Свет
Аналитичарите: Трамп се доближува до Бајден
Популарноста на американскиот претседател Џо Бајден е во благ пад откога информациите за тајните документи пронајдени во неговите канцеларии станаа јавни, а неговиот претходник Доналд Трамп малку ја зголемува предноста пред потенцијалниот републикански предизвикувач.
Иако Бајден долго време го поддржуваат помалку од половина од американските граѓани, пред две недели актуелниот претседател го постигна својот најдобар резултат од 2021 година – анкетите му дадоа поддршка од речиси 48 проценти.
Тоа го укинаа резултатите од конгресните избори и кавгата на републиканците за идеалниот противник на Бајден на следните претседателски избори. Поранешниот претседател Трамп е во центарот на вниманието на медиумите поради истрагата што е поведе против него вклучувајќи го и откривањето стотици доверливи документи во неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида, кои ги зел со себе по напуштањето на Белата куќа.
Фокусирањето на Трамп помогна дел од американската јавност да се сети зошто воопшто гласаа за Бајден, но бидејќи во медиумите се појавија информации дека кај Бајден се пронајдени тајни документи од времето кога тој беше потпретседател на Барак Обама, Трамп падна во заднина, а многу неопределени гласачи го доведуваа во прашање интегритетот на Бајден.
Аналитичарите посочуваат дека двата случаја не се споредливи ниту по обемот на документите ниту по начинот на кој се решени. Додека помошниците на Бајден веднаш го известиле Националниот архив за откривањето на документите, а потоа ги предале, Трамп и неговите адвокати првин одбиле да ги вратат документите за кои се знаело дека се во негова сопственост, а потоа тврделе дека ги вратиле сите. Претресот на ФБИ пронајде уште неколку кутии со доверливи документи во одморалиштето на Трамп.
Според најновата анкета на Си-ен-ен и ССРС, Бајден сега ужива поддршка од речиси 46 отсто меѓу регистрираните гласачи, а претходната анкета на Правниот факултет на Универзитетот „Маркет“ покажа дека неговата поддршка се намали од 47 отсто на 44 отсто.
Си-ен-ен истакнува дека тоа не е голем пад, но сепак е значаен. Прашање е колку самото обелоденување на документите влијаело на тој пад – во исто време се зголеми и цената на горивото на американските пумпи, на што американските гласачи се исклучително чувствителни.
Трамп, од друга страна, почна да ја враќа предноста пред гувернерот на Флорида, Рон де Сантис, кој многумина од десницата го поздравија како нова ѕвезда на Конзервативната партија по изборите.
Пред изборите Трамп водеше со дури 30 поени пред Де Сантис кај републиканците, но кога резултатите на нивната партија сериозно пропаднаа, освен на Флорида на Де Сантис, водството на Трамп беше намалено на само десет поени.
Последните анкети покажуваат дека оваа предност повторно почнала да расте и сега изнесува околу дваесет процентни поени во корист на Трамп, што значи дека поранешниот претседател во моментот е најверојатниот победник на прелиминарните избори за републиканскиот претседателски кандидат.
Анкетата спроведена од колеџот „Емерсон“ покажува дека 55 отсто од републиканските гласачи би го избрале Трамп, а околу 29 отсто би го избрале Де Сантис.
Доколку Бајден и Трамп повторно се судрат на претседателските избори, резултатот би бил многу понеизвесен – и двата би биле избрани од речиси 40 отсто од гласачите во овој момент, пренесе „Денес.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Киднапирањето на мајката на ТВ-водителката ја потресе Америка, семејството објави снимка: „Ќе платиме“
Американската телевизиска водителка Саванa Гатри и нејзиното семејство објавија ново видео во кое молат за безбедно враќање на киднапираната мајка, порачувајќи им на киднаперите: „Ќе платиме“. Нејзината мајка, Ненси Гатри, исчезнала минатиот викенд од својот дом во Тусон, Аризона, а властите веруваат дека станува збор за киднапирање, пишува Би-Би-Си.
„Ја примивме вашата порака и ја разбираме“, вели Гатри во видеото објавено во саботата навечер на Инстаграм, опкружена со братот и сестрата. „Ве молиме, вратете ни ја нашата мајка за да можеме да славиме со неа.“
View this post on Instagram
„Тоа е единствениот начин да најдеме мир“, продолжува таа. „Ова ни е бескрајно вредно. И ќе платиме.“ Во видеото не откри детали за пораката што ја спомнува.
