Македонија
(Видео) Владата: ЕУ е стратешки приоритет, реформските процеси ќе се интензивираат
Европската Унија е стратешки приоритет на Владата. Владеењето на правото ќе остане во фокусот на институциите за брз напредок во преговорите.
Вицепремиерката Славица Грковска во своето видеообраќање на панелот „ЕУ-интеграции и реформски процеси“, кој се одржа во рамките на годишната конференција „Година на нови можности“, рече дека е неопходен силен општествен консензус за воспоставување на принципите на добро владеење на секое ниво, во секоја институција и област.
„Секое работење мора да биде базирано на транспарентност, отчетност, владеење на правото, ефикасност и ефективност. Граѓаните се веќе суперсензитивни на корупција, на недомаќинско работење, на секаков вид злоупотреби на службената должност.
Во соработка со надлежните институции веќе се работи на решенија и политики што ќе овозможат корупцијата да стане неисплатлива. Јас немам илузии дека корупцијата може од корен да се искорени, но верувам дека таа може да се намали“, порача во своето видеообраќање заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики на добро владеење, Славица Грковска.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ истакна дека ова е најуспешна година во евроинтеграциите на Република Северна Македонија и клучна пресвртница во односите со Европската Унија.
„Оваа година треба успешно да го завршиме скрининг-процесот, да се фокусираме на реформите, да обезбедиме општествен политички консензус, уставни измени. Во овој период треба да вложиме максимални напори за обезбедување финансиска помош“, рече заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Министерот за правда, Никола Тупанчески, говорејќи за распределбата на предметите во судовите и јавните обвинителства, посочи дека од 1 јануари 2023 година задолжително се применува системот за управување со предмети во обвинителствата.
„Праксата за доделување судски предмети, како што беше во минатото, на рака, повеќе не постои. Во судовите предметите се распределуваат и прераспределуваат преку АКМИС-системот. Тоа е законска обврска, а начинот на распределба се уредува со судскиот деловник“, рече Тупанчески.
Во Министерството за информатичко општество континуирано се работи на обезбедување модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација, која обезбедува квалитетни и брзи услуги на граѓаните и деловните субјекти.
„Наша цел е деполитизирана администрација, која ќе биде транспарентна и отчетна, каде што ќе владее европскиот систем на вредности, со мерит-систем и голема професионалност. Активно работиме на новата стратегија за РЈА (2023-2030), документ со реални цели и активности, која ќе придонесе кон подобрување и приближување на нашата земја кон стандардите на ЕУ“, рече заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.
Амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џаин, порача сите напори на Владата да бидат насочени кон реформите за да има напредок.
„Ние цврсто сме посветени да им посакаме добредојде на земјите од Западен Балкан во семејството на ЕУ, но основите на процесот на пристапување сè уште важат: одредниците мора да се исполнат. Не е случајно што токму со владеењето на правото почнува и завршува процесот на пристапување на земјите кандидатки во ЕУ. Сите напори треба да бидат насочени кон реформите за да има напредок, фокусирано и решително. Шведска е најголемиот билатерален донатор меѓу земјите членки на ЕУ, со програма за реформска соработка, која има цел да им помогне на националните власти и граѓанското општество во процесот на интеграција во ЕУ. Денес, информираме дека оваа програма значително ќе се зголеми“, рече амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џаин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денес ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено во северозападните и северните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До понеделник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа повремено врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за појава на грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²). Од вторник ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Ѓорѓиевски објави фотографии од почетокот на акцијата за чистење, поддршка му даде и Мицкоски
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави фотографии на социјалните мрежи на кои се гледаат десетици камиони и други возила кои ќе го чистат Скопје.
Ѓорѓиевски во неговата изборна кампања вети дека кога ќе стане градоначалник, откако ќе му биде врачен мандатот за 72 часа ќе го исчисти Скопје.
„Започна големата акција за чистење на Скопје! За 72 часа, нашата метропола ќе ја добие свежината и сјајот кој го заслужува. Секој агол, секоја улица, плоштад со заеднички сили ќе бидат чисти. Скопје ќе блесне – уредено и достоинствено, токму како што доликува!“, напиша Ѓорѓиевски.
Македонија
Доделени ЕУ наградите за истражувачко новинарство
Церемонијата за доделување на Наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство 2025 се одржа денеска во Скопје на која беа наградени најдобрите стории објавени во Македонија во 2024 година. Престижната награда поддржана од Европската Унија ги препознава најдобрите истражувачки стории објавени во претходната година во земјите од Западен Балкан и во Турција, а координатор за Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Церемонијата ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој ја истакна посветеноста на Европската Унија во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.
Жири-комисијата која одлучуваше за нградите ја сочинуваа Валентин Нешовски, Соња Колевска-Делевска и Огњен Зориќ.
Победниците на кои сертификатите им ги доделија амбасадорот Рокас и претседателот на жири-комисијата Нешовски беа прогласени во следниот редослед:
3. место:
Срѓан Стојанчов и Снежана Лупевска Созен за сторијата „Досие Крмзов – Епски криминал или обид да му се одземе бизнисот“ од емисијата КОД, ТВ Телма која истражува финансиски криминал со мрежа на фирми кои испумпувале пари од државниот буџет.
2. место:
Сашка Цветковска, Бојан Стојановски, Александра Денковска, Трифун Ситниковски, Александар Јанев и Давид Илиевски (Истражувачка репортерска лабораторија) за сторијата „Украдени животи“ која ја открива шемата за крадење идентитети со цел подигање брзи кредити на туѓо име.
1. место:
Александар Димитриевски и Михаил Милошевски за сторијата „По трагите на Јулија“, која го истражува скандалот со „лажната“ диплома за англиски јазик на шефот на тајната полиција.
По доделувањето на наградите победниците имаа можност да одржат краток говор:
„Владеењето на правото е израз кој кај нас лесно се заборава. Се надевам дека сите стории, независно од нивниот епилог, дека оставаат порака кај сите што допрела, дека владеењето на правото не е само израз…“, рече Александар Димитриевски од 360 степени.
„Сакам да се заблагодарам на жирито, второ на сите колеги кои работеа, а не се тука на сцената и трето за овој случај има 43 обвинети, сега случајот е во истрага, но за жал сите измамени граѓани се уште се должници во кредитно биро оти судството се уште не си ја завршило работата. Се надевам дека работат побрзо за да ги заштитат своите граѓани во иднина“, рече Александра Денковска од ИРЛ по примањето на втората награда.
„2024 беше прилично добра година од аспект на истражувачко новинарство, може да ми текне барем на 7-8 стории кои беа одлични. Навистина сум почестен што сме во тоа друштво. Истражувањата за финансиски криминал немаат многу простор во дневното новинарство и затоа драго ми е што имав време да го сработам тоа“, рече Срѓан Стојанчов од тимот на КОД.

