вооружени сили на фронтот“, се наведува во соопштението.
Руската амбасада во Велика Британија, исто така, изјави дека „со своите нови антируски дејствија, Лондон дополнително се дистанцира од овој клучен политички процес“, пренесува Танјуг.
Велика Британија воведе санкции и против Генералната дирекција на Генералштабот на руските вооружени сили, тројца од нејзините вработени и осум други Руси.
Фото: ЕПА
Свет
Убиецот на Шинзо Абе за прв пат му се извини на семејството на поранешниот премиер
Мажот обвинет за убиството на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе се извини на семејството на починатиот политичар за прв пат. Тецуја Јамагами, кој претходно се изјасни за виновен за убиство и други обвиненија, вчера пред судот изјави дека „длабоко жали“ за вдовицата на Абе, Акие, објави Би-би-си.
Јамагами го застрелал Абе со рачно изработено оружје за време на политички митинг во западниот јапонски град Нара на 8 јули 2022 година. Поранешниот премиер почина истиот ден во болница, а неговата смрт го шокираше светот. Абе беше познат по својата строга надворешна политика и препознатлива економска стратегија што стана позната како „Абеномика“.
„Им предизвикав три и пол години страдање… Немам изговор“, изјави Јамагами пред судот.
Јамагами наводно им рекол на истражителите дека го нападнал Абе затоа што го обвинувал за промовирање на Црквата на обединување, за која тврди дека финансиски ја уништила неговата мајка и целото семејство. Неговите обвинувања предизвикаа широка истрага за Црквата на обединување, која е основана во Јужна Кореја и е позната по организирање масовни свадби.
Црквата на обединување беше предмет на контроверзии дури и пред атентатот врз Абе. Дедото на Абе, Нобусуке Киши, исто така поранешен јапонски премиер, беше познат како близок до црквата поради нејзината антикомунистичка природа, а самиот Абе во минатото зборувал на настани поврзани со групата.
Во март оваа година, суд во Токио нареди црквата да се распушти, а организацијата изјави дека ќе „се бори до крај“. За време на сослушувањето минатиот месец, обвинителите прочитаа изјава од вдовицата на Абе, Акие, во која таа напиша: „Тагата поради губењето на мојот сопруг нема да биде ублажена“.
Свет
САД го прошируваат списокот на земји на чии граѓани им е забранет влез
Соединетите Американски Држави планираат да го прошират бројот на земји опфатени со забраната за патување на повеќе од 30, изјави американската министерка за внатрешна безбедност, Кристи Ноем.
„Нема да бидам прецизна за точниот број, но тоа е повеќе од 30, а претседателот продолжува да ги оценува земјите“, рече Ноем во интервју за американската телевизија „Фокс њуз“, одговарајќи на прашањето дали администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира да го зголеми бројот на земји опфатени со забраната на 32.
Ноем не прецизираше кои земји ќе бидат додадени на списокот. „Ако таму немаат стабилна влада, ако немаат земја што може да се спротивстави и да ни каже кои се овие луѓе и да ни помогне да ги провериме, зошто би им дозволиле на луѓето од таа земја да доаѓаат тука во Соединетите Американски Држави“, рече таа.
Во јуни, Трамп потпиша проглас со кој им се забранува на граѓаните на 12 земји влез во Соединетите Американски Држави и се ограничува влезот на седум други земји, велејќи дека е неопходно да се заштитат од странски терористи и други безбедносни закани. Забраните важат и за имигранти и за неимигранти, како што се туристи, студенти и деловни патници, пренесува Танјуг.
Фото: ЕПА