Ненси Гатри исчезнала среде ноќ од својот дом минатиот викенд. Нејзиното отсуство било забележано кога во неделата не се појавила на богослужба. Властите утврдиле дека рано во неделата наутро камерата на влезната врата била исклучена и отстранета. Околу 2:28 часот по локално време, апликацијата поврзана со нејзиниот пејсмејкер била исклучена од телефонот.
Претходно оваа недела, властите соопштија дека сè уште немаат идентификувано осомничен. Понудена е награда од 50.000 долари за информации што би довеле до нејзино пронаоѓање.
Специјалниот агент на ФБИ, Хит Џенке, потврди дека се истражува можна порака за откуп испратена до неколку медиуми. Тој изјави дека пораката „содржела информации поврзани со рок и парична сума што се бара“. Властите во петокот соопштија дека се „свесни за нова порака поврзана со Ненси Гатри“ и ја проверуваат нејзината веродостојност.
Локална телевизиска станица потврдила дека примила порака, без да открие детали. Според порталот ТМЗ, киднаперите наводно барале милиони долари во криптовалута.
Семејството претходно објави видеа во кои побара доказ дека Ненси е жива и изрази подготвеност за разговор. ФБИ уапси едно лице поради испраќање лажна порака за откуп.
Семејството и полицијата предупредуваат дека Ненси може да биде во животна опасност без своите лекови.
„Таа е без своите лекови. Потребни ѝ се за да преживее“, изјави Саванa Гатри во претходна објава.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека разговарал со Гатри и понудил помош од федералните служби. Шерифот на округот Пима, Крис Нанос, изјави дека истрагата продолжува и дека засега се верува оти Ненси е жива.
Саванa Гатри (54) е американска телевизиска новинарка и од 2012 година е ко-водителка на емисијата „TODAY“ на NBC News, како и главна правна дописничка и водителка на изборното покривање.
Свет
Вонредни избори во Јапонија: Такаичи подготвена да замине ако коалицијата загуби
Во Јапонија утрово започна гласањето на вонредните парламентарни избори, во услови на снежни врнежи низ целата земја, што би можеле да ја намалат излезноста, јавија јапонските медиуми.
Премиерката Санае Такаичи и нејзината Либерално-демократска партија (ЛДП), во коалиција со Партијата на иновации на Јапонија (ЈИП), се стремат да обезбедат мнозинство во Донниот дом на парламентот. Такаичи, која минатиот октомври стана прва жена премиер во Јапонија, најави дека ќе поднесе оставка ако коалицијата не добие мнозинство.
На изборите се кандидираа околу 1.300 лица за 465 места. Анкетите предвидуваат убедлива победа на коалицијата ЛДП–ЈИП. Се натпреваруваат и опозициски партии, меѓу кои Центристичкиот реформски сојуз, Демократската партија за народот, Комунистичката партија на Јапонија, Сансеито, Социјалдемократската партија, Реива Шинсенгуми и други.
Свет
Во Дубаи уапсен сторителот на обидот за атентат врз рускиот генерал Алексеев, ФСБ уапси и соучесник во Москва
Сторителот на обидот за атентат врз генерал-полковникот на руската воена разузнавачка служба, Владимир Алексеев, беше приведен во Дубаи и предаден на Русија. Станува збор за руски државјанин.
„Со помош на партнер од Обединетите Арапски Емирати, рускиот државјанин Љубомир Корба, роден во 1960 година, кој беше непосреден сторител на злосторството, беше приведен во Дубаи и предаден на руската страна“, се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.
Во соопштението на ФСБ се наведува и дека Виктор Васин, соучесник во обидот за атентат врз генерал Алексеев, е приведен во Москва.
„ФСБ, заедно со Министерството за внатрешни работи на Русија, по истражните мерки во врска со обидот за убиство на првиот заменик-началник на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, генерал-потполковник Владимир Алексеев, го идентификуваа и уапсија соучесникот во ова злосторство, рускиот државјанин Виктор Васин, роден во 1959 година, приведен во градот Москва“, се вели во соопштението.
На 6 февруари, непознат напаѓач го застрела генерал-потполковник Алексеев во станбена зграда во Москва.
По обидот за атентат, генералот Алексеев беше хоспитализиран во тешка состојба, а потоа беше покрената истрага и кривична постапка за обид за убиство и нелегална трговија со огнено оружје.

