Македонија
Груби: Нема повеќе време, ниту простор за калкулации, или сте „за“ или сте против Европа
Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денеска учествуваше на годишната владина конференција „2023 година на нови можности за економски развој и европски интеграции“.
„Политиката на нашата Влада е храбра и прогресивна, политика на нула проблеми со соседите и целосно регионално и евро-американско партнерство. А политиката на страв е политика на уназадување, тоа е политика што одржува статус кво, а кога сите други напредуваат, тие што се заглавени во место, всушност, се уназадуваат“, рече, меѓу другото, првиот вицепремиер Груби во својот говор пред присутните.
„Бевме реизбрани по неуспешниот обид во Собранието да се спречи почетокот на преговорите со Европската Унија со мотиви да се втурне нашата земја во непредвидливост. Не дозволивме инсталирање парламентарно мнозинство зависно од Москва, кое ќе избира марионетска влада на услуга на некој друг, а не на граѓаните. Овие напори не престанаа. Ваквите закани се секојдневие на нашата власт, но тоа не нè обесхрабрува. Напротив, уште повеќе нè зајакнува да го реализираме она што им го ветивме на граѓаните – еднаквост, развој, интеграција, мир, безбедност и стабилност“, изјави Груби.
Тој додаде дека го заокружиле нормативниот дел од Охридскиот договор и сега неговата имплементација е секојдневие и ни овозможи да имаме рамноправно општество, сведоци сме дека не е донесена маргинализирачка, дискриминаторска одлука и нема никакви пречки во спроведувањето. Државата покажува лојалност кон заедниците, а заедниците ѝ враќаат со лојалност. Нашата држава не изгуби ништо, ниту од знамето, ниту од јазикот, ниту од општините ниту од универзитетот, напротив, стана многу посилна и постабилна и овој процес ѝ ја отвори европската перспектива на земјата. И по Охридскиот договор, сонцето повторно изгреа и ние сме истите, на исто место, но со многу поздраво општество.
„Го почитуваме договорот од Преспа во целост, го променивме Уставот. Повторно ништо лошо не се случи со нашата земја. Станавме членка на НАТО, странските инвестиции се зголемија, безбедни сме во овие тешки и непредвидливи времиња. И по договорот од Преспа, сонцето повторно изгреа и нашата земја остана таму каде што беше, но многу посилна и со повеќе пријатели. Дури и со Србија го решивме прашањето за автокефалноста на православната црква и повторно ништо лошо не ни се случи. Договорот за добрососедство го одобривме и во Владата и во Собранието и како резултат на тоа во јули минатата година, конечно, ги почнавме преговорите за членство во Европската Унија. И по тоа, сонцето повторно изгреа, а ние зборуваме на истите јазици што ги зборувавме и пишувавме, се чувствуваме како што сме, без да дозволиме никакво наметнување, но сега како земја што преговара со Брисел“, истакна Груби.
Тој додаде дека ова е единствениот пат за проекти, автопати, железници, депонии, училишта, болници, градинки, подобар стандард на живеење, за владеење на правото, за борба против корупцијата и организираниот криминал, за чистење на нашите општествени редови и јавноста од монтерите на стравот и директните и индиректните пречки на европскиот пат.
Ги повика да дојдат сите, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, политички партии, граѓанското општество, медиумите, креаторите на јавното мислење, академскиот свет и граѓаните, дојдете на првата линија на европско-македонскиот фронт.
Нема повеќе време и простор за калкулации и измами, или сте „за“ Европа или сте против, нема простор за средна зона бидејќи нема друга алтернатива, рече Груби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
СДСМ има решение: Наместо луксуз на власта – 600 евра плати за работниците и поддршка за компаниите
„Претседателот на СДСМ, Венко Филипче понуди јасно, конкретно и остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра преку ребаланс на буџетот. Нема простор за изговори на власта: пари во буџетот има, но тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги трошат за луксуз и криминални тендери“, велат од СДСМ.
„За зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра.
Само со рационално кратење на трошоците во две буџетски категории може целосно да се обезбедат потребните средства.
Кратење на 20 до 30% на делот „стоки и услуги“, каде што се, патувања, репрезентации, договорни услуги, возила, мебел и комфор на функционерите, може да се обезбедат меѓу 90 и 130 милиони евра.
Со кратење на делот „разни трансфери“ може да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра.
Со кратење само во овие две категории се обезбедуваат од 130 до над 200 милиони евра.
Овие пари се доволно не само за минимална плата од 600 евра, туку и за дополнителна мерка за поддршка на приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите, со што компаниите ќе можат да ги зголемат платите без да се загрози нивната ликвидност.
Не може да има пари за луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците.
Изговори нема. Ако власта сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот. СДСМ ќе го поддржи“, соопшти СДСМ.
Македонија
Во текот на јануари се отстранети 𝟤𝟩𝟨𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на првиот месец од 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 13 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, известуваат од Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, беа отстранети и 2765 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Во рамките на активностите за отстранување диви депонии е интервенирано во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец јануари изготви вкупно 56 едукативни записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Најголем број на записници – вкупно 32 – се врачени во скопската општина Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со одржување на јавната хигиена на булеварите, како и улиците што се во надлежност на Градот Скопје во сите скопски општини. Секојдневно, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.

